Ноќ на терор во Москва со десетици загинати
23 март 2024Терористичката организација Исламска држава ја презеде одговорноста за крвавиот напад во концертната сала во поширокиот регион на рускиот главен град, Москва. Групата ја презеде одговорноста за злосторството преку онлајн сервисот за кратки пораки Телеграм. Од руските власти сѐ уште нема официјална потврда за ова тврдење.
Во нападот во концертната сала, најмалку три лица во маскирна облека отвориле оган од автоматско оружје. Според податоците на Државниот истражен комитет во Русија, загинале повеќе од 60 луѓе, а Министерството за здравство на Московскиот регион зборуваше и за 145 лица кои ноќта биле пренесени во болниците. Од нив 60 се во тешка состојба. Претходно беше кажано дека повеќе од 100 луѓе се повредени. Утрово руската новинска агенција РИА јави дека во нападот загинале и три деца. Министерството за здравство претходно зборуваше за најмалку осум деца кои биле повредени во нападот.
Инцидентот се случи во Крокус Сити хол за време на концертот на рускиот бенд „Пикник“ од Санкт Петербург. Салата нуди места за илјадници гледачи.
Идентитетот на напаѓачите засега непознат
Засега нема информации за идентитетот на напаѓачите. Според руската новинска агенција РИА, тие веројатно избегале од местото на злосторството. Агенцијата го цитираше портпаролот на истражниот комитет на земјата дека е премногу рано да се каже нешто за судбината на напаѓачите. Во исто време, руски пратеник најави дека припадниците на Националната гарда ќе бидат повлечени од салата. Тие го пребарале приземјето, катовите и подземна гаража за паркирање во салата.
Највисоката руска истражна агенција спроведува истрага за терористичката заднина на нападот. Безбедносните власти соопштија дека во салата имало најмалку една експлозија. Потоа избувнал пожар. РИА објави дека напаѓачите фрлиле граната или огнена бомба. Горните катови на зградата се уништени од пожарот. Агенцијата Тасс објави дека пожарот се проширил на околу една третина од зградата и на речиси на целиот покрив. Службите за итни случаи на лице место, исто така, процениле дека пламенот се проширил на површина од најмалку 13.000 квадратни метри.
„Крвав терористички напад“
Руското Министерство за надворешни работи нападот го нарече „крвав терористички напад“. „Целата глобална заедница мора да го осуди ова страшно злосторство“, напиша портпаролката на министерството Марија Захарова на онлајн сервисот Телеграм. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за настаните „од првите минути“. Путин подоцна преку потпретседателката Татјана Голикова изјави дека на повредените во нападот им посакува брзо закрепнување и им се заблагодари на лекарите за нивните напори.
Шефицата на Советот на Федерацијата - Горниот дом на рускиот парламент - Валентина Матвијенко им се закани на одговорните за нападот со одмазда.
„Оние кои стојат зад ова страшно злосторство ќе ја добијат заслужената и неизбежна казна“, напиша таа на Телеграм. Истовремено, државата ќе направи сѐ за да им помогне на преживеаните.
Медиумите јавуваат за засилени безбедносни мерки
За големата трагедија зборуваше градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. Тој изрази сочувство до семејствата на жртвите. Собјанин додаде дека сите спортски, културни и други настани во Москва се откажани за викендот. Музеите и театрите во руската престолнина, исто така, најавија дека привремено ќе бидат затворени.
Како што јави руската државна телевизија, зголемени се безбедносните мерки во неколку поголеми градови во земјата и на аеродромот во Москва. Според новинската агенција Тасс, Црвениот плоштад во центарот на Москва е блокиран.