На владата и` се брза со изградбата на коридорите 8 и 10д
5 мај 2023Новите пет законски измени коишто ги предлага Владата за да се забрза изградбата на коридорите 8 и 10Д ќе се носат со европско знаменце. На тој начин државата очекува поефикасно да се реализира стратешкиот проект, со кој земјата од „обиколница, ќе стане главна крстосница во регионот“. Владин тим во петокот на прес-конференција ги презентираше аргументите зошто се потребни законските измени и што ќе значат тие за сите стратешки проекти во земјата.
„Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза, поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата, Владата усвои пет предлог закони коишто ќе ги достави до пратениците. Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европски коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратешко значење, заедно со Коридорот 10 и кракот 10Д, одлучивме законите да се предложат со европско знаме“, информираше првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби.
Владиниот тим кој го бранеше проектот за коридорите, упати апел до пратениците да се откажат од блокади и да не ги „поскапуваат автопатиштата“. „Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино, или бавно и поскапо. Над 150 милиони евра се држат во заложништво, како и две години од животот на граѓаните“, порача Груби.
Коридорите да се градат побрзо и поевтино
Договорот за изградбата на коридорите изминатиов период интензивно ја бранува јавноста. Груби вели дека по извршени консултации било увидено дека автопатиштата можат да се реализираат побрзо и поевтино, па „место проектот да чини скоро 1,5 милијарди евра, со законските измени тој би чинел 1,3 милијарди евра“. Бенефитот е што ќе се добие поефикасен систем за изградба на коридорите, но и на идните стратешки проекти.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека законските измени не ги бара компанијата „Бехтел и Енка“, туку домашните институции со цел да се олеснат административните процедури и да се забрза изградбата на сите стратешки проекти. Доуредувањето на законите ќе биде од полза и за изградбата на стратешките проекти за железницата, гасоводите, енергетиката.
Крстосница или обиколница на Балканот?
„Веќе нема време за калкулации кои патишта ни се повеќе потреби, но едно е јасно: или ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или ќе останеме обиколница“, рече Бочварски.
Владата поднесе предлог закони за работните односи, за градба и урбанистичко планирање, како и за експропријација, со коишто се тврди дека се заштитуваат правата на граѓаните. Министерот за финансии, Фатмир Бесими е дециден дека нема да има експропријација на нелегално изградени објекти, туку целта е да се штитат правата на семејствата коишто живеат во објекти коишто ќе треба да бидат отстранети на трасата. Тој најави и ослободување од сите давачки на промет на компаниите кои ќе работат на изградба на коридорите, но тие нема да бидат ослободени од другите јавни давачки. Што се однесува на дилемата за прекувремена работа на коридорите, министрите се децидни дека нема да се дозволи нивна експлоатација, дека се работи за доброволна прекувремена работа, за што ќе треба да се добие писмена согласност од работниците.
На прес-конференцијата во Владата присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии, за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставници на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд. На прес-конференцијата, не присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на САД.
Коридорите 8 и 10д, се досега најголемиот инфраструктурен проект во земјата. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. Изградбата на овие два коридори, според Владата, значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните. На 22 април стартуваа подготовките за градежните работи на дел од Коридорот 8, а на 12 мај ќе започнат подготовките и за изградбата на Коридорот 10д.