Гужви за пасоши во амбасадите- со патен лист полесно до дома
9 февруари 2024Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, неколку дена пред истекот на рокот на важноста на патните документи на кои не стои новото име на државата, вели дека нема простор за паника. Тој на брифинг со новинарите информираше дека граѓаните коишто се затекнале во странство по 12 февруари, а поседуваат стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државата со патен лист кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.
Најголем наплив за барања на патни листови има во Германија.
„Таму има и две нови мобилни станици за издавање патни исправи. Најголем е напливот во Бон, каде се издадени над 6.000 патни листови. Потоа во Берн, Берлин, Минхен, Венеција, Рим и Љубљана“, рече Османи.
Овие претставништва ќе работат во две смени и за време на викендите.
Патни листови ќе се праќаат и по пошта
Во државите кадешто нема македонски дипломатско-конзуларните претставништва, како а пример во Африка каде што има претставништво само во Каиро, се работи на е-конзулат и патните листови ќе бидат праќани по пошта.
На 12 февруари истекува рокот предвиден со Преспанскиот договор, со кој земјата треба да ги замени личните карти, пасошите и регистарските таблички на возилата со новото име и ознака на државата - Репубика Северна Македонија.
Поради неможноста да се заменат сите документи во предвидениот рок, претседателот Стево Пендаровски иницираше да се побара одложување на рокот до септември - октомври. Од Грција во меѓувреме порачаа дека обврските од договорот мора да се испочитуваат.
Личните карти ќе продолжат да важат и по истекот на рокот, но проблемот остана со пасошите кои се неопходни за патување во странство. МВР презеде мерки со цел да се олесни вадењето на документите и да се забрза целиот процес.
Како да се олесни процесот?
Премиерот на техничката влада Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“ изјави дека не се исклучуваат комуникациите со сите чинители кои можат да го олеснат процесот со патните исправи.
„Ние прво треба да преземеме мерки и активности кои се во наша надлежност и одговорност. Не се исклучуваат комуникациите со сите чинители кои можат да го олеснат процесот. Но, прво ние треба да одговориме на нашите обврски овде, за да ги спроведеме нашите обврски. Тоа што не може да се доврши е предмет на размислување и по тој пат да се искомуницираат сите фактори кои можат да влијаат на средување на оваа состојба, да се исполнат обврските во соодветен рок, време, процедура за да обезбедиме функционалност на сите потреби на луѓето“, изјави премиерот Џафери на прашањето дали како Влада ќе се преземат мерки да се олесни состојба со патните исправи, дури и во комуникација со Грција.
На прашањето дали на 12 февруари Република Северна Македонија, Владата има обврска да го информира светот дека тие патни исправи повеќе не важат, премиерот Џафери потенцираше дека тоа се меѓународни норми и прописи кои се во надлежност на МВР, но дека ќе се направат соодветни консултации на ниво на Владата, консултации со меѓународните институции и после извршените консултации ќе се има и конечна одлука дали ќе се пристапи или нема кон таа процедура да се спроведе или не.