Отворена новата американска ракетна база во Полска
14 ноември 2024Маринци седат во публиката додека полскиот претседател Анджеј Дуда излегува на сцената. Новата американска станица за лансирање ракети во Реџиково во северна Полска и припаѓа на американската морнарица и, објаснуваат полските воени експерти, технички е американски воен брод закопан во земја.
Тоа не е случајно, бидејќи системот овде е копнена верзија на „Егис“, поморски систем за пресретнување балистички ракети со среден дострел. За Дуда, она што системот може да го направи е помалку важно отколку каде се наоѓа - имено во Полска.
Системот е наменет за пресретнување на проектили во атмосферата
„Од моментот кога оваа база се наоѓа тука, целиот свет јасно ќе види дека ние повеќе не сме руска зона на влијание“, порача полскиот претседател. „Можеме со сигурност да кажеме дека и во оваа чисто физичка смисла, САД се гарант за безбедноста на Република Полска и на целиот НАТО".
Фактот дека ракетната база, заедно со идентична станица во Романија, радар во Турција и американски воен брод во Средоземното Море, може да пресретнат балистички ракети високо во атмосферата, веројатно нема да биде од голема помош за Полска во случај на директен напад. Она што е многу повредно од перспектива на владата во Варшава е фактот што САД за прв пат трајно стационираа војници во Полска, а не - како што е обично - ротирање на единиците.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го потпиша договорот за изградба на американската база во 2008 година. „Тоа беше неколку дена по руската инвазија на Грузија и тоа не беше случајно“, објасни Сикорски. „Оттогаш имаше неколку промени на власта во САД и Полска, но темелите беа изградени. Денес, ова не само што ја штити територијата на САД, туку и таа на ЕУ.
Пофалба од генералниот секретар на НАТО
Американскиот ракетен штит, покрај сопственото масивно вооружување и воената безбедност на источната граница, е следниот важен елемент во стратегијата на Полска. Премиерот Доналд Туск изминатиот викенд уште еднаш изјави дека Полска ќе стане водечка сила во одбранбената политика на ЕУ. Времето на „политички аутсорсинг“ заврши, исто така со поглед кон следниот американски претседател Доналд Трамп.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте го потврди ова во средата за време на неговата посета на Варшава. „Мораме да направиме повеќе и да го направиме тоа побрзо“, побара тој. Тој истакна дека знае дека може да смета на Полска. Примерно е што земјата троши четири отсто од својот бруто домашен производ за одбрана. „Ова испраќа јасна порака - не само до нашите противници, туку и до САД, дека Европа разбира дека мора да направи повеќе за нашата безбедност."
Шефот на полската држава Дуда сега сака да се сретне со американскиот претседател Трамп што е можно побрзо. Премиерот Туск се потпира на истомисленици во Европа: Франција, балтичките и скандинавските држави. Тој не ја именуваше Германија. Можно е луѓето во Варшава да претпоставуваат дека Берлин ќе дејствува само кога другите ќе повлечат - и кога ќе има нова влада.
Автор: Мартин Адам, АРД