Кој сѐ бил инволвиран во креирање на лажни вести и анкети?
5 април 2024Се шири кругот на лицата коишто наводно биле вклучени во креирањето на лажни вести и анкети.Неколку дена откако беа објавени документи дека постоел оперативен план за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите, кои во изминатиот период биле објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ), партиите продолжуваат меѓусебно да си ја префрлаат вината и да објавуваат нови материјали како доказ. Обвинителството, пак, потврди дека до нив е доставено известување од Министерството за внатрешни работи дека има кривична пријава од три лица во врска со настанот.
Потенцијално кривично дело
На прес-конференција во СДСМ, пратеничката Даниела Николова го повика претседателот на ДИК, Александар Даштевски да одговори како неговото име е инволвирано во „оперативниот план за лажните анкети и оцени дека е тоа потенцијално кривично дело“
„Скандалот со лажните анкети и документите од оперативниот план на ДПМНЕ отвораат уште еден аспект, директно поврзан со изборниот процес. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски е наведен како задолжено лице, заедно со други лица, за неопределени гласачи, обезбедување избирачки список. Согласно сите законски прописи, претседател на ДИК не може и не смее да учествува во партиски активности, а никако нема право да се меша во предизборни активности на која било партија“, вели таа.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија деновиве објави документи со кои, според нив, се потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. Од опозициската партија возвратија дека документите се лажни и побараа извинување. Во спротивно најавија тужба за клевета.
Уредувачкиот колегиум на МТВ, пак, преку соопштение порача дека јавниот сервис се соочува со неосновани напади. Тврдат дека своите обврски ги реализираат согласно законските регулативи и етички норми, а секое намерно и неосновано поткопување на довербата на граѓаните во јавните институции по дефиниција е штетен наратив.
Цела шема на креирање лажни анкети
Но, според СДСМ постоела цела шема за креирање на лажни анкети. Се договарале емисии за анализирање на анкети од ИПИС, се дефинирал составот на гостите на емисијата со 3 опозициски аналитичари, дури имало и одговорен за ширење лажни вести преку т.н. „дувла“, наведоа од партијата.
Од каде доаѓаат документите?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека СДСМ се користи со црна кампања, измислување и фалсификување на документи. Според него, власта „има понуда на фалсификувани листови хартија, непостоечки записници кои изобилуваат со детски грешки и многу невистина“.
Во однос на материјалите коишто се објавуваат за оперативниот план за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите, Мицкоски вели дека изворот на СДСМ своите услуги првин му ги понудил нему.
„Изворот на таквите вести е еден балкански мешетар и контрактор со потекло од Израел кој скапо го платиле со украдените пари од тендерите кои ги местат и го крадат народот. Тој мешетар е познат по таквите измислувања и фалсификувања и ширење лажни вести“, рече Мицкоски и додаде:
„Ова го кажувам за да не наседне ниту народот ниту пак медиумите на ваквите лаги. Го кажувам ова за да знае и Ковачевски дека истиот човек пред да отиде кај него, беше кај мене и ми понуди да прави фалсификати документи за власта кои ќе ги продаваме во јавноста за големи скандали. Мојата порака кон овој мешетар беше јасна, јас во политиката влегов да градам и поправам, а не да растурам и расипувам работи или терам црни кампања“, рече Мицкоски на митингот со кој беше означен почетокот на кампањата на Гордана Силјановска Давкова за претседател на државата.